Дента кога полетал авионот 1912 година (27 ноември), се собрале многу скопјани на месноста Јурија, а се одржала и пригодна свеченост. Утредента, Агафонов приредил вистински спектакл, надлетувајќи го Скопје на височина од 1.200 м! По Првата светска војна, една воена воздухопловна единица била стационирана и во Скопје, покрај три други града во поранешна Југославија
Скопски легенди
Многу малку се знае за воздушниот сообраќај во Скопје, освен неколку основни податоци. Сепак, постојат повеќе куриозитетни детали што се непознати или се одамна заборавени. За патничкиот авионски сообраќај во Скопје битна е 1928 година, тогаш во градот слетува првиот авион од типот „потез 29“, (превезувал само пет патници). Но тогаш се отвораат и нови линии со полетувања од скопската месност Јурија (дел од денешен Аеродром) на релација Скопје – Белград (се патувало повеќе од 2 часа). Следувале релациите Солун – Скопје – Белград, Скопје – Битола, (во Битола можел да слета патнички авион), како и Скопје – Подгорица. Најпрвин била воспоставена релацијата Белград – Загреб, а потоа онаа од Скопје до Белград. На таа свеченост било извршено и крштевање на авионот што го добил името „Скопје“. Пристапот на свеченоста бил дозволен за секој граѓанин „а посебно за младината“. Бил обезбеден и специјален превоз до аеродромот.
Сепак, првиот лет од скопскиот аеродром е датиран многу порано. Станува збор за воен авион чие пробно полетување се случило на 27 ноември 1912 година! Тоа бил руски авион донесен во делови со воз од Москва и монтиран во Скопје. Со авионот допатувал и пилотот Агафонов. Дента кога полетал авионот 1912 година (27 ноември), се собрале многу скопјани на месноста Јурија, а се одржала и пригодна свеченост. Утредента, Агафонов приредил вистински спектакл, надлетувајќи го Скопје на височина од 1.200 м! По Првата светска војна, една воена воздухопловна единица била стационирана и во Скопје, покрај три други града во поранешна Југославија.
Постои еден исклучителен настан што е поврзан со воздухопловството во Скопје, а тоа е фаќањето чекор со европските и со светските случувања во авионскиот патнички превоз. Имено, британското друштво, кралско воздухопловство, „Империал ервејс“, во 1930 година го вовело првиот лет на релацијата Лондон – Скопје – Индија. Тоа што Скопје било вклучено на оваа релација е од особена важност за градот. Тогаш е објавена и следната вест: „Од 13 април 1930 година, друштвото за воздушен сообраќај ’Империал ервејс’ ќе почне со авионски превоз меѓу Лондон и Индија. Авионите ќе слетуваат во Скопје, и тоа во двата правца. Целиот пат од Лондон до Њу Делхи, Индија, ќе трае 7 дена“. Дури и од денешен аспект звучи интересно и куриозитетно како се одвивало ова патување. По слетувањето во Скопје, патниците со воз продолжувале до Солун. Оттаму, со хидроплан, преку Атина, продолжувале за Египет, а потоа за Индија. Скопската општина се погрижила убаво да ги пречека гостите, градот бил грижливо исчистен, а патот кон аеродромот реновиран.
Како изгледало Скопје кога се случил овој значаен настан? Еве што вели еден запис: „Авионот на друштвото ’Империал ервејс’ од Лондон со нетрпение беше очекуван од голем број скопски граѓани и претставници на власта. Наместо во недела, авионот пристигна во понеделник во 10 часот. Иако беше работен ден, на аеродромот имаше многу љубопитен свет, кој ги пречека далечните патници. Со овој авион допатуваа првите патници на оваа релација, сите беа Англичани. По одморот, го разгледаа градот, а попладнето го продолжија патувањето со брз воз до Солун. Оттаму ќе го продолжат патот со хидроплан…“. Истиот овој пат, само во спротивен правец, ќе го помине и една од првите жени-пилоти во светот, Еми Џонсон, која со мал авион, ја прелетала релацијата Лондон – Австралија. Таа, на враќање, исто така со воз од Солун, пристигнала во Скопје, каде што граѓаните воодушевено ја пречекале, а потоа продолжила со авион кон Белград, од истата компанија.
Развојот на воздухопловството многу придонело за приближување на Скопје кон Европа и светот. Постоел и аероклуб во градот што приредувал денови на авијацијата со разни свечености и приредби. Скопјаните горделиво знаеле да кажат: „Вистинско задоволство е да појадуваш во Солун, да ручаш во Загреб, а да вечераш во Париз.
И уште повеќе: истата вечер да присуствуваш на претстава на париската опера“. Патот од Париз до Солун станал многу пократок, исто така и патувањето од Скопје до Белград во однос на патувањата со другите превозни средства. Од Атина до Солун на патниците им се нуделе бонбони, а од Париз до Лондон, „со притискање на копче, келнерот ве послужувал сѐ што ќе посакате“.
Специјално возило што требало да ги превезе патниците до аеродромот стоело пред кафеаната „Маргер“ на плоштадот. Веќе пред Втората светска војна се чувствувала потреба аеродромот во Скопје да се прошири и да се модернизира заедно со аеродромската зграда. Затоа, до надлежните власти било поднесено барање „за дислоцирање на населбата што постоела во близината, а каде што се предвидувало проширување на аеродромот Скопје, наменет за цивилно и воено воздухопловство“. Се забранило и ѕидањето високи објекти во широк радиус до самата граница на аеродромот. Тоа било вовед во понатамошната модернизација на воздухопловството.