Цело Скопје било на нозе и секој сакал да се вози со трамвајот. Но наскоро проработеле зависта и љубомората. Тогашниот претседател на скопската општина Решад-бег посакал самиот тој и општината да имаат трамвај. Така и се случило. Сопствениците, браќата Шабан-паша, се налутиле, го отпрегнале коњот и го ставиле трамвајот во депото кај воденицата покрај Вардар, под Калето
Оваа година, 2019-та, како и повеќе години претходно, постојано се актуализира прашањето за воведување трамвајски превоз во Скопје. Затоа е добро да се потсетиме на приказната за првиот трамвај што сообраќал во градот на Вардар. Трамвајот во Скопје го донеле браќата Шабан-паша, познати донатори и едни од најбогатите луѓе во градот од втората половина на 19 и почетокот на 20 век. Иако досега се мислеше дека првиот трамвај е донесен на почетокот на минатиот век, сепак, тој датум треба да се помести многу поназад. Според некои нови сознанија, првиот трамвај во градот функционирал уште во далечната 1884 година, со што Скопје се вбројува во светските градови што многу рано го користеле трамвајот како јавен превоз. Ако се има предвид дека во Виена трамвај на коњска влеча и со шпедитерски тркала бил воведен во 1864 година, станува јасно дека Скопје не заостанувало многу зад познатите градови.
Кои биле браќата Шабан-паша и како се случило тие да го донесат првиот трамвај во Скопје? Во старите записи за градот се споменуваат неколку од браќата, и тоа: Шабан-паша, Реџеп Емин, Осман Емин, Сулејман и Беќир Емин. Во тие записи буквално се вели дека „првиот трамвај што ги возел скопјани, уште во 1884 год., од Виена го набавил некогашниот скопски богаташ Реџеп Емин“. Најстариот од нив, Шабан-паша, бил глава на фамилијата. Браќата се занимавале со мелничка индустрија, најпрвин имале воденица на просторот под Калето, кај денешна „Електродистрибуција“ и спортскиот центар „Кале“, а потоа поседувале и модерна мелница. Тука течел еден крак од реката Вардар и познатиот јаз, на кој најпрвин постоела воденица, а подоцна електрична мелница.
Еве ги и околностите како дошло до купување на трамвајот од Виена. Едниот од браќата, Сулејман, тешко се разболел и неговиот брат Реџеп Емин го однел во Виена на лекување. Таму го виделе трамвајот и Реџеп решил да го купи. Од една страна, да даде придонес за својот град, а од друга страна, тоа била последната желба на неговиот брат, кој боледувал од неизлечива болест. Кога се појавил на улиците на Скопје, трамвајот предизвикал сензација. Еве дел од сеќавањата за тој трамвај: „Во годината 1884, на самиот ден Бајрам, Реџеп-паша го пушти во промет својот трамвај и само за три дена заработи огромни пари. Народот како луд трчаше да се вози со трамвајот. Коњот мораше да се менува двапати дневно, бидејќи побарувачката беше голема“. Цело Скопје било на нозе и секој сакал да се вози со трамвајот. Но наскоро проработеле зависта и љубомората. Тогашниот претседател на скопската општина Решад-бег посакал самиот тој и општината да имаат трамвај. Така и се случило. Сопствениците, браќата Шабан-паша, се налутиле, го отпрегнале коњот и го ставиле трамвајот во депото кај воденицата покрај Вардар, под Калето.
До пред војната од 1912 година, во Скопје имало повеќе трамваи во сопственост на општината. Тие исто така се движеле со помош на коњска влеча, но сега оделе по шини. Релацијата била од Камени мост (Таш ќуприја), до Ислахане (Идадија). Скопјани го обожавале трамвајот, им било пријатно да се возат со него. Вагонетките биле во различни бои, а внатрешноста обложена со црвено кадифе. Се случувале интересни, па дури и комични ситуации. Управувачот на трамвајот или кондуктерот, седел напред на платформата и често си правел муабет со минувачите што ги познавал. Запирал каде што ќе посака, за да запали цигара, бидејќи немало класични постојки. А кога коњот ќе се изморел, легнувал среде патот да се одмори. Ако трамвајот излезел од шините, граѓаните помагале да го вратат на колосекот. Едно време скопјани толку многу се полакомиле, што побарале од општината во трамвајот да се отвори бифе за да можат да се напијат кафе или некој друг пијалак при возењето. Општината не им ја остварила таа желба.
Во 1912 год. одборниците од скопската општина одржале таен состанок. Решиле да се укине трамвајот, бидејќи не бил модерен. Во Виена, веќе во 1903 год. биле воведени трамваи на електричен погон. Одлуката била спроведена, иако многумина подоцна зажалиле за тоа. Сепак, неопходни биле новини во сообраќајот. Некои од старите вагонетки биле употребувани подоцна за превоз на службениците до каменоломот во Кисела Вода. Од таа трамвајска вагонетка со службениците е зачувана и една фотографија. Интересен е податокот дека првиот скопски трамвај долго време постоел во депото под Калето. Чуварот на мелницата го претворил во своја чуварска куќичка. Во периодот меѓу двете војни сѐ уште биле живи некои од браќата, Осман Емин и Беќир Емин. Беќир имал висока функција, бил бански пратеник. Шабан-паша починал во 1914 год., а неговиот син Мухамед Шабан-паша повремено се јавувал во печатот за да го одбрани споменот за својот татко и првиот трамвај. Ете, поминаа повеќе од сто години откако е укинат трамвајот, а Скопје сѐ уште чека да биде воведен трамвајски превоз. Од некогашна гордост на скопјани, трамвајот остана само пуста желба.