Што се случило во меѓувреме со овој автомобил, дали тој и денес постои? За среќа – постои. Тоа низ насмевка ми го потврдува Стево Милошевски. И не само тоа. Ме води на самото место да ми го покаже овој своевиден филмски јунак. Каде се наоѓа тој денес?
Во 1961 година снимен е филмот „Мирно лето“, кој е првиот игран филм од македонски режисер, а истовремено и првата македонска филмска комедија во режија на Димитрие Османли. Тешко е од денешен аспект да се објасни, а особено на помладите генерации, колку големо внимание предизвика овој филм, со колку љубов и воодушевување беа посетувани неговите проекции во кината. Главното дејство се одигрува во Охрид, иако делови од филмот беа снимени и во Скопје. Во она мирно, тивко, предземјотресно Скопје, со својот тогашен неповторлив шарм и убавина, но и убавината и неповторливоста на Охрид, како копнеж и желба на поинаков начин да се доживеат летните денови и авантури. Иако во тие години бевме на тинејџерска возраст, низ Скопје се ширеа приказни на кои места е снимен филмот, во кои објекти, што потоа бевме да ги посетиме, да ги видиме одблиску, особено делови од палатата на Рубенови во паркот.
Настапуваа врвни, во тоа време особено популарни актери, но врвни мајстори беа и камерманите (Љубе Петковски), сценографите (Диме Шумка), сценаристите (Фрида Филиповиќ), монтажерите (Маја Лазаров), сето тоа беше обединето под режисерската палка на Димитрие Османли и продуцентот „Вардар филм“. Внимание привлекуваше самиот жанр – комедија, но и артистите што оставија траен белег во филмската и во театарската историја: Љупка Џундева, Слободан Перовиќ, Мери Бошкова, Дарко Дамевски, Илија Милчин, Петре Прличко, Илија Џувалековски, Ацо Јовановски, Стојка Цекова… Добро е денес накратко да се потсетиме на содржината и на заплетот на филмот: младиот научник Заре Мисевски и неговата сопруга Мира, костимографка во театарот, живеат во изнајмена соба во Скопје. На Заре како на научник му е дадена задача (и клучевите), преку летото да го среди Етнографскиот музеј во Охрид. Тие престојот во Охрид и во музејот го замислуваат како оаза на мирот и спокојството. Но наскоро во објектот ќе им се придружат голем број роднини и пријатели, непоканетите и неочекувани гости, кои пристигнуваат и се сместуваат дури и во дворот. Мирот и спокојството ќе се претворат во метеж и хаос. Мирното лето ќе стане само иронична флоскула за едно немирно и бурно, но сепак возбудливо поминато лето.
Но во филмот се појавува уште еден јунак што не смее да се заборави, и кој во дејството внесува посебен шарм: тоа е италијанскиот автомобил „фиат балила“, кој им помага на јунаците од филмот, но им прави и проблеми кога ќе се расипе. Бидејќи и тој станува славен, се поставува прашањето што станува понатаму со овој особено привлечен олдтајмер, каква е неговата судбина, и дали тој постои и денес. За неговата судбина и историја ни раскажува пасионираниот вљубеник во автомобилите и автомобилските трки, скопјанецот Стево Милошевски, кој е вљубеник во сѐ што се движи на две или на четири тркала, и кој според звукот на моторот ја распознава марката на автомобилот: „прага“, „шевролет“, „фиат“. Тој е еден од сопствениците на „фиатот“ од филмот „Мирно лето“, затоа и добро ја познава приказната за него.
„Фиатот“ е произведен во Торино во 1932 година. Во 1956 година скопјанецот Раде Мадиќ, познат мотоциклист, го донел во Скопје. Во 1961 година втор сопственик на автомобилот бил Сотир од Ново Маало, а токму во таа година режисерот Османли го користел за снимање на филмот „Мирно лето“. Во 1969 година „фиатот“ учествувал на изложбата на олдтајмери во Белград, освоил трета награда, а сопственикот добил позлатен часовник. Истата таа година „фиатот“ станал сопственост на Стево Милошевски, кој цели две години го реставрирал. Така, овој автомобил и понатаму останал љубимец и главен јунак на многу репортажи, но и на уште еден игран филм. Од 1969 до 1980 година, со него се снимени голем број емисии со староградски амбиент и музика, а подоцна и рекламни спотови. За свој маркетинг го користи и една пејачка група од Загреб.
Стево Милошевски изнесува и еден податок што е малку познат во јавноста. „Фиатот балила“ учествувал и во снимањето на филмот „Време, води“ на Бранко Гапо во 1980-тите години. Поради проблемите што настанаа при снимањето на овој филм, некои сцени се преснимени, меѓу кои и оние со „фиатот“ кој го управувал неговиот сопственик. Во 2005 година се организира изложба на олдтајмери во Музејот на градот Скопје, на која учествувал и „фиатот балила“, а тој бил дел и од познатата изложба на олдтајмери во 2011 година. Што се случило во меѓувреме со овој автомобил, дали тој и денес постои? За среќа – постои. Тоа низ насмевка ми го потврдува Стево Милошевски. И не само тоа. Ме води на самото место да ми го покаже овој своевиден филмски јунак. Каде се наоѓа тој денес?
Во една тесна улица во близината на Католичката црква, во гаражни простории од една зграда, опкружен со алати и со многу старини, онака како што му доликува, ги минува деновите славниот „фиат балила“. Скопската легенда што сѐ уште трае. Се фоторафираме со него. Со младешкиот и крепок изглед, ви се присторува дека повторно ќе тргне на едно од своите незаборавни патешествија.