Кај нас, но и во другите балкански градови, постоел страв од еден лош знак, кој укажувал дека целото семејството може да го зафати чума. Имено, тоа неизбежно ќе се случело, ако во ноќните часови глутница кучиња лаеле пред нечии порти. Народот ги бркал кучињата, но залудно. Не знам дали и какви кучиња го лаеле Пиколомини, но проклетството очигледно и него го стигнало
Скопски легенди
Во Скопје постојат повеќе легенди, кои зборуваат за чудни, таинствени знаци што носат несреќа. Бидејќи тие легенди и приказни честопати се базираат врз конкретни појави, проклетството и злата судбина што ги снаоѓаат луѓето подоцна се поврзуваат со нив. Се разбира, во сето тоа има многу претерувања, но и интересни приказни. Не случајно останала изреката „вардете се, не чепкајте во проклетството на тајните знаци“. Секое прекршување на верувањата, може да доведе до несакани последици. Некому сето тоа му изгледа ирационално и претерано, но некому реално, бидејќи последиците ги искусил на сопствената кожа. Англискиот патописец и лекар Едвард Браун го посетил Скопје во седумнаесеттиот век. Оставил многу записи за градот. Но и запис за еден чуден симбол. Тој никако не можел да го одгатне тој симбол, какво значење се криело во него. Дали тоа било некој таен знак? Имено, вели Браун, на еден камен, кој некогаш служел како столб, бил испишан зборот: „SHIAN“. Подоцна се кажувало и се прераскажувало, дека тоа бил таен знак, кој, всушност, ја навестувал трагичната судбина на градот. Едвард Браун допатувал во Скопје само неколку години пред генералот Пиколомини да го запали градот. Тоа се случило во 1689 година. Ете, така се мешаат реалното и иреалното, легендата и стварноста. Легендите секогаш кријат една уметничка визија во себе, но и реални настани. Во Скопје во тоа време владеела голема чума. Кај нас, но и во другите балкански градови, постоел страв од еден лош знак, кој укажувал дека целото семејството може да го зафати чума. Имено, тоа неизбежно ќе се случело, ако во ноќните часови глутница кучиња лаеле пред нечии порти. Народот ги бркал кучињата, но залудно. Не знам дали и какви кучиња го лаеле Пиколомини, но проклетството очигледно и него го стигнало. По само неколку дена, враќајќи се од Скопје, тој во Призрен починал од чума. Велат дека тоа било проклетството што опожарениот град го фрлил врз него.
Лаежот бил знакот што навестувал трагичен крај за генералот. Етнолозите наведуваат многу други такви интересни приказни од Скопје и неговата околина. На пример, во селото Студеничани имало прекрасна корија, која не смеела да се сече. Дрвјата се сечеле само по потреба и тоа за погреб на мртвите. По тој повод, коријата можеле да ја користат и селаните од другите села. Во спротивно, секое посегање и сечење на дрвјата било лош знак. Тој што ќе посегнел по нив, се вкочанувал во половината за цел живот. Велат дека такви примери имало повеќе. Пред многу години, месното население од селото Горно Количани започнало да го бие малер, бидејќи посегнало по црниот, делкан камен, кој долго време стоел на крајот од нивното село. Црниот камен го скршиле, мислејќи дека во него ќе пронајдат пари. И тука се мешаат легендата и стварноста. Постојат и други симболи што можат да бидат лош знак и несреќа, но во зависност од верувањето, да донесат и надеж или успех. За еден таков пример зборува познатиот Салих Асим Рустем-бег. „Во село во близината на Скопје“, вели Рустем-бег, „постои една градба во чиј центар има еден монолитен камен столб“. Каков бил тој чуден монолитен столб? „Луѓето сметаат“, продолжува натаму авторот, „дека е среќа ако можат да го опфатат столбот со свои раце, а несреќа ако не успеат во тоа“.
Но за вакви примери не треба да се враќаме многу во минатото. Старата скопска чаршија денес е преполна со приказни, тајни знаци, симболи, на кои треба да им обрнеме внимание, да ги бараме и истражуваме. Има во неа сѐ уште столбови, тајни натписи, неодгатнати слоеви од стари градби, неистражени арки, лековити води, гробови на освојувачи, стари бунари, ѕидови во кои се измешани повеќе цивилизациски нивоа. Ќе спомнам уште еден таков пример. Во чаршијата, ми раскажуваат неодамна локалните жители, постои куќа во која е вграден еден чуден симбол. Симболот може да се забележи во нејзините темели и јасно да се распознае. По своите облици и зачуваниот натпис, очигледно станува збор за надгробна плоча. Како се случило плочата или самиот гроб да бидат вградени во темелите на живеалиштето? „Тоа е лош знак“, коментираат тие и раскажуваат чудна приказна „Пред неколку години, се почна со нова градба до старата куќа. Ненадејно, под неразјаснети околности, почина еден од градителите“.
Ете, затоа се интересни легендите бидејќи тие се мешаат со стварноста. А стварноста, како во овој случај со чаршијата, станува повозбудлива и од самата легенда. Во дворот на црквата „Св. Спас“ постои подна мермерна плоча во вид на крст, чија иконографија може да се толкува на различни начини. Таа е загадочна и предизвикува особен интерес. И уште еден куриоизитет – пред неколку години, во својот двор, еден жител од Црниче ископал плоча од починатo воено лице на која, на германски јазик, е испишано името „ШИНДЛЕР“. Бев да ја видам и ја фотографирав таа плоча. Сето тоа асоцира на познатиот филм на Спилберг „Шиндлерова листа“, иако времињата се различни. Но дали постои каква било поблиска или подалечна семејна врска меѓу овие две личности, никој не може со сигурност да каже.