Сите некогашни новитети што доаѓале во Скопје, (а кои денес се зачувани како реликвии или драги спомени) најчесто ги имало во центарот на градот, особено на денешната улица Македонија, поранешните Крал Петар и Маршал Тито: првите чоколади на загрепски „Унион“ и на „Нестле“, првите микрофони и звучници што биле со вистински европски имиџ, а се рекламирале во тогашните весници, но и директно, пред продавниците, потоа модерните апарати за домаќинство, првите радија и модните новитети
Скопје почнало да го фаќа чекорот со Европа од крајот на 19 и почетокот на 20 век, особено во периодот меѓу двете војни, заедно со новите технички пронајдоци и развојот на индустријата. Сето тоа се одразувало и на стандардот во секојдневниот живот. Се случувале мали чуда, бидејќи не само автомобилот, туку и велосипедот бил реткост во тоа време. Се отворале првите бензински пумпи, првите автосервиси, фабрики за текстил и за козметика, почнувало современото производство на пиво и слад. Модата станувала нагласено проевропска, „а ла франга“, а биле популарни новите музички трендови. Трговијата се проширувала и земала невидени размери. Малите, ситни нешта станале потреба без која животот не можел да се замисли – прашоците за перење, модерната технологија и пакување на производите, маркетингот, средствата за одржување на облеката и на личната хигиена.
По многуте војни, сиот тој процес како да почнувал одново, недостигот од такви производи морал трпеливо да се дополнува. Денес, во Скопје постојат многу од тие „мали големи нешта“, кои сопствениците ги зачувале како скапоцен дел од својот изминат живот, но и од животот на градот. Некои од старите скопјани сѐ уште ги чуваат првите запалки на бензин што се користеле во 20-тите години од минатиот век. Тие биле вистинска реткост за тоа време. Интересна е историјата на овие запалки. Се појавиле на почетокот на 20 век, а особено биле користени од војниците во Првата светска војна. И овие скопскиве, кои денес се зачувани, имаат интересна форма, естетски привлечно се обликувани и ги зачувале убавината и патината на своето време.
Од периодот меѓу двете војни постојат многу интересни пакувања на првите прашоци за перење алишта или миење садови што се користеле во Скопје. Пакувани се во релативно мали кутии, за разлика од денешните. Некои од нив се произведувани и за време на окупацијата. Прашокот по име „сапо“ се користел за чистење и перење ткаенини, прашокот „дар“ за садови, а „тип“ за одржување санитарии. Подоцна, се сеќаваме и на употребата на „плави радион“, кој беше особено популарен. Од Запад е увезувана и познатата боја за чевли по име „нигрин“ на фирмата „Елит“. Првата модерна продавница за велосипеди во Скопје е отворена во 1930-тите години во една зграда наспроти денешниот парк „Жена-борец“. Постарите се сеќаваат на имињата на луѓето што работеле во таа продавница: газда Лазо и продавачот Ѓоре, кои биле популарни во градот. Да се има велосипед во тоа време било вистинска реткост. Тоа биле главно германски велосипеди од марката „кухман“ со светлечки ламби од фирмата „Нирона“. Таква куриозитетни велосипедски ламби, кои биле палени со кибрит, денес поседуваат некои од старите скопјани, а зачувани се од нивните татковци или дедовци.
Секое време има свои престижни нешта што многумина сакаат да ги поседуваат, доколку за тоа им се укаже можност. На пример, не можеше да се стане толку лесно скопски фраер ако не се патуваше во Трст по фармерки, по нова гардероба или по цигарите „марлборо“. Требаше да се помине тој пат од првата цигара, до фармерките „левис“. Ако подоцна нешто од сето тоа се зачуваше како интимен спомен и реликвија, уште подобро. Еден фраер од тоа време живо се сеќава на тие години на својата младост, кон крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите години: „Патувањето во Трст беше многу популарно, и ако некој сакаше да биде вистински фраер требаше оттаму да се врати со нови фармерки и со цигари ’марлборо‘. Во Скопје тогаш сѐ уште постоеше корзото пред Ристиќева палата и ’Кооператива‘, а имаше и дискоклубови. Е, таму требаше да се појавиш со фармерки и кутија ’Марлборо‘ чаламџиски ставена на појасот од фармерките. Ако си сакал нешто да значиш во градот, си морал да го сториш тоа“. Навистина, во 1970-тите години беше времето кога во поранешната држава доста се патуваше, имаше можности за тоа, а тој флуид на младоста што обединува идеи што сплотуваат, беа присутни насекаде. Денес во некои семејства се зачувани извонредно раритетни колекции од цигарите „вардар“. Тоа се големи пакувања од по сто парчиња во кутија. Во истата таква серија цигари постоела и марката „охрид“.
Подоцна, по војната, произведувани се цигарите „вардар“, но и „билјана“, со кутија што се отвораше како табакера. Овие колекции ме потсетуваат на периодот кога во Скопје не беше чаламџиски само да пушиш „марлборо“, „кент“, „астор“ или „винстон“, туку и домашни брендови чии имиња обележаа едно време: познатите ЛД и првите цигари со син филтер „билјана“, потоа „ривал“, нишка „морава“, сараевска „дрина“, филтер „југославија“. Сите некогашни новитети што доаѓале во Скопје, (а кои денес се сочувани како реликвии или драги спомени) најчесто ги имало во центарот на градот, особено на денешната улица Македонија, поранешните Крал Петар“ и Маршал Тито: првите чоколади на загрепски „Унион“ и на „Нестле“, првите микрофони и звучници што биле со вистински европски имиџ, а се рекламирале во тогашните весници, но и директно, пред продавниците, потоа модерните апарати за домаќинство, првите радија и модните новитети. Сето тоа е жива историја на која граѓаните се сеќаваат, артефактите грижливо ги чуваат во своите домови како драгоцена семејна традиција, но и како белег на духот на модерното време кога тие биле создадени.