Во Скопје навистина постоеле голем број чешми, а наведувањето на нивните имиња зборува за настаните, личностите и топонимијата на градот. Еве некои од нив: Иса-бег чешма, Гази Ментеш чешма (на десната страна на Вардар), Дуќанџик чешма, Табаклар чешма, Синан Војвода чешма, Оруч чешма, чешмата што се наоѓала пред Калето, Кури чешма
Скопски легенди
Иако мотивот на чешмите главно е препознатлив за руралните средини, сепак станува збор и за урбан феномен, кој е неразделен од митологијата на градот, неговата чаршија, но и пошироко. Скопје е особено познато како град на чешмите. Славните скопски чешми се спомнуваат и денес, а според нивните имиња се означени многу градски топоними: Тасино Чешмиче, Саук Чешма, Лонџа Чешма, Чешма во Кисела Вода. Легендата за Тасино Чешмиче се раскажува и денес, а тоа како објект сѐ уште постои на падините на Водно. Легендата всушност зборува за убавата Таса, која не сакала да се потурчи и била погубена на тоа место крај една топола.
Велат дека таа топола долго време постоела пред да биде исечена. Денес тој простор е убаво уреден и ја чува традицијата на познатите скопски чешми. Пред војната, кога тука била изградена Државната болница, во 1929 година, но и потоа, редовно се одело таму на излет, а долу, во падините, се одржувале и спортски слетови.
Постарите велат дека често одѕвонувале наланите на девојките врз калдрмата, кога оделе на некоја од познатите чешми. Познато е дека традицијата на градењето чешми во Скопје особено е присутна во османлискиот период, бидејќи Турците му посветувале посебно внимание на овој вид градби. И не само тоа, тие градби биле убаво естетски обликувани, а на нив често имало натпис, кој со својата поетска и филозофска содржина привлекувал внимание. Многу од тие натписи ја славеле водата како извор на животот. Така, на пример, на познатата Хаџи Ине-бег чешма, која се наоѓала во Старата скопска чаршија, пишувало: „Станува тоа што сака Господ, сѐ живо е од вода“. Оваа историја посебно ја истражувале нашите специјалисти за османлискиот период.
Скопје во 15 и 16 век доживува подем во својот развој, особено во трговијата и занаетчиството, и станува еден од главните центри на Балканот. Бидејќи градот имал големи потреби за вода, поради амамите, чешмите, шадрваните и другите неопходности, таа била носена од падините на Скопска Црна Гора. Посебна сметка за тоа водел Мустафа-паша, ктиторот на истоимената џамија. Во неговото вакафнаме (завештание), од 1514 год., се спомнуваат и многубројните чешми што „не треба да се забаталат и запуштат“.
За нивната улога и значење зборува и еден англиски патописец што во втората половина на 17 век го посетил Скопје.
Тој наведува еден ваков куриозитетен пример: во дворот на куќата на Емир-бег видел чешма што претставувала вистинско чудо. Била изградена во вид на минијатурен замок, од кој, од повеќе места, истекувала вода. Секое маало имало своја помала или поголема чешма, но нив ги имало и пред значајните објекти. Позната била големата чешма пред „Капан-ан“ за која своевремено постоеше идеја да биде возобновена, но таа не се реализира. Чешма имало и пред Даутпашиниот амам, која народот ја нарекувал Рауф чешма. Лонџа чешма била лоцирана на Бит-пазар, во близината на поликлиниката, која била урната во 1952 година, поради проширување на булеварот. Саук чешма во Чаир е оштетена во скопскиот земјотрес од 1963 година, а потоа нејзините делови, како и деловите од некои други чешми, биле вградени во старата ограда околу Јахјапашината џамија. Интересен е податокот, а тоа можело да се случи само во Скопје, град богат со археолошки наоди, за корито на стара чешма да послужи еден – римски саркофаг! Имено, тоа се случило со коритото на чешмата на Хаџи Гали-бег, кај Газикасумовата џамија. Саркофагот најверојатно бил пронајден во близина, а потоа продупчен, за да може да служи за таа намена.
Во Скопје навистина постоеле голем број чешми, а наведувањето на нивните имиња зборува за настаните, личностите и топонимијата на градот. Еве некои од нив: Иса-бег чешма, Гази Ментеш чешма (на десната страна на Вардар), Дуќанџик чешма, Табаклар чешма, Синан Војвода чешма, Оруч чешма, чешмата што се наоѓала пред Калето, Кури чешма. За одржувањето на чешмите се грижеле специјално платени луѓе, чешмеџии. Кога ќе се расипела една чешма, чешмеџиите биле на голема мака. Требало да се најде доводот на вода одреден посебно за таа чешма. Копајќи, се случувало да бидат оштетени доводите и за другите чешми. Пред повеќе години, со проширувањето на булеварот Иво Лола Рибар (Теодосиј Гологанов), повторно стана актуелна Железничарската чешма во Козле. Кога е таа изградена и зошто го добила тоа име?
Таа е изградена во 1950-тите години, во спомен на паднатите железничари, 1941-1945, а меѓу првите на плочата е наведено името на Владо Тасевски. Таа се наоѓаше во комплексот на леарницата и другите придружни објекти на тој простор. Го објавуваме оригиналниот изглед на чешмата, пред таа да биде руинирана и оштетена од времето. Во наредниот период чешмата беше делумно возобновена. Во подолги временски интервали старите чешми беа доразурнати од земјотресот, но и од нормалното модернизирање и обновување на водоснабдувањето во градот. Но тоа не значи дека споменот за некои од нив не треба да се обнови. А сѐ почесто се подигаат и комплекси од нови чешми (во Црниче на пример), како дел од некогашната богата скопска традиција.