Скопски легенди
Постои една фотографија направена на скопскиот кеј пред земјотресот, која на извонреден начин го слика тогашно старо Скопје. Ми ја подари еден пријател, кој не знаеше како се нашла кај него. Фотографијата сѐ повеќе ме преокупираше, заедно со личностите прикажани на неа. Мајката ја држи за рака ќеркичката со панделка во косата и со љубов гледа во девојчето, кое е насмеано и блика од среќа. Со текот на времето фотографијата ја нареков „Среќно Скопје“, бидејќи таа навистина ја одразува атмосферата на Скопје од 1950-тите години. Во една поширока перспектива, во заднината се гледа и зградата на стариот Офицерски дом на плоштадот.
Постепено, фотографијата ми стануваше сѐ потаинствена и позагадочна. Нешто посебно ме влечеше да ја откријам тајната: кои се мајката и ќерката што шетаат на кејот. Во 1960-тите години се случи поплавата, се случи земјотресот, потоа поминаа многу години, дали ликовите сето тоа го преживеале, каква е нивната судбина, дали се живи? Разгатката одеше многу потешко отколку што мислев на почетокот. Преку еден весник побарав тие сами да се јават ако се препознаат, или да се јави некој нивен близок. Ништо. Молк, подолго време. И токму кога изгубив секаква надеж, еден ден ми заѕвони телефонот, ми се јави непознат женски глас: „Господине Данило, јас сум Јагода. Јагода Костовска, девојчето со панделка, од фотографијата“. Имав среќа.
Така започна да ми се разоткрива една фантастично интересна приказна за старо Скопје, каква што не очекував. Се откриваа ликови на познати интелектуалци и новинари, на историски ликови, уметници, настани и институции. А за да биде изненадувањето уште поголемо, трагата водеше и до Кочо Рацин, од времето кога тој престојувал во Скопје.
Јагода, девојчето со панделка, е ќерка на Јован и Веска (мајката од фотографијата) Костовски. Јован Костовски е наш познат интелектуалец, пред и по Втората светска војна, новинар, уредник, писател, театарски критичар, ловец и риболовец, вљубеник во природата. Тој е еден од оние ретки интелектуалци-универзалци, со широк и сестран дух, кои тогаш, а и денес, не се толку чести. Со високи естетски критериуми и ретки морални доблести, тој долги години го збогатуваше нашиот културен живот, особено со својата дејност во Скопје.
Роден е во славното Смилево и е во блиски роднински врски со Даме Груев. Неговото семејство најпрвин се преселило во Тетово, а потоа во Скопје, каде што Јован се запишал на познатата скопска Трговска академија, а потоа студирал на Правниот и на Филозофскиот факултет во Белград. Но отсекогаш најмногу го привлекувало новинарството, и нему најмногу му се посветил.
Во периодот меѓу двете војни, тој работи како новинар-уредник во познатиот весник „Вардар“, заедно со Кочо Рацин. Делеле една иста канцеларија, а сето тоа уште повеќе ги зближило и го зацврстило нивното пријателство. Тогаш тој самиот објавил две стихозбирки, а, покрај новинарството, се занимавал и со стенографирање. По војната, чичко Јово, како што нагалено ги викаа многу генерации наши интелектуалци, работи во Радио Скопје. Имал посебен придонес во формирањето на детската радиодрама, а автор е на многу репортажи и записи. Бил и во Советот на Младинско-детскиот (Куклениот) театар, кој подоцна ќе прерасне во Драмски театар. И она што е битно, а подзаборавено, тој бил и предавач на првата Школа за новинарство кај нас во 1950-тите години. Јован Костовски бил омилен, се дружел со сите уметници, бил боем во онаа најубавата смисла на зборот. Јагода, девојчето со панделка од кејот, која денес има 64 години, ми раскажува една анегдота во врска со познатиот диригент Ловро Матачиќ. „Татко ми“ вели Јагода „имаше ловџиско куче Џеки, кое го подучуваше да ,потпевнува` и оперски арии. Кога Ловро Матачиќ ни доаѓаше на гости, Џеки ќе му ја запееше ,Жене су варљиве…` Матачиќ, од изненадување, за малку ќе паднеше во несвест“.
Вера, сестрата на Јован Костовски, била мажена во семејството Бражански. Вера Бражанска е скоевка, а подоцна и уредничка на весникот „Трудбеник“. Треба бездруго да се споменат и познатите браќа Бражански новинари на „Нова Македонија“, Јордан и Димче. Еден од браќата на чичко Јово е татко на исто така познатиот и легендарен новинар Диме Костовски-Циго од Македонската радио-телевизија. Тоа е само дел од приказната што ми ја откри таинствената фотографија од скопскиот кеј. Фотографијата е направена во 1957 година, кога Јагода имала само четири години (родена е во 1953 г.). На една друга антологиска фотографија што ја објавуваме, малата Јагода седи на кејот и – чита весник.
Нејзината мајка Веска е битолчанка, која поголемиот дел од животот го поминала во Скопје. Како млада, отворена и дружељубива, учествувала во баловите во скопскиот Офицерски дом, ги следела модата и културните настани. Била вработена како дактилографка во Народното собрание на Република Македонија. Веска починала во 1972 г., а Јован Костовски, чичко Јово, во 1980 година во Скопје.