Она што денес малку сме го подзаборавиле, тоа се оние скопски легендарни раскажувачи на филмовите. Тие толку страсно ги раскажуваа филмовите што, ако ве најдеа на улица, од нивното раскажување ќе добиевте желба да го гледате филмот. Такви раскажувачи имаше од сите профили, а некои од нив денес се познати уметници, службеници, политичари. Страста да се раскаже еден филм како да им беше нешто вродено, дадено од бога
Скопските кина пред земјотресот предизвикуваа големо внимание со оглед на значењето што тие го имаа во градот. Малку е познат податокот дека по земјотресот останаа да функционираат само три кина, а во 1964 година се отвори и славното кино „Карпош“. Подоцна се отвораа киносали по населбите, така што нивниот број се зголеми. Во времето кога во Скопје пред земјотресот имаше повеќе кина, секое кино претставуваше легенда за себе. Одењето во кино беше доживување за кое мораше да се подготвите однапред. Најпрвин, да обезбедите билети до кои тешко се доаѓаше, на касата или преку шиткачите на билети. Куклениот театар беше театар за деца и младинци, но и кино истовремено, во кој се прикажуваа нови филмови. Американски вестерни со Гари Купер, Џон Вејн, Еди Марфи, Алан Лед, но и руски бајки, филмот „Сатко“. Спроти земјотресот, во киното „Младина“ се прикажуваше еден филм во колор (што беше реткост) и кој предизвика сензација во Скопје. Филм за волшебниот, подводен свет на морињата, „Светот на тишината“, снимен со камерата на Жак Кусто. Тој филм се даваше и во „кино-утро“, но за да го гледаме, мораше да избегаме некој час од училиште.
Сепак, каубојските (вестерн) филмови оставија траен белег во нашите животи. Имаше повеќе славни каубои што ги сакавме, но меѓу најомилените беше Гари Купер (1901 – 1961). Посебен впечаток во таа 1961 година остави веста, која тажно одекна во целиот свет, но и кај нас во Скопје, дека омилениот каубој боледува од неизлечива болест и дека наскоро ќе почине. Иако бевме речиси на детска возраст, трчавме по киосците за весници низ Скопје, за да прочитаме нешто повеќе за Гари Купер. Такви написи имаше главно во списанијата што доаѓаа од Белград. Во неговото последно интервју, кога ќе го запрашаат „кој е филмот на неговиот живот“, тој одговара: „Тоа е филмот што никогаш нема да го снимам, а би го нарекол ’Каубоите умираат исправени’“. Вели дека новите, модерни каубои што настапуваат во филмовите не знаат дури ни да се качат на коњот, бидејќи секогаш со погрешна рака се фаќаат за седлото. „Тоа не се луѓето што ја создавале историјата на Америка“. Гари Купер има добиено три „оскари“, од кои едниот е почесен. За „оскарот“ во филмот „Точно напладне“, каде што го игра шерифот Вили Кејн, го испратил Џон Вејн да ја прими наградата во негово име, а почесниот „оскар“ го примил артистот Џемс Стјуарт. Во филмот „Вера Круз“, во кој игра и Сарита Монтиел, по истрелите во двобојот меѓу двата главни лика (Гари Купер и Берт Ланкастер), и двајцата долго време стојат исправени, без да се знае кој е застреланиот. На крајот, со насмевка на усните, паѓа Берт Ланкастер, смртно погоден.
Се разбира, не стануваше збор само за каубојските филмови. Во тоа време вистинска сензација беа индиските филмови, кои можеа да се видат во кината „Братство“ и „Напредок“ во Старата чаршија и на Бит-пазар. На сета таа атмосфера ме потсетија големиот број индиски серии, кои не многу одамна, но и денес, ги гледаме на ТВ-екраните. Но сега тоа го правиме удобно седнати во домашните фотелји, а тогаш? Тогаш, како да наближуваше крајот на светот. За да го видите индискиот филм „Мангала“, пред киното „Напредок“ имаше толку многу луѓе, што беше невозможно да пријдете до билетарницата. Упорните и храбрите едвај земаа здив стегнати меѓу железата каде што се купуваа билетите. Милиционерот, задолжен да воведе ред, наоѓајќи ги така во тесно шиткачите и нивните помошници, ги удираше со пендрекот „нежно“ по главите, за да не ги повреди, а сепак да ги вразуми да не создаваат неред. Пред вратата на киното ве пречекуваше редарот, кој ги кинеше билетите, облечен во генералска униформа, со ширити. Тоа беше стариот добар Ром, на кого се сеќаваме и ден-денес. Песните од филмот „Мангала“ одекнуваа насекаде, се имитираа актерите, нивните танци. Но она што денес малку сме го подзаборавиле, тоа се оние скопски легендарни раскажувачи на филмовите. Тие толку страсно ги раскажуваа филмовите што, ако ве најдеа на улица, од нивното раскажување ќе добиевте желба да го гледате филмот. Такви раскажувачи имаше од сите профили, а некои од нив денес се познати уметници, службеници, политичари. Страста да се раскаже еден филм како да им беше нешто вродено, дадено од бога. Сето тоа раскажување започнуваше вака: „Мангала е згодна и умна ќерка на еден индиски богаташ. Додека таа си играше со гулаби, ја здогледа еден лош принц, се венча со неа, и ја остави сама да живее одвоено во една палата, потоа татко ѝ ископа тунел до дворецот во кој таа е затворена, и ја ослободи…“. „А Џон Дилингер? Најголем пљачкаш на банки во светот. Со него постојано се тројца робијаши со машинки и пушки. А знаеш како го убија Дилингер? Нема да веруваш. Кога одеше во театар!“ Филмовите добро се рекламираа. Пред кината, или во нивната близина, на огромни платна беа насликани сцени од филмовите. Личеа на огромни уметнички слики. На плоштадот, кај „Кенан“, постоеше мал застаклен метален рекламен столб на кој се рекламираа филмовите од киното „Култура“. Не можеме да ги заборавиме ниту киноапаратерите, кои исто така беа популарни, особено Гаврош, кој беше еден од најпознатите.