Во Скопје има прекрасни примери кога народните маси преку разни форми на донација го помагале градењето на верските објекти.
Во 1835 година е завршена изградбата на црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ во Пајко Маало. Таа долго време била катедрална
црква во градот. Но без помошта од народот, црквата не можела да биде изградена
Скопски легенди
Во овие тешки услови на пандемија и смртна закана од коронавирусот хуманоста повторно се покажува на дело, како во целиот свет така и кај нас. Институциите и голем број поединци самостојно изработуваат заштитни маски и ги подаруваат, се донира сѐ што е неопходно за сегашната тешка ситуација, им се помага на беспомошните. Донаторството и хуманоста секогаш оделе заедно, а Скопје и скопјани секогаш несебично ги негувале низ целата своја историја.
Примерите покажуваат дека тие имаат големо и широко срце, а донаторството им е во крвта. Донаторството во Скопје има долга традиција, пред сѐ во однос на градењето на верските објекти. Религијата и црквата биле заштитнички што го чувале духовниот и националниот идентитет на народот.
Затоа, во Скопје има прекрасни примери кога народните маси преку разни форми на донација го помагале градењето на таквиот вид објекти. Во 1835 година е завршена изградбата на црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ во Пајко Маало. Таа долго време била катедрална црква во градот. Но без помошта на народот, црквата не можела да биде изградена. Во тоа време почнале да се формираат црковно-просветните општини како знак на националното будење на македонскиот народ. Познатите црковни општини, како и градбата на верските објекти, ги помагале скопските трговци чорбаџии.
Тоа се случило и со подигањето на црквата „Рождество на Пресвета Богородица“. Освен што донирале материјални средства, тие го организирале народот физички да помага при подигањето на црквата: каменот и материјалите се пренесувале од рака на рака, за да се забрза изградбата. Таа е опожарена во 1944 година, а потоа, на почетокот на 21 век повторно е изградена по пат на донаторство на бизнисменот Трифун Костовски. Во 19 век Хаџи Трајко подарил земјиште на кое била подигната црквата.
Прекрасен пример за љубовта на својот народ кон својата вера е обновата на црквата „Св. Спас“ по пат на донации. За собирање материјални средства се ангажирале мајсторите од Старата скопска чаршија. Реставрацијата на црквата е правена подолг период во втората половина на 19 век. Голема и бескрајна била љубовта на народот кон овој божји храм, за кој се претпоставува дека е еден од најстарите сочувани во Скопје, а неговите првични темели се лоцираат во 16 и 17 век. Со донациите бил реставриран познатиот иконостас, изработен во резба со мотиви од Библијата, кој бил започнат во 1819, а довршен во 1824 година, изработен од Петре Филиповски-Гарката и Марко и Макарие Фрчковски. Тогаш бил изработен и дел од иконите, а во 1867 година биле завршени престолните икони.
Така, со помош на народот, внатрешноста на црквата блеснала во својот полн сјај. Кон крајот на 19 век била реставрирана и црквата „Св. Димитрија“, со несебичната помош од голем број скопски донатори. Подоцна, во периодот помеѓу двете војни, подигната е камбанаријата со денешниот изглед, која била донација од видни скопски граѓани. Тоа донаторство е обележено со посебна плоча, на која се испишани имињата на дарителите. Денес се гради новата црква „Св. Константин и Елена“ на улицата Македонија, при што повторно се присутни голем број донации. Посебно е интересна приказната за донаторството поврзано со изградбата на чаирската црква „Св. Ѓорѓија“. Според хрониките напишани од страна на чаирчани, црквата е осветена во 1928 година од тогашниот владика Варнава.
Повеќе здруженија на занаетчии од тоа време учествувале во донаторството. Така, на пример, во дрворез биле изработени столовите за владиците, како и оние што ги употребувале верниците. Камбанаријата на црквата „Св. Ѓорѓија“ била една од најубавите во Скопје. Камбаната била донесена од Виена, платена со средствата кои биле собрани од чаирчани. Најтежок проблем било ѕвоното да се искачи на врвот од камбанаријата. Тој херојски чин сам го направил гимнастичарот чаирчанец Димче Нушев, што било негов личен придонес за подигањето на црквата. Хроничарите велат, исто така, дека за прв старешина на црквата бил поставен чаирчанецот Ацо.
Црквата „Св.Петка“ во Црниче има посебно интересна историја во врска со донаторството. Еден од жителите на овој скопски крај сонил дека во неговиот двор е закопана икона.
При раскопувањето на дворот се потврдило дека неговиот сон укажал на еден вистинит податок. Во својот двор навистина открил икона – иконата на света Петка. Тој веднаш го донирал тој свој имот за да може на него да се гради храм на св. Петка. Од другите донатори, како главни се споменуваат скопјаните: Коста Кранго, Антон Дерибаба, Димитар Стојанов, Никола Поп Панков и трговецот на велосипеди Диме Илиев. Со оваа црква е поврзано уште едно донаторство: имено, на црквата ѝ е подарена чудотворна икона што лекува, а која на црквата ѝ ја подарила скопјанката Нолчева. Таа ја пронашла иконата скриена во својот подрум за време на Втората светска војна, а за неа никој не знаел. Ја пренела иконата во својот стан, а иконата просолзувала при секое нејзино разболување. Иконата помагала за лекување од бездетност и други болести.
По наговор на еден од свештениците на црквата, Нолчева ја подарила иконата и таа денес е наоѓа во црквата. Многубројни се донациите и при градбата или доградбата на световните институции, медицинските установи, културните институции, проширувањето на Универзитетската библиотека и др. Познати се солидарноста и помошта на скопјани при временски непогоди, земјотреси, поплави. Еднакво значајни се и донациите за изградбата или возобновувањето на муслиманските верски, културни и други објекти, џамиите, медресите, библиотеките, познатите култни чешми или повторното подигање на безистенот во чаршијата во 1899 година.