За време на Втората светска војна и окупацијата, тој бил речиси единствениот чувар на овој споменик на културата. Времињата биле воени и опасни. Окупаторот сакал, под изговор за заштита на скапоцениот иконостас од бомбардирањата, да го изнесе надвор од Македонија. Чичко Ѓорѓи успеал навреме да ја информира скопската јавност, да ги извести и да ги предупреди граѓаните за оваа опасност
Не само за време на нашето детство кога од основно училиште нѐ носеа во црквата „Св. Спас“ за да се запознаеме со нашето национално богатство, со иконостасот во резба, туку и денес, кога во чаршијата постојат неколку мајстори копаничари и тие ја раскажуваат истата приказна. И тие ја посетувале црквата и се воодушевувале од тој скапоцен споменик на уметноста и културата.
Во Скопје постоеше еден човек што имаше таква дарба за раскажување, како да беше излегол од старите приказни и преданија. Тоа беше неповторливиот водич низ знаменитостите на црквата „Св.Спас“, Ѓорѓи Христов. Тој на посетителите им ја раскажуваше историјата на црквата, навлегувајќи детално во сите нејзини вредности и уметнички скапоцености што таа ги крие во себе. Како деца, кога од училиште нè носеа да ја запознаеме црквата, останувавме неми пред раскажувањето на чичко Ѓорѓи. Бевме занесени, зашеметени од монументалниот иконостас од резбано оревово дрво и од библиските приказни. Во тоа време, тој нам ни беше како лик од народните приказни. Ни раскажуваше за мајсторите на македонското копаничарство Петре, Марко и Макарие, за чудесните орнаменти на флората и фауната на Македонија, за народната носија, за раскошните мотиви и сцени од Библијата, кои оставаа силен впечаток врз нас.
За некои од нив, тогаш првпат бевме слушнале, ни беа вистинско неповторливо доживување и откритие.
Ѓорѓи Христов е, всушност, долгогодишен водич низ споменикот на културата, црквата „Св. Спас“, кој бил вработен во Заводот за заштита на спомениците на Град Скопје, денес познат под името Градски конзерваторски центар. Многу необична и интересна е неговата професионална кариера, но и животната судбина. Тој истовремено е човекот што имал исклучителна улога да го спречи окупаторот за време на Втората светска да го изнесе надвор од Скопје и од границите на Македонија познатиот иконостас во резба. Какви се неговата животна судбина и историја? Најпрвин, како помлад, му помагал на татка си, кој работел како клисар во истата црква. Роден е во 1903, а улогата на водич ја извршувал со децении, речиси до неговата смрт во 1990 година. Во тој огромен временски период станал препознатливост, не само за црквата туку и за нашето пошироко национално и културно милје. Пречекувал и испраќал голем број посетители, од обичните граѓани до најпознати светски личности.
Кога се пензионирал, продолжил, без надомест, со голема љубов да ја извршува работата. И не само тоа. Во еден период, семејството живеело во објектот наспроти црквата. Немал работно време – ако било потребно на полноќ, на полноќ бил подготвен да пречека некој висок гостин или делегација.
Со чичко Ѓорѓи е поврзана уште една возбудлива приказна, која им е непозната на младите генерации. За време на Втората светска војна и окупацијата, тој бил речиси единствениот чувар на овој споменик на културата. Времињата биле воени и опасни. Окупаторот сакал, под изговор за заштита на скапоцениот иконостас од бомбардирањата, да го изнесе надвор од Македонија. Чичко Ѓорѓи успеал навреме да ја информира скопската јавност, да ги извести и да ги предупреди граѓаните за оваа опасност. Така, ова наше национално богатство, наместо да биде отуѓено, било заштитено во трезорите на Народната банка во Скопје и, за среќа, така било зачувано. Ѓорѓи Христов имал многу пријатели и почитувачи, свои доверливи, конспиративни луѓе, кои несебично му помагале во оваа акција.
Една од возбудливите приказни на чичко Ѓорѓи беше за животот и делото на Гоце Делчев, чиј саркофаг од бел делкан камен се наоѓа во дворот на црквата. Во времето кога неговата славна внука Лика Чопова живееше во Скопје, беа објавени книги и разговори од наши познати писатели и новинари за нејзиниот живот. Ние имавме можност лично да ја видиме неговата внука во црквата, особено секој 4 февруари и 4 мај, кога таа редовно доаѓаше да му оддаде почит на великанот. Заедно со Чопова можеше да го сретнеме и чичко Ѓорѓи, кој неуморно присуствуваше на чествувањата. За среќа, зачувана е една фотографија, на која тие можат да се видат заедно во „Св. Спас“ – во средината е внуката на Гоце Делчев, со препознатливата шапка што таа ја носеше, а сосема лево е чичко Ѓорѓи. Речено е дека животот пишува приказни, а по игра на судбината, при моето прво вработување во новинарството, работев заедно со Димитар Христов, еден од двајцата синови на чичко Ѓорѓи. Со него многу години бевме колеги и имав можност подобро да го запознаам семејството. Така, од прва рака, можев да го склопам мозаикот за овој исклучителен човек.
Но има уште еден куриозитет. Неговата внука Лидија пред пензионирањето работеше во Градскиот конзерваторски центар, а нејзиното секретарско биро беше токму во просторијата каде што некогаш се наоѓала дневната соба на семејството Христови. Во тие простории бил нивниот дом. Кога академик Харалампие Поленаковиќ имал можност да се запознае со неговите беседи, му рекол: „Ѓорѓи, од мене, како професор, според она што го слушнав од тебе за црквата и резбата, имаш чиста десетка“. Чичко Ѓорѓи Христов има чиста десетка и за спасувањето на резбата, нашето национално богатство. На фотографиите Ѓорѓи Христов може да се види во друштво со Коста Балабанов, како и со вработените во Градскиот завод за заштита на спомениците на Скопје. Ете, тоа беше дел од приказната за Ѓорѓи Христов, една од скопските легенди што живее.