Во 2019 година се навршуваат точно 60 години од отворањето на првата самопослуга во Скопје. Тоа е убав повод да се навратиме кон овој настан, кој многу генерации сѐ уште го паметат. Тоа не беше обичен настан, туку своевидна скопска сензација. Денес се отвораат многу трговски центри, со европско и светско реноме, но отворањето на ниту еден од нив не може да се спореди со возбудата што ја чувствуваа скопјани при отворањето на првата самопослуга во градот кон крајот на педесеттите години на минатиот век. Продавницата „услужи се сам“ или „дуќан за самопослужување“, како што тогаш се нарекуваше, беше настан од прв ред. Тој настан се очекуваше долго време, се најавуваше, а возбудата растеше од ден на ден. Граѓаните се чувствуваа гордо што со таквите модерни простори и ние ќе фатиме чекор со Европа. Речиси ниту еден друг настан не е толку коментиран, долго време и со нетрпение најавуван во медиумите.
На 13 ноември 1958 година, на Денот на ослободувањето на Скопје, во весникот „Нова Македонија“ се појавува еден ваков напис за отворањето на самопослугата: „Пред нешто повеќе од половина година беше најавена една многу корисна и практична новина – продавница по принципот услужи се сам! Ваквата продавница за самопослужување требаше да ја отвори претпријатието ’Славија’. Бидејќи интересирањето кај граѓаните беше доста големо се настојува што побрзо да се пристапи кон нејзиното уредување и што поскоро отворање“. Но, замислете, самопослугата не била отворена ниту на 1 мај 1958 год. како што било ветено, ниту на 2 август, а поминал и празникот 13 Ноември. „Кога ќе се случи настанот?“, со нетрпение се прашувале граѓаните. За Нова година? Веројатно за Нова година. Сите биле во исчекување.
Но на 14 декември во истиот весник се појавува повторно нов напис за самопослугата, чие отворање повторно било одложено. Во него пишува: „Управата на Градските пазаришта настојува што поскоро да го заврши дуќанот со самопослужување што ќе се наоѓа на улицата Ѓуро Салај (денешна Димитрија Чуповски)… Се претполага дека на тоа претпријатие нема да му биде потребно повеќе од десетина дена за внесување на стоката, така што се очекува дуќанот за самопослужување да почне со работа од Нова година“. Поминала и Нова година, самопослугата, сепак, не била отворена. Но затоа таа започнала сериозно да се комплетира и доопремува. Во Скопје пристигнал специјален камион од италијанскиот град Палермо, кој за новата самопослуга донел „четири расхладни витрини од вкупно пет“ а со нив пристигнал и специјален монтер. Се очекувало доопремувањето со пет нови каси, како и три големи фрижидери специјално изработени во фабриката во Битола. Тезгите наречени гондоли веќе се изработувале во Белград и биле први од таков вид кај нас, бидејќи претходните биле увезувани од Америка. Биле нарачани и специјални машини за пакување од италијанскиот град Милано. Како што може да се види, првата скопска самопослуга не била шега, таа сериозно се подготвувала за свечено отворање, погледнете ги само имињата на градовите што се споменуваат.
Треба да се каже и податокот што е помалку познат, дека отворањето на оваа самопослуга е поврзано со пробивањето на новата улица Ѓуро Салај, која ги поврзувала улиците 11 Октомври и Маршал Тито, кај денешните семафори на „Рекорд“. Таа, 1958 год., бил отворен и новиот комплекс од згради што требало да бидат опремени заедно со просторот на самопослугата. Конечно, на 27 март 1959 год., самопослугата била свечено отворена со присуство на огромен број граѓани што покажале голем интерес. Свеченото отворање било проследено со говор и сечење лента при предавањето во употреба на самопослугата. Утредента, на 28 март 1959 год., весникот „Нова Македонија“ пишува: „Вчера е отворена првата продавница со самопослужување“, „Купувачот сѐ зема сам, според својот вкус и потреба“, „Секој купувач добива лесна метална кошница, со која ја обиколува продавницата“, „Се претполага дека во перспектива во Скопје ќе бидат отворени уште три продавници од овој тип“.
Така, Скопје го фаќа чекорот со Европа и со светот, а првата самопослуга ја навестува ерата на отворањето на големите стоковни куќи кои ќе следуваат потоа, некои од нив и пред скопскиот земјотрес од 1963 год., како на пример Стоковната куќа на плоштадот и стоковната куќа на Бит-пазар. Еден од функционерите во тогашната сојузна влада, во текстот „Модерна трговија“, алудирајќи и на првите самопослуги, ќе напише: „Одбери си сам и послужи се сам, најмногу се распространети во продавниците со индустриска стока, особено во стоковните куќи“.
Ниту еден од монументалните шопинг-центри не може да ја замени големата возбуда доживеана со отворањето на првата скопска самопослуга во блокот згради во близината на автобуската станица, кај денешен „Рекорд“.