Во годините пред земјотресот се слушаа шепотења низ градот која балерина ќе го игра белиот, а која црниот лебед во претставата „Лебедово езеро“ на Чајковски? Какo гледа денес славната балерина на својата кариера, на детството и младоста, каква е нејзината поврзаност со Скопје?
Текстов е напишан и разговорот со Натка Пенушлиска е воден пред неколку години, а сега првпат се објавува во дневен печатен медиум по повод одбележувањето 70 години од македонскиот балет. По долго договарање, конечно се сретнав со Натка Пенушлиска-Митровска, идолот од нашето детство и стариот скопски театар. Натка, балетската легенда, примабалерина, беше лебедот што ги разгоруваше нашите мечтаења дека и ние самите еден ден ќе се занимаваме со уметност и со театар. Во годините пред земјотресот се слушаа шепотења низ градот која балерина ќе го игра белиот, а која црниот лебед во претставата „Лебедово езеро“ на Чајковски? Какo гледа денес славната балерина на својата кариера, на детството и младоста, каква е нејзината поврзаност со Скопје? За тоа малку знаеме. Ме пречека во својот дом во населбата Карпош. Кога ја забележа мојата голема љубопитност, духовито, низ насмевка, ми се обрати: „Да, со моите побелени коси, денес сум вистински бел лебед“. Инаку, Натка во претставата ја играше Одилија, црниот лебед. Натка Пенушлиска-Митровска е родена во Скопје, 1934 година. „Што се однесува до моето раѓање, сѐ е во знакот на четворката“, вели таа, „Родена сум на 24.4.1934“ (оваа, 2019 година, наполни 85 години).
Од својата петта година таа живеела во центарот на Скопје, на улицата Никола Парапунов (Максим Горки) бр. 12. Куќата и денес постои. Натка живо раскажува за детските игри во маалото, за другарките и другарите, кои биле од семејствата чии куќи се наоѓале во непосредната близина: Фиљански, Милошевиќ, Тројачанец, Кленкови, Ѓузелови. Во другата, паралелна улица, живеела Бранка Станковска со семејството. Подоцна учела во основното училиште „Гоце Делчев“, каде што мајка ѝ Руса, родена скопјанка од семејството Дапчеви, била учителка. Татко ѝ Никола бил по потекло од Штип, дипломиран економист. Во семејството биле три деца, Натка, постарата сестра Милка и помалиот брат Предраг Пенушлиски.
„Сѐ започна од Пионерскиот дом Карпош“ вели таа, „тој е темелот на сите мои успеси, како и на успесите на моите колеги. Постоеја повеќе секции во домот, а Томе Зографски несебично ни помагаше на сите, честопати придружувајќи нѐ на хармоника. Фолклорната секција, која јас најмногу ја сакав, ја раководеше Пеце Атанасовски. Никогаш нема да ги заборавам настапите во природа, под прекрасните дрвја во паркот. При свеченото пуштање на малото вовче кај езерцето во 1948 година, како командантка на пионерскиот одред, го прочитав поздравното писмо до маршалот“, вели таа. Од тој ран период, Натка со задоволство се присеќава на своите колешки и колеги: Смиљка Силјанова, Јанка Атанасова, Гордана Чадиковска, Љубинка Басотова, Александар Ѓурчинов, Олга Диманина и многу други. Кога Народниот театар од Скопје имал потреба за кадри од балетот, се формирало Балетско студио за млади.
Најталентираните биле избрани токму од Пионерскиот дом Карпош. Во тоа театарското студио, голема улога одиграла Нина Кирсанова, педагог, без која не може да се замисли развојот на балетот кај нас. Натка учела во скопската прогимназија, а потоа, кога било оформено, го посетувала Балетското училиште. Тогаш, на крајот од четириесеттите години, се случиле нејзините главни настапи. Тоа се, всушност, и почетоците на македонскиот балет. Радоста од балетската игра ќе ја почувствува уште во првата претстава „Валпургиска ноќ“ од Гуно (во јануари 1949 г.), во која играла како замена. Но нејзиниот вистински почеток и почетокот на нејзината славна генерација балетски уметници, ќе се случи со втората претстава „Бахчисарајска фонтана“ од Асафјев (во месец 1949 г.).
„На премиерата присуствуваа и моите родители“, раскажува Натка. „Јас ја играв главната женска ролја, Марија, свршеницата на Венцеслав, кого го убиваат Татарите. Претставата изобилува со драматични, трагично-љубовни сцени, а јас имав само – 15 години! Моите не можеа да се изначудат како успешно се снаоѓам во таа сложена улога“. Потоа следуваат носечки улоги на репертоарот, позитивни критики, многубројни гостувања и награди. Тешко е да се набројат сите славни имиња на балетот од тие времиња: Елпида Паковска, Олга Милосавлева, Ѓурѓица Јовановска, Емилија Џипунова, Вера Бранѓолица, Елица Поповска, потоа Пашти, Пепек, Титизов, Марин Црвенов, Шулевски, Ацо Стојановиќ, Доброхотов, Петковски… Заслужни педагози биле и Ѓорѓи Македонски и Германката Амелизе Асман. На 19-годишна возраст, таа заминала со стипендија во балетските студија во Париз и во Цирих.
Со Натка ја посетивме куќата на нејзиното детство во центарот на Скопје. „Тука пораснав, но оттука и заминав како невеста“, носталгично се присеќава таа. „Со мојот сопруг Данчо Митревски нѐ зближи работата, тој беше актер, оперски пејач и режисер. Беа добри пријатели со Ловро Матачиќ, кој често нѐ посетуваше кога живеевме во театарската зграда, близу Црвениот крст. Малкумина знаат дека таа театарска зграда и денес постои. Пресреќна сум со моите деца, ќерката Маја и синот Слободан, но и со внуците и правнуците, Наташа, Мартина и Огнен, Бобан и Матеја. Се гордеам со нив и ги обожавам“.
Во 1972 година Натка заминала во пензија со улогата на Китри во „Дон Кихот“. Ангел Шурев, кој бил диригент на прошталната претстава, ѝ се обратил со зборовите: „Зошто сега заминуваш, кога си цвет на сцената?“. „Подобро сега, отколку кога цветот ќе овене“, одговорила примабалерината Натка Пенушлиска-Митровска, легенда на балетската уметност.