Верувале или не, тој е роден на 26 јули точно во 5.17 минути, 1964 година! Значи, една година по скопскиот земјотрес. Зачудува коинциденцијата дека е роден на истиот датум, во истиот час дури и минута кога се случил земјотресот! Истата година и истиот ден кога тој се родил, започнале Деновите на солидарноста во Скопје. Во знак на благодарност кон светот, кој даде несебична помош за разурнатиот град, неговиот татко одлучил новороденчето да го носи името Солидарко и да биде симбол на светската солидарност!
Веќе неколку години, Солидарко Георгиевски под наем го раководи делот од кафеаната „Идадија“, наречен „Идадија М“, што е само еден од поводите да се навратиме на неговата интересна животна приказна, која, пред сѐ, е поврзана со скопскиот земјотрес. Денес, да се викате Солидарко, и да бидете единствен со тоа име во Скопје, навистина е куриозитет. Како го добил името Солидарко Георгиевски и на какви доживувања наидувал во секојдневниот живот и во средбите со луѓето? Но не е куриозитет само неговото име, туку и повеќе необични околности што довеле до неговото крштевање. Верувале или не, тој е роден на 26 јули, точно во 5.17 минути, во 1964 година! Значи, една година по скопскиот земјотрес. Зачудува коинциденцијата дека е роден на истиот датум, во истиот час дури и минута кога се случил земјотресот! Истата година и истиот ден кога тој се родил, започнале Деновите на солидарноста во Скопје. Во знак на благодарност кон светот, кој даде несебична помош за разурнатиот град, неговиот татко одлучил новороденчето да го носи името Солидарко и да биде симбол на светската солидарност! Ете, така, денес сите го знаеме како Дарко Солидарко.
„Уште со моето прво одење и запишување на училиште“, раскажува Солидарко, „децата ме гледаа со особен интерес и чудење поради моето име. Не можеа да сфатат што значи тоа Солидарко и од каде доаѓа. И така, речиси сиот свој живот постојано морав да објаснувам и да раскажувам како сум крстен и како сум го добил името“. И по таткото Благоја и по мајката Вида Георгиевска, Солидарко потекнува од стари скопски семејства. Неговиот татко е спортист, музичар, познат по прекарот Керпич. Играл фудбал во Графичар, ФЦУ, Металец, Македонија, Вардар. Како музичар настапувал на првите скопски игранки по војната, во Соколаната и Поштенскиот дом. Мајката Вида многу години била секретарка во ЗОИЛ „Македонија“. Едниот од дедовците, Ѓорѓија Керпичар, имал куќа во Ново Маало, а потоа се преселил во Кисела Вода, каде што се занимавал со бавчанџиство, а подоцна и со производство на градежен материјал, тули и ќерамиди. Дедото по мајка држел позната кафеана во Топаана.
На денот на раѓањето на Солидарко, на 26 јули 1964 год., цело Скопје било преплавено со плакати и испишани пароли: „Светот се солидаризира со Скопје“, „Да живее солидарноста“. Тогаш се одржува и првата манифестација Денови на солидарноста. По една година, светот повторно му се враќа на градот на Вардар, доаѓаат пријателите, уметниците, фолклорни ансамбли и музички групи. Таткото Благоја Керпич чести, носи букети цвеќе во породилното, по двете ќерки, тој ден му се раѓа и синот Солидарко. „Чудно е, но тоа е така“, вели Солидарко, „моето име како да го одредило мојот карактер. Постојано сочувствувам со луѓето и сакам да им помогнам.
Донаторството ми е во природата. Ако некој сиромав дојде и ми побара леб, јас му давам сендвич. За него и за целото семејство. Израснат сум во традиционална фамилија, така што животот во старо Скопје ми е во срцето и во душата. Задоен сум со убавините на тоа Скопје. Кога би бил во можност да градам, би изградил иста куќа како нашата во Ново Маало, која се наоѓаше на местото на денешно ’Веро‘. Кога ја уриваа, јас се расплакав, толку многу ја сакав. Тие куќи беа со вистинска скопска атмосфера: убави дворови со цреша, стар бунар, мир и спокој, под лозницата се играа карти, се грицкаа семки, во визбите бочви со вино, наоколу опоен мирис на ружи, на анамска рака, стари порти со тешки, месингани украси. Сакам повторно да имам таков двор во кој може да влезе секој добронамерник и да биде послужен со слатко и вода, како што го правеа тоа моите. Понекогаш одам во Ново Маало, онака, за свој мерак, само за да прошетам по старата калдрма. Тогаш имам чувство како да лебдам над тие куќи и убавини. Некои од нив треба да се зачуваат“.
Солидарко на шега вели дека татко му играл фудбал – тој никогаш не играл, татко му свирел гитара – тој никогаш не свирел, едноставно не ги наследил тие дарби. Но затоа го наследил занаетот на дедо му од Топаана, кој држел меана. Дарко Солидарко со години успешно се занимава со угостителство. Претходно држеше меана во близината на грчката амбасада, каде што често го посетував. И тој објект најмногу беше посетуван од спортисти и спортски работници, фудбалери, фудбалски менаџери. Тој постојано вели дека е горд на своето име Солидарко.
Интересна е и приказната за имињата на децата што се родени на денот на земјотресот – 26 јули 1963 година во Скопје. Приказната за Сузана (Солза) Крстевска, потоа за Треско и Среќко родени истиот ден. Постои еден ваков запис од тоа време: „Во паркот пред клиничката болница на едно плато – прв плач. Првото породување по катастрофата. Син на Кина Јорданова од Скопје.
’Ќе се вика Треско‘, така вели докторката. ’За сеќавање на потресот‘. По Треско, Среќко. Уште едно дете. Мајка: Рада. Татко: Ѓорѓи Јовановски. ’Ние сме од Гази Баба. Куќата ни се урна…‘“.