„Ноќ. Пајтон. Господинот ја кажува адресата на хотелот. Дамата наивно гледа пред себе…“ Во доменот на елитната проституција во тоа време, клиентите, според договорот, заедно со придружничката заминувале во некој скопски хотел
Скопје има своја историја на пороците. Како што впрочем ја имаат сите градови во светот, кои поради својата географска, историска или економска положба биле подложни на нивното нагласено присуство. Пред осумдесет или сто години, Скопје било споредувано со градовите како што се Цариград, Бомбај или Буенос Аирес, иако немало толкав број жители. Споредбата била направена поради присуство на подземјето, кое било слично на она во големите светски метрополи, каде што пороците земале замав. А тие сочинувале една тројка, која речиси насекаде е иста: дрогата, проституцијата и коцкањето. Тие биле дел од ноќниот живот во градот, каде што било моќно подземјето. Малку е познато дека во скопското подземје, особено на почетокот на 20 век, најчесто се употребувал хашишот. Преку Цариград, бил шверцуван дури од Бомбај во Индија. Постојат егзотични и речиси филмски приказни за тоа на кој начин хашишот и другите опијати пристигнувале во Скопје. Насекаде во градот, хашишот бил познат под името „отровно чоколадо“.
Зошто отровно чоколадо? Најпознат негов шверцер бил скопјанецот со прекар Шишко. Тој имал свои луѓе во Цариград, од каде што го преземал индискиот коноп, кој пристигнувал дури од Бомбај. Така, по тајни канали Шишко го пренесувал конопот во Скопје, а од него се правело „отровното чоколадо“, на следниот начин. Најквалитетниот индиски коноп се нарекувал „бенарес“, „малва“ или „тумбеќија“. Во Скопје го викале уште и „ашаш“ или „асрар“. Од конопот се вадел толчникот, потоа се правел прашок, кој се виткал во хартија и се навлажнувал со малку вода. Така навлажнет се ставал во жешка пепел и за неколку минути се создавала цврста маса, која личела на чоколадо. Ноќе, тајно, низ скопските сокаци, Шишко влегувал низ мистериозни капиџици, препродавајќи ја дрогата. „Варми асрар? Вар!“. Корисниците на „чоколадото“ ги нарекувале опиомани. Велат дека Шишко не заработил многу пари, но дека неговите соработници станале милионери. Тој самиот ја користел дрогата, а од неа и умрел.
За проституцијата постојано откриваме нови детали. Во еден запис од триесеттите години се вели: „Ноќе, Скопје замирисува на велеград. Во тие мигови излегуваат ноќните работници. Во смокинзите, нови или излижани, кријат ками и пиштоли. Подземјето на градот се буди додека другите спијат. Неколку стотини жени во тие мигови ги облекуваат најубавите здолништа. Со пудра и кармин си ги мачкаат восочните лица, а во устата си прскаат колонска вода. Евтината пудра и механичката насмевка ги чини жените на ноќта заводливи“. Во тоа време, дамите на ноќта, проститутките, биле именувани по име, и не било ништо необично нивните имиња да се појават и во весниците. Еве уште еден таков опис: „Ноќ. Пајтон. Господинот ја кажува адресата на хотелот. Дамата наивно гледа пред себе…“ Во доменот на елитната проституција во тоа време, клиентите, според договорот, заедно со придружничката заминувале во некој скопски хотел.
Проституцијата во еден период била легализирана, а дрогата била забранета, како и коцкањето. Сепак, коцката била присутна насекаде. Комарот, исто така, бил голем порок, кој предизвикувал големи трагедии. Што се играло во Скопје? По ноќните собиралишта се играле „ајнц“, „мунте“, „дарде“, „барбут“. Но, се играл и покерот, и тоа по отмените станови и куќи. Со покерот, илјадници динари преоѓале од рака во рака, и тоа за само една ноќ. За една ноќ се губело цело богатство. На кои места во Скопје најмногу била присутна коцката? Се играло во малите кафеанчиња околу ресторанот „Шибеник“, во подрумот на наречен Скаламерија, во театарското бифе, во хотелот „Москва“ и во многу други. Постои и еден куриозитет. Главниот при играњето карти „мунте“ го нарекувале „фамулус“. Фамулусот се грижел за сѐ. Еве како изгледала атмосферата при едно коцкање: „Околу 4 часот наутро, ноќната јазбина на фамулусот ја посетуваат отмени гости. Тие, со љубопитност ги посматраат играчите. Се ракуваат со фамулусот и коментираат: ’Ова се вистински, оригинални типови’. Ниту Џек Лондон не би можел да сретне поинтересни. А потоа, настанува тепачка. Отмените господа внимателно исчезнуваат. Фамулусот лично се вмешува. Неколку силни крошеа и жешки шамари го расчистуваат спорот. Коцкањето повторно започнува. Секој од овие присутни луѓе има посебна историја, и секој за себе е роман досега ненапишан. Ако следната ноќ не дојдат да продолжат со коцката, типовите сигурно заминале да пушат хашиш. Зашто, и тоа во Скопје го има“.
Пороците, за жал, опстојуваат во сите времиња. Иако во други услови, тие се присутни и денес, и личат на некогашните, по атмосферата, по амбиентите, а најмногу по деструкцијата. Покерот во отмените друштва и станови, казината, губењето големи суми прекуноќ, проституцијата, која е присутна „од горе до долу“, во сите пори на општеството, а дрогата одзема животи повеќе од кога било. За жал.