Данило Коцевски, писател, книжевен критичар, неуморен хроничар на скопските приказни

Данило Коцевски, писателот што неуморно на скопјани им ги раскажуваше легендите за нивниот град, осамениот шетач што го чувствуваше духот и на најскриеното катче во Скопје, си замина, тивко и нечујно како и што живееше и се претвори во една од скопските легенди за кои пишуваше на страниците на „Нова Македонија“, весникот каде што ја почна, но и ја заокружи својата творечка патека.
Многумина го знаат и како осамениот шетач, име што го доби по својата долгогодишна рубрика во нашиот весник, која, како што вели, кај него ја разгорела желбата постојано да истражува, да чепка по тајните чекмежиња на Скопје и сето тоа во своите три книги, дваесетина документарни филмови, како и во серијата „Досие Скопје“, да им го подари на скопјани, но и на сите оние што на кој било начин се поврзани и оставиле траен белег во скопското живеење.
– Повеќе од 35 години пишувам за Скопје. Првите текстови ги напишав некаде во 1980-тите, кога бев на студиски престој во Франција, со стипендија од француската влада. Ме обзеде некоја носталгија, па сѐ што чувствував за Скопје ставив на хартија. Книга со овие текстови објавив во 1989 година, а се викаше „Патување за Аркашон“.

Потоа ме поканија од „Нова Македонија“ за Скопска хроника да им напишам серија текстови за Скопје и така почна моето патешествие по скопските улици. Почнав да пишувам во 1989 година и рубриката стана многу популарна, а се викаше „Белешки на осамениот шетач“. Уредничка на рубриката беше новинарката, која во моментот живее во Англија, Жанета Скерлев – ќе рече Данило Коцевски во интервјуто за „Нова Македонија“ од 2017 година.
По веста за неговото заминување, скопјани со голема почит се простија од својот Данило, кому му ги раскажуваа своите спомени, а тој од нив правеше неповторливи приказни. Некои од нив дури побараа една од улиците на Скопје да го добие неговото име.

– Ако луѓето не го сакаат овој град, немаше ни јас да успеам во моето пишување. Скопје е неисцрпно, со богата историја, а град без минато не е град. Можам да кажам дека Скопје е светски град. Не е доволно да се каже дека е крстосница, тој има урбана многувековна историја како ретко кој град, а тоа мене ми овозможува бескрајно да творам за него – говореше Коцевски за своето Скопје, на кое му посвети голем дел од своето творештво и за кое сакаше уште многу да напише.
Но тој беше и плоден и наградуван писател и книжевен критичар, преведуван на повеќе светски јазици, а пред сѐ голем и лојален пријател и човек, кој ги поддржуваше младите.
Во продолжение прочитајте како се сеќаваат на Данило Коцевски неговите пријатели, соработници и колеги.


Томислав Османли, новинар и писател:
Хроничарот на Скопје го затвори својот скопски журналистички круг

Данило Коцевски, драг колега и еден од плејадата новинари писатели што своите креативни почетоци, генерација-две пред мене, ги затемелија во весникот „Млад борец“, таа прва љубов на македонското модерно новинарство. Тој остави длабоки траги и во литературата, во книжевната критика и есеистика и, особено, во скопските хроники, на кои последниве децении речиси исклучиво им се посвети. Беше одличен писател, но и археолог на скопските мотиви. Во „Нова Македонија“ ги објавуваше своите сјајни „Белешки на осамениот шетач“, публицистички медалјони посветени на Скопје од неговото богато и чудесно минато, кои едвај чекав да ги читам. Потоа, неговите белешки почнаа да се објавуваат и во голем број весници, а неговите питоми повести искажувани со тивок, спокоен тон, да се во појавуваат и низ телевизиските програми, пред сѐ, на МРТ. Во тие повести на Данило Коцевски, осамнуваа текстови и искази, и слики за скопските градби, особени личности, необични судбини, носталгични приказни од двете страни на Вардар, од онаа од времето дамнешно, од оваа од времињата што и ние ги чуваме во своите топли доживувања. Текстовите на Данило, пишувани со податоци и зачинети со дискретна носталгија, без патетика, станаа знаци на распознавање на нивните скопски хроники… Дирекцијата за култура и уметност на Скопје ги објави неговите текстови во неколку обемни, сега уште поскапоцени книги.
И одново, Данило се врати во „Нова Македонија“ каде што во неделите ги раскажуваше своите возбудливи „Скопски легенди“. Така, хроничарот на Скопје го затвори својот скопски журналистички круг, се установи, како во прозата на Солев за Кружното патување на сенката на осмостраните граничници од Скопје… Не ни помислував дека Данило ќе го затвори тој круг – толку скоро. Ќе го паметат неговите читатели, овој град што богато и, сигурно е, тој ненадоместливо го воспеваше, и неговите книги и секое од неговите скопски воспевања расеани по весниците каде што сенките на Данило Коцевски ќе го патуваат својот круг! Светол нека му е патот во вечноста на драгиот Данило Коцевски.

Сашо Гигов-Гиш, поет, радиоводител, музичар:
Ортак, даскал, инспиратор, авторитет

Е, драг пријателе… Си замина на вечна прошетка во бесконечноста… ми беше „ортак“, даскал, инспиратор и референтна точка, од која го разделував сентиментот од ресантиманот… Ти беше човекот од кој за прв пат разбрав, за Гази Ахмед Вејси Челеби-Гази Баба… дека бил поет и ашик (вљубеник) во Скопје, и го викале Скопјанецот, за лековитата вода Медах-Баба сују, од тебе ја разбрав питагорејската тајна, на „Андрогениот Исус“ – фреската на певницата во „Св. Јован Шишевски“, за која Крлежа импресионирано говори во своите мемоари…
Ми беше прв гостин во мојата радиоемисија посветена на Скопје… ме почести да ја претставам мојата поетска генерација на „Рацинови средби“, каде што се запознав со сестрата и братот на Кочо Рацин… Ме инспирираше твојата „Патување во Аркашон“ да заминам на трубадурското патешествие, во потрага по богомилско-катарските преплетени бршлени… и стигнав во Каркасон… и го нареков „Как на сон“… Е, пријателе, пријателе, кој знае колку ноќи кај Јоле, или во „Вардарче“, барабар со Венко, Брацо, Блаже, Славе, се радуваше на нашите боемски егзибиции. Те викавме „Чича“ – Венко ти го смисли, а ти, ич не фаќаше кусур… се смееше… Е, Данило, ти беше специјалист бесшумно, и незабележливо да исчезнеш од нашите боемски „симпосиони“… и да нѐ оставиш зачудени по фајронтот во мугрите, кога и како успеваше да исчезнеш како Арсен Лупен, или како Петер Шлемил и да ја платиш сметката…
Е, драг пријателе… сега твојот дух е под небесната паларија… Широк ти пат, талкачу, хроничару, авторитету… легендо!

Славе Ѓорѓо Димоски, поет:
Блескав интелектуалец, брилијантен дух

Со Данило Коцевски последен пат се видовме кон средината на февруари во едно скопско кафуле и видно расположен ме замоли да му преснимам повеќе фотографии од нашите заеднички дружења како раководен тим на Струшките вечери на поезијата. Деновиве ме изненади и растажи веста за неговата смрт. Од јавната сцена исчезна еден блескав интелектуалец, брилијантен дух, кој во сферата на литературата умееше да спојува различни творечки жанрови. Нè врзуваа децении познанство, од времето кога мојата генерација стапнуваше на книжевната сцена, кога повозрасниот Данило нè собираше околу него и во нас ги разгоруваше штотуку запалените книжевни искри. Неговите стручни совети го ширеа нашиот интелектуален хоризонт кон бескрајните простори на, тогаш, помладата македонска литература. Но тој зад себе остави човечка и творечка поврзаност со многу генерации така што слободно може да се рече: ние не го изгубивме – го имавме!
Фотографиите ги преснимив, но состојбата со коронавирусот не ни дозволи повторна средба; ветената задача ќе ја исполнам пред неговото семејство.
Почивај во мир, обвиен со книжевна слава, драг пријателе!

Летка Димовска Полизова, диригентка:
Човек, пријател, хроничар…

Данило… го познавав уште во раните години. Често се среќававме во просториите на Друштвото на композиторите на Македонија и секогаш знаеше да ми даде комплимент или да искаже позитивна критика за мојата работа. Ќе го паметам по неговата раскошна убавина како човек, пријател, писател, како хроничар… Ги читав многу неговите кратки прози, („Го сакам Скопје“, „Скопски легенди“, драмскиот текст „Скопско кабаре“, редовно го купував списанието „Разгледи“…).За време на подготовките на фестивалот често доаѓаше во „Златно славејче“, им се радуваше на децата, знаеше понекогаш и да запее заедно со нив.. Нека почива во мир.
Васко Марковски, поет,
патописец и туристички
водич:
Посветен, љубопитен и тивок прибележувач

Секој град, во секоја генерација, има барем некој монашки посветен жител, кој не може да се помири меморијата за постоењето и опстојувањето на градот да не се пренесе на следните генерации, а тоа што ќе се дознае за градот, макар и патем чуено, а не било доволно познато, да не се сподели, разговетно и надалеку, како од покривите, со вљубениците во топонимот со кој се идентификуваме. Скопје со децении го имаше Данило Коцевски, како посветен, љубопитен и тивок прибележувач, кој со природа на вистински џентлмен, беше со радост пресретнуван по улиците и со нестрпливост очекуван на неговите ќошиња во весниците. Преку него дознававме кој сè поминал и што сè запишал за градот; улиците и плочниците добиваа нови значења; луѓето што придонесувале за неговата препознатливост стануваа овековечени. Ќе ни треба таква посветеност за да дооткриеме и за да допрочитаме што Данило ни остави во завештание. Вечен мир и вечен помен, учителе.

Александар Поповски, режисер:
Со Данило си замина засекогаш еден град

Дали треба да имаш град, па да имаш поет да го опее? Или треба да имаш поет, за да може градот да биде опеан? Огромна е среќата кога ги имаш и едниот и другиот. И градот и поетот. Поетот Данило Коцевски го запознав кога се роди идејата за серијата „Досие Скопје“. Покрај чичко ми Живко Поповски, кој беше задолжен за архитектурата, баравме некој што ги знае сите скриени приказни и легенди за градот. Се разбира сите патишта водеа само кон Данило. Не се сеќавам дека сум запознал човек што со таква посветеност и љубов зборува за својот град. За обичаите, локациите, луѓето, настаните. Мајка ми Слободанка Поповска нѐ упати во НУБ во изданијата на списанието „Вардар“. Преку тие содржини и преку „Вардар“ стигнавме до Данило. И тука се отвори најубавата збирка за ова наше Скопје.
Преубаво е кога градот и поетот одат рака под рака, заедно. Со Данило си заминува засекогаш еден град. Ти благодарам, драг Данило, што имав среќа да ми раскажуваш.

Владимир Плавевски, писател, фотограф, лекар:
Жива енциклопедија на Скопје

Првата средба со Данило Коцевски, како автор, ми беше со неговиот прв роман „Одисеј“, кој ме фрапира не само по стилот на изразување туку и со податоци што не можете да ги сретнете ниту во Хомеровата „Одисеја“. Секако, речиси редовно ги читав неговите „Скопски легенди“, воодушевувајќи се од многу непознати податоци за мојот роден град. Со неговиот став дека „Скопје треба да се запознае преку зачуваните артефакти“, Данило Коцевски стана жива енциклопедија на Скопје. Поради овие негови исклучителни познавања на Скопје и скопјаните, пред две години го замолив да биде промотор на мојот роман „Земјотрес 5.17.“ Прифати со задоволство, велејќи дека со неговиот гест ќе ја зачува традицијата на градот Скопје.

Никола Т. Калајџиски, новинар, автор на документарни филмови:
Симнувам капа и простум пред тебе, учителу!

Од утре не ќе е исто. Нема да те чекам на Рекорд како идеш. Бел шешир на глава, шал околу врат и чантиче со тефтер и бележник. Со чекор на бонвиван. И горда лежерност. И жал ми е. Ти си избра да заминеш и скопскиве белешки некаде другоде да ги беседиш. Тивко и ненаметливо, ама авторитетно и полно љубов. За нашево мило Скопјенце. Како што си го думавме. Знам. Не сакаш панегирици, ама пригодава е таква, иако не милуваш. Велеше сѐ минува, ама не смее да се остави на заборавот. Ме замоли неодамна кога ќе решиш да заминеш да напишам два-три реда за тебе. Те прашав каде тоа мислиш да одиш? Ми одговори со твојата тивка смисла за хумор: „Да го запознаам и да се видам со Евли Челеби и да си поприкажеме за Скопјенце“. А и да си се видел со Зухо Џумхур и со Душко Радовиќ. И со Мика Антиќ. Сочно си опцувме како времето брзо одминува и забораваме. Седнати во „Пелистер“ на утринско, ти со кратко еспресо, јас американо, истуривме капка вода да си ја навадат душата горе. Чинам и Димитар Солев го споменавме. Те замолив да поприкажеме за постмодерната во книжевноста. Првпат не сакаше да зборуваш. „Каква постмодерна, Никола, во 21 век!? Ја нема веќе. Денес секој твит на мобил е постмодерна“. Забележав тага кај тебе…
Потоа ми го сврти муабетот на нашево мило Скопјенце. На Старата чаршија, на нашава улица Македонија, на Еврејско Маало… И на што друго ако не на муабетот за старите скопски семејства и за создавањето на граѓанската класа во Скопје меѓу две војни. Заедно го напишавме сценариото за долгометражен документарец. Велеше: „Леле, Никола, каков филм ќе биде тоа ќе видиш!“ Данило, вечниот оптимист! Филмот го крстивме „Мирисот на липите во Скопје“. Кога липите цутат, тогаш Скопје е најубаво и има синергија на куб. Заедно се охрабрувавме и се поддржувавме дека мораме да го снимиме и дека им го должиме на скопјани. Потоа те споредив со Данило Киш и со Момо Капор. Ме прекори со тивок глас: „Ај не претерувај,Никола!“
И го фати патот кон Стара чаршија. Зад тебе свиреа Крле и Тефо со „Нели ти стига мојата младост“… И веќе не се видовме… И да знаеш ќе го снимам документарецот за инает на копиљаците! Ти завидувам на средбата со Гркот Зорба горе на теферич. Продолжи да ја кажуваш и да ја раскажуваш љубовната приказна за нашево Скопјенце осудено на вечна љубов. Симнувам капа и простум пред тебе, учителу! Во цутот и во мирисот на липите и во душата на Скопје те препознавам тебе, драг мој Данило Коцевски!