Годинава (2019) се навршуваат точно 110 години од убиството на скопскиот војвода Васил Аџаларски. Војводата Васил Аџаларски е македонски револуционер, кој извршил силно влијание меѓу народот во Скопје и Скопско, така што неговата харизма трае и денес. Затоа, легендата за овој скопски војвода треба и натаму да се негува. Роден е во денешното село Миладиновци, некогаш познато како Аџалари, во 1880 година. Денес, заедно со уште неколку други села, тоа припаѓа на општината Илинден. Интересно е дека селото низ историјата честопати го менувало името во: Аџилари, Хаџалари, Аџиларе, Александрово, Василево. Селото под името Аџалари го спомнува и Ѓорче Петров во 1896 година, во книгата „Материјали за изучувањето на Македонија“. По завршувањето на Втората светска војна го добило името Миладиновци, според познатите струшки браќа преродбеници. Освен што било расадник на војводи од Македонската револуционерна организација, селото одиграло значајна улога и во доменот на економијата и трговијата, особено во скопска Блатија, како крстосница на повеќе патишта поврзани со железницата преку која се пренесувале големи количества жито.
Името на војводата е Васил Стојанов, а прекарот Аџаларски го добил според името на селото. Како член на организацијата, извршувал важни задачи како многу млад, пренесувал пошта, набавувал оружје, учествувал во разни акции. Поради таквата своја дејност бил уапсен и две години лежел во затворот во Куршумли-ан. Пролетта 1903-та најпрвин тој бил во четите на Сандо Чолакот и Боби Стојчев, а потоа во борбите станал познат војвода во скопска Блатија, но и пошироко. Неговата чета главно дејствувала во рамките на акциите на четите на исто така познатиот скопски војвода Даме Мартинов. Уште една личност од семејството Аџаларски станала славна. Тоа е војводата Трифун Аџаларски, братучедот на Васил, роден во истото село во 1882 година.
Најпрвин, во 1906-та тој дејствувал во рамките на четата на својот братучед, а во 1907 година се осамостоил со група комити, преземајќи акции во Скопско и во Кичевско.
По востанието, во периодот од 1904 до 1908 година, четата на војводата Васил Аџаларски водела жестоки борби со турскиот аскер. До времето на Младотурската револуција, тој бил скопски реонски војвода и ликвидирал повеќе бегови, што никогаш не му било заборавено. Османлиските власти постојано му биле зад петиците, во обидите да го уапсат. Во тој период, Аџаларски станал поддржувач на Народната федеративна партија. Понатаму, настаните се одвивале како на филм. Османлиите ангажирале специјални луѓе што ќе го следат војводата, за да можат што поскоро да го ликвидираат. За негов главен ликвидатор бил одреден Кор Расим, кој ја интензивирал потрагата по Аџаларски. Постоеле неколку обиди војводата да биде убиен, но тие биле безуспешни. Настојувањата за ликвидација се во градот, бидејќи семејството Аџаларски уште во 1901 година се преселило во Скопје, каде што живеело во граничните делови на Крњево и Карадак Маало.
Истражувајќи ја историјата на Скопје како хроничар, сосема случајно во 1990-тите години го запознав Перо Петровски, кој веќе беше во поодминати години и со своите познавања на градот стана еден од јунаците на серијата „Досие Скопје“. Неговата мајка Стојна Петровска била во директна роднинска врска со семејството на војводата Аџаларски и живеела исто така на просторот на Карадак Маало и Крњево. Таа многу добро се сеќавала како загинал војводата. Смртта на Аџаларски го потресла цело Скопје и предизвикала големи реакции кај народот. Имено, по многуте неуспешни обиди, неговиот убиец Кор Расим успеал да му се приближи на војводата од зад грб, токму кога тој се фатил за рачката од влезната врата на семејната куќа. Го усмртил со неколку куршуми од зад грб, на прагот од неговиот дом. Според една друга верзија, заедно со војводата Аџаларски загинал и неговиот 80-годишен дедо, кој се нашол на тоа место.
Во деновите пред неговата смрт, кога престојувал во градот, војводата Аџаларски од прогонувачот Кор Расим и неговите луѓе успешно се криел на тајните места во Старата чаршија, кои се тешко пристапни и не можат толку лесно да се откријат. Особено за тоа биле погодни капиџиците, кои ги имало безброј во чаршијата. Нив ги имаше сѐ до пред скопскиот земјотрес, а некаде ги има дури и денес. Од тие капиџици можела да се помине целата чаршија без да се излегува на улиците. А и да не зборуваме за другите скришни места, дуќаните, визбите, магацините, ановите. За ова криење на војводата Аџаларски ми раскажа новинарот и писател Михо Атанасовски, сега починат, а кој е роден во Скопје во 1934 година. Тој дури ми тврдеше дека пожарот што настанал во Скопската чаршија 1во 908 година, а во кој изгореле многу дуќани, не е случаен. Кор Расим го лоцирал престојот на Аџаларски во чаршијата, и тој дел бил запален.
Војводата успеал да избега, а оваа приказна, се разбира, бара и дополнителни истражувања. Сепак, таа е пренесувана од повеќе генерации. Војводата Аџаларски бил толку омилен меѓу скопјани, што неговиот погреб во 1909 година се претворил во вистински народен митинг. Според една верзија, тој е погребан во црквата „Св. Димитрија“, пред која се одржале многу говори. Револтираниот народ го пронашол Кор Расим и го обесил на Камени мост.