Тие поштенски кочии станале многу популарни под името мал-пост (француски malle-post), односно кочии за пренос на спакувани пратки. Најпрвин тие функционирале на две тркала и со три коња, а потоа биле модифицирани, движејќи се на четири тркала и влечени од два чифта коњи. Бил воведен и посебен водич-заштитник наречен „постијон“, кој раководел со целиот пренос и со патувањето. Релацијата била иста: Цариград, Скопје, Сараево, Травник
Скопски легенди
Годинава (2019) се навршуваат 120 години од отворањето на првата пошта-телеграфана во Скопје (1899), во близината на Калето. Тоа е убав повод да се навратиме на првите поштенски комуникации пред да биде отворена телеграфаната. Наполеон Бонапарта уште на почетокот на 19 век сакал да отвори конзулат во Скопје. По освојувањето на илирските провинции нему му биле од исклучително значење врските со Цариград и со Истокот. Во тој контекст биле и поштенските контакти без кои животот не можел да се замисли. Наполеон имал предвид четири града што биле погодни во нив да бидат отворени конзулати – Скопје, Сараево, Бања Лука и Приштина. Тоа му го предлагале неговите дипломати и советници од Балканот, Пјер Давид и Франсоа Пуквил. За жал, таа идеја не се остварила, но затоа Скопје станало важен транзитен центар низ кој минувале, најпрвин поштенските курири со коњи, а потоа и оние со специјални поштенски кочии. Постојат и сведоштва за ваквата важна комуникациска улога на Скопје во Наполеоновиот период.
Да започнеме со една анегдота поврзана со Наполеон и со конзуларниот претставник што престојувал во Скопје во 1813 година, по име Паскал-Тома Фуркад. Имено, Наполеон издал наредба секој дипломат или воено лице, кога ќе пристигнат во еден град детално да го проучат. Наредбата на императорот гласела вака: „Кога ќе стигнете во некој непознат град, не досадувајте се во него, туку проучувајте го, сигурни ли сте дека еден ден не ќе морате да го освоите?“ Па, така, и aовој дипломат, кога пристигнал во Скопје се потсетил на зборовите на царот, и затоа тој вели: „Како во секое ново место, и тука сум должен да соберам нови информации, да го проучам овој крај, да разговарам со агата. Зашто, тука нема шега, а што ако Наполеон навистина еден ден тргнал да го освојува Скопје?“
За времето кога Наполеоновата пошта се пренесувала со коњи и поштенски курири, со Скопје се поврзуваат имињата на двајца коњаници што биле познати во тоа време. Едниот е курирот Марио Псати, а другиот е Гитен.
Тие со коњите минувале големи пространства, а имало попатни станици на кои ги одморале или ги заменувале коњите, пред да го продолжат патот. Според деталните истражувања на оваа проблематика од професорот Љ. Монев, Марио Псати, заедно со неговата пошта доживеал непријатен случај на патот за Скопје. Секој од овие курири ги придружувал по еден наоружан чауш, бидејќи освен пошта, куририте носеле и пари. Релацијата била следна: од Цариград до Скопје, од Скопје до Сараево и Травник. Истата релација ја поминувале и поштенските кочии за време на Наполеоновото царување, 1804-1814, и дел од 1015 година, кога се одиграла битката кај Ватерло. Конзулот Фуркад го опишува случајот со курирот Марио Псати, во дописот од Скопје датиран на 13 март 1813 година, на следниов начин: „Господару, имам чест да ѝ пратам на вашата екселенција една изјава што завчера ја добив од Марио Псати, поштенски курир во Француската легација во Цариград. Овој мошне непретпазлив човек имаше среќа што го сретнав. Откако го напуштил неговиот чауш, за кого ми рече дека се разболел, лекомислен и немарен, тој дозволил да му ги украдат сите пари. Му позајмив двесте и педесет пијастри за да може да го продолжи патувањето до Сараево каде што секретарот-експедитор на француската пошта ќе го снабди со средства за да отиде во Травник. Бегот од Скопје му даде еден од своите стражари да го придружува и се надевам дека без незгоди ќе го помине опасното место Качаник. Морам да забележам господару, дека чаушите навикнати да ги придружуваат поштенските курири, имаат голема мака поради тоа што овие бараат да се ослободат од нив за да не им ја платат наградата што им следува. При своето последно патување и Марио Псати го отпуштил својот чауш“.
Во 1793 година Французите формираат специјален поштенски сервис, еден од првите во Европа, за пренос на поштенски пратки со специјална поштенска кочија. Кочијата многу се разликувала од претходните дилижанси бидејќи пренесувала главно пошта и други вредности. Поради ограничениот простор ретко се превезувал и понекој патник. Тие поштенски кочии станале многу популарни под името мал-пост (француски malle-post), односно кочии за пренос на спакувани пратки. Најпрвин тие функционирале на две тркала и со три коња, а потоа биле модифицирани, движејќи се на четири тркала и влечени од два чифта коњи. Бил воведен и посебен водич-заштитник наречен „постијон“, кој раководел со целиот пренос и со патувањето. Релацијата била иста: Цариград, Скопје, Сараево, Травник. Постојат примероци од тие кочии од 1805 година, но и од подоцнежниот период. Сите тие видови кочии поминувале и низ Скопје.
И еден куриозитет што е поврзан со кочиите и со Скопје, а кој е малку познат.
Османлиите имале свои специјални поштенски курири, служба што ја извршувале Татарите. Татарите како поштенски курири, без конкуренција, биле најбрзи во Европа. Можеле без поголеми застои, да поминат пат од 900 километри! Познавачите на оваа проблематика велат дека американскиот „Пони експрес“ е многу попознат, но тој бил далеку под стандардите на татарската пошта. Релацијата била главно од Цариград преку Едрене и Софија до Белград, но повремено била користена и релацијата преку Скопје. Користеле многу малку храна и можности за одмор, поради поголемата ефикасност и одбегнувањето на попатните напади и грабежи.