„…Многубројните, безработни и проблематични егзистенции од луѓе се среќаваат на секој чекор и секој час на улица, нѐ следат, не знаејќи ни самите зошто, до живеалиштето или онаму каде што сме се упатиле, со онаа глупава лукавост што им ѕирка од очите, потоа одат кај своите шефови, им ги јавуваат новостите и ги потпишуваат признаниците. Може со мирна душа и чиста совест да се каже дека секој десетти човек во Скопје е нечиј шпион и кодош. Тоа е толку сигурно колку што е
сигурно дека Вардар тече низ Скопје…“
Скопје и, особено, чаршијата ги имаат опишувано големи писателски имиња. Мирослав Крлежа бил вљубен во своите описи на старо Скопје. Во една изјава тој вели дека читателите не биле доволно запознаени со неговите видувања на Старата скопска чаршија, на луѓето во неа, на дуќаните, меаните, на проститутките. Критиката не си ја вршела добро својата работа. Тој аспект од неговото дело сметал дека не е добро прочитан, па Крлежа вели: „Таму има богат опис на старо Скопје кое веќе не постои“. Тој мисли на описите на Скопје во неговиот роман „Знамиња“. Уште помалку е познато дека во Скопје живеел славниот Петар Кочиќ. Тој бил наставник, а во градот престојувал од 1904 до 1906 година. За среќа, ги оставил своите записи за Скопје, кои денес се од непроценлива вредност. Во истото тоа време, во Скопје престојувал и Бранислав Нушиќ и, според некои записи и кажувања, тој тандем одлично функционирал, со интересни седенки, средби, заеднички доживувања. Се бричеле кај ист бербер во чаршија, седеле во иста меана, двајцата биле обземени од неповторливата атмосфера од градот на Вардар. Во тој период (1908), Нушиќ го опишал големиот пожар во Старата чаршија, во кој изгореле десетици дуќани.
Во тоа време во чаршијата имало многу локали со богат ноќен живот. Пред 1912 год., но и во периодот меѓу двете војни, во Скопје била нагласена измешаноста на западната и ориенталната култура, која му давала посебен шарм на градот. Во некои ноќни локали се седело до утринските часови со познатите танчарки, популарно наречени „бајадерки“. Гостите честопати завршувале во хотелските соби со некои од бајадерките. Крлежа вака ги опишува скопските ноќи во чаршијата: „Единствено ноќта е моја, а таа е темна како што се темни овие македонски ноќи, сосема безнадежно и длабоко темни. Светат и треперат лојаниците зад пенџерињата затскриени со црвени марами, клокоти на сите страни лутата ракија, единствениот дезинфектанс, сѐ мириса на лук и лој, на бели бубрези на скара… Најголемата општествена сензација овде, среде чаршијата, е еден ан, еден Јанчи-ан, и како да ти го опишам овој скопски ноќен локал, каде што бадијалџиите се забавуваат фрлајќи компири од лонецот со вода по голите танчарки што играат чочек, а кога ќе шлапне разводенетата плочка од компирот врз голиот мев на танчарката, урнебесно одекнуваат победоносните извици на гостите, кои курвата ја сметаат за говетце“. Според неговите описи, тука се и „леблебиџиските дуќани на скопската чаршија и таинствените Македонци, кои итро се моткаат околу вас“.
Петар Кочиќ во 1905 година запишал: „Кога овие мисли ги нафрлам на хартија, Скопје спокојно починува при тивкото и сонливо шумолење на брзиот Вардар, осветлено од полната месечина. Иако тукушто се смрачило, никаде по улиците нема жива душа, а од куќите скопски, што имаат свој посебен облик, не се слуша никаков говор ниту џагор. Сѐ се собрало, замолкнало и притаило“. Но Кочиќ е многу пожесток од Крлежа кога ги слика општествените и политичките состојби во градот. Во тоа време, од крајот на 19 и почетокот на 20 век, во Скопје се отвораат многу конзулати, италијански, српски, англиски, грчки, австриски, руски. Колку повеќе конзулати толку повеќе пропаганди, колку повеќе пропаганди толку повеќе затегнати односи, шпионирања и кодоши, смета Кочиќ. Таа специфична ситуација во градот тој ја објаснува со следните зборови, сликовито и убедливо: „Градот е прошаран со многу конзулати и сомнителни дуќани, кои со сигурност можат да се сметаат како одделни филијали на тие конзулати. Многубројните, безработни и проблематични егзистенции од луѓе се среќаваат на секој чекор и секој час на улица, нѐ следат, не знаејќи ни самите зошто, до живеалиштето или онаму каде што сме се упатиле, со онаа глупава лукавост што им ѕирка од очите, потоа одат кај своите шефови, им ги јавуваат новостите и ги потпишуваат признаниците. Може со мирна душа и чиста совест да се каже дека секој десетти човек во Скопје е нечиј шпион и кодош. Тоа е толку сигурно колку што е сигурно дека Вардар тече низ Скопје. Овде се води, на прв поглед, невидлива но подземна борба“.
Кочиќ не би бил Кочиќ без својата иронија и сарказам. Зборот конзул е тежок и кабест збор, но и страшен и морничав ако му се додаде придавката англиски, руски, австриски. Но ако пред него се стави придавката бугарски, грчки, српски, тогаш тој збор не вреди ниту едно луле тутун! На таквиот збор, Турците во меана се фаќале за мустаќ и шеговито се смееле. Без оглед дали станува збор само за легенда, Кочиќ и Нушиќ оделе кај ист бербер, седеле во исти меани, а во Скопје отсекогаш било така – сите новости се дознавале прво на бербер или во меана. Не исклучувајќи ги, се разбира, и бајадерките од ноќните локали!