Таа била изградена од „клепан мијачки камен во рустикален стил“ од прочуени мијачки мајстори. Ентериерот бил најмодерен за тоа време, со вкомпонирана голема фреска-мурал со мијачки мотиви од сликарот Лазар Личеноски. Фреската била со височина од еден метар и со широчина од 2,20 метри. На неа бил прикажан мотив од мијачкиот крај – како Ѓурчин Кокале од Лазарополе фрла камен. За жал, фреската е исчезната…
Некаде кон крајот на шеесеттите години особено беше популарно излегувањето на младите скопјани во ресторанот „Македонска куќа“ под Калето. Всушност тоа беше омилена скопска кафеана, која пленеше со својот раскошен ентериер, но и со надворешниот изглед и архитектура. Покрај постарите, и помладите сакаа да ја почувствуваат магијата на таа необична куќа. Дури подоцна, сеќавајќи се на тие наши младешки излегувања, се заинтересирав за историјата и градењето на куќата. Тогаш малку се зборуваше за предвоениот период, но успеав да го откријам податокот што тогаш малкумина го знаеја (освен потесните специјалисти) или воопшто не беше познат: тоа била куќата на еден од најпознатите градоначалници на Скопје меѓу двете војни – Јосиф Михајловиќ! Толку ме фасцинираше таа приказна, што во истражувањата ми недостигаше еден важен детаљ – сакав да дознам како изгледал тој заслужен човек. Копајќи по разни записи, открив негова фотографија и ја објавив. Елегантен господин со продуховен изглед, кој во рацете држи бели ракавици. Подоцна пронајдов и друга фотографија каде што тој држи поздравна реч пред група писатели од ПЕН, кои по Дубровник престојувале во Скопје.
Така, „Македонска куќа“ не само што била палата за градоначалникот, туку тој самиот ја градел за себе бидејќи бил архитект и градител на други објекти во Скопје. Јосиф Михајловиќ бил градоначалник во два мандата, од 1929 до 1936-та, а потоа со еден прекин, имал и втор мандат до 1941 година кога починал. Во неговото време Скопје интензивно се гради, ги добива своите модерни урбани белези. Покрај другите објекти, се изградени железничката станица и Народната банка, поштата, зградата на денешното собрание, водоводот Рашче, хидроцентралата Матка, направен е геодетски премер и урбанистички план на градот. Во тој премер и план од 1929 година, прв ме упати Александар Карев од тогашниот Завод за заштита на спомениците на Скопје, кој е посебно заслужен овој значаен документ да биде зачуван до денес.
Михајловиќ е еден од ретките градоначалници што пред граѓаните држел предавања на теми од урбанизмот и архитектурата и новото модерно обликување на градот. Тој е по потекло од Западна Македонија, роден е во селото Тресонче 1887 година, бил сестрано талентиран, и го сметале за еден вид олицетворение на мијачката генијалност и градителскиот дух. Во записите открив еден интересен детаљ дека граѓаните често му скандирале, „Да живее нашиот Мијак, г. Јосиф Михајловиќ“. Исто така, постојат сведоштва дека англискиот јазик го зборувал толку совршено, како да му бил мајчин јазик. Тоа не е ништо необично, бидејќи се школувал и на Запад. Како градоначалник бил особено неконвенционален, постојано шетал низ градот, а се дружел и со уметниците. Познати се неговото другарување и соработката со големите сликари, Никола Мартиновски и Лазар Личеноски. Со нив особено се консултирал ако нешто требало да се помогне во врска со зачувувањето на фреските. Малку е познато дека Личеноски насликал и негов уметнички портрет. Јосиф Михајловиќ ја изградил палатата во 1937 година. Интересно е дека својата сопствена куќа ја користел како приемна резиденција на градоначалникот бидејќи просторот бил соодветен за таа намена. Во неа било инсталирано првото парно греење во градот. Своевремено, неговиот внук, инж. архитект Драган Томовски, во изјава дадена за еден наш весник, вели дека неговиот вујко Јосиф Михајловиќ куќата самиот ја проектирал.
Таа била изградена од „клепан мијачки камен во рустикален стил“ од прочуени мијачки мајстори. Ентериерот бил најмодерен за тоа време, со вкомпонирана голема фреска-мурал со мијачки мотиви од сликарот Лазар Личеноски. Фреската била со височина од еден метар и со широчина од 2,20 метри. На неа бил прикажан мотив од мијачкиот крај – како Ѓурчин Кокале од Лазарополе фрла камен. За жал, фреската е исчезната и денес не постои во палатата. Плакарите биле вградени во ѕидовите. Уметнички изведените метални елементи во куќата биле изработени во познатата браварска работилница на Андон Ручигај, таткото на нашата позната поетеса Даница Ручигај.
Долги години позната како „Македонска куќа“, палатата беше користена од угостителското претпријатие „Меркез“, а во неа во еден период живееја познати политичари од времето на социјализмот. Потоа, таа промени повеќе сопственици, бидејќи од наследниците, своевремено, таа е отуѓена и продадена. Денес раскошната куќа служи како амбасадорска резиденција.
Еден од значајните проекти на Јосиф Михајловиќ бил и проектот за зелен град, кој посебно го препорачувале и разработувале англиските урбанисти. Тој сакал да ги пошуми и двата поголеми острова што постоеле во тоа време во реката Вардар, еден спроти Зоолошката градина и паркот, а другиот во близината на тогашниот Аеродром, според кој и денешната населба Острово го добила името. Тој упорно повторувал дека на кејовите на Вардар во Скопје им е потребна побујна вегетација.
Повеќето свои идеи Јосиф Михајловиќ ги реализирал, а некои останале само како идеја и проект. Но сето она што го остварил тој, останува во богатата урбанистичко-архитектонска и духовна традиција на градот како трајно наследство.