„…Чувствувавме дека и ние мора да ги срушиме тие табуа, а нашата скромна, но славна револуција започна – со ѕиркањето во Пошта-бања. Ах, каква еротика беше тоа! ’Забите да ти заиграат’, како што вели јунакот во еден роман. Така, Пошта-бања стана славно место. Таму немаше цензура на еротиката…“
Деновиве го читам дневникот на еден скопски фраер, кој ми го подари за да го зачувам и да остане траен белег за старо Скопје од 1960-тите години. Многу дух, иронија и досетки има во тој дневник, под наслов „Еротиката во скопските кина, ѕиркањето во Пошта-бања и нивната улога во нашата сексуална револуција“.
„Сексуалната револуција кај нас започна многу рано“, вели тој, „бевме меѓу првите револуционери, иако не ни бевме свесни за тоа. Тоа беше време полно со забрани. Време кога немаше телевизија, девојките ретко излегуваа, а кога ќе излезеа, рано се враќаа дома. Се разбира, кината беа во прв план. На почетокот сите еротски сцени во филмовите беа цензурирани. Да, цензурирани, дури и бакнежите, а да се види голо женско тело беше неостварлив сон. Но веќе во 1960-тите години, со хипиците, со рок и поп-музиката, со ’Вудсток’, со славните филмски ведети што веќе слободно се соблекуваа и разголуваа (не само на филмското платно), работите се изменија.
Се бараше поинакво однесување и ослободување на телото од застарените патријархални табуа. Чувствувавме дека и ние мора да ги срушиме тие табуа, а нашата скромна но славна револуција започна – со ѕиркањето во Пошта-бања. Ах, каква еротика беше тоа! ’Забите да ти заиграат’, како што вели јунакот во еден роман. Така, Пошта-бања стана славно место. Таму немаше цензура на еротиката. Таа бања или амам имаше исклучителна улога во историјата на нашето скопско сексуално еманципирање. Бидејќи револуцијата мораше од некаде да почне, ете, нашата почна необично. Во бања, и тоа со ѕиркање на капачките од малите пенџерчиња на ниската купола на амамот, на која лесно се искачувавме. Тогаш постоеја неколку фактори што ја одредуваа суштината на сексуалната револуција во светот: неа ја доживуваа како своја генерациите родени по војната. Периодот на нејзиното случување беа главно 1960-тите години од минатиот век. Сите овие настани се однесуваа токму на мојата генерација“.
Ете, така вели скопскиот фраер за своите доживувања, пред, но и по скопскиот земјотрес.
„Тоа ѕиркање всушност нѐ охрабри за понатамошни револуционерни чекори“, пишува понатаму во ракописот. „А потребата од такви чекори се појави многу брзо. Во Скопје започна да се прикажува еротскиот филм, кој направи вистинска сензација, не само кај нас туку и во светот. Тоа беше филмот ’И Господ ја создаде жената’ со Французинката Брижит Бардо, која во филмот се појавува гола, како од мајка родена. Нема веќе сечење кадри, нема цензура. Таа е всушност првата актерка со која започна сексуалната револуција кон крајот на 1950-тите години, со барање за нови слободи, без табуа и забрани. Филмот се даваше во повеќе скопски кина, меѓу кои и во киното ’Младина’, во Пошта Маало. Да, ама како ќе го гледаме филмот? На вратата на киното со големи букви пишуваше ’Забрането за помлади од 18 години’. А ние немавме 18 години. Со бањата беше полесно, на неа не пишуваше никаква забрана. Тогаш, смисливме револуционерна тактика, која мора да успее, за да не останат облините на Брижит Бардо невидени од нас. Тоа би било трагедија за нашата борба и идеја.
Застанавме пред чичко Музо, како што го нарекувавме нагалено Музафер, човекот што ги кинеше картите на влезот од киното ’Младина’. ’Чичко Музо, може да влеземе?’ Тој налутено ни возвраќаше: ’С`кн, мали сте вие за тоа’. Она неговото ’с`кн’ му значеше – ’никако’, ’не доаѓа предвид’. Тогаш ние се одлучивме на најтешката операција: да влеземе од задната страна, откај Природонаучниот музеј и отвореното пенџере од вецето на киното ’Младина’. Искачувајќи се еден врз друг на рамениците, влеговме во киното. Последниот мораше да остане надвор. Понатаму, тактика беше следната: се криевме во вецето сѐ додека ѕвончето не заѕвони трипати. Тоа беше знак дека се исклучуваат светлата. Веднаш потоа влегувавме во салата и седнувавме на помошните седишта, покрај ѕидот. Оние во средината не беа безбедни, бидејќи редарот можеше да нѐ забележи. Ах, каква беше Брижит Бардо во тој филм! Занесно. Неа Господ ја создал како божица со прекрасно тело! Нашата Пошта-бања веднаш би ја менувале за неа!“
Постепено, врските, контактите, вљубувањата, излегувањата стануваа послободни, неоптоварени со претходните стеги. Распрашувајќи се кај повеќето тогашни тинејџери од Пошта Маало, и не само кај нив, многумина ми ја раскажаа истата приказна за бањата и ѕиркањето како што пишува овој фраер во дневникот. Од кога датира тој објект?
Според официјалните документи и записи, амамот е изграден кон крајот на 19 век, а се наоѓал наспроти главната пошта, во близината на Арапска куќа. Во истиот ред некогаш беа и киното „Младина“, Куклениот теaтар и Природонаучниот музеј на улицата Орце Николов. Го изградил Иса-ага, но тој објект подоцна се модернизира и беше познат и како модерна бања, бидејќи во еден дел во него се инсталирани тушеви. Да, тоа беа славни денови на нашата младешка револуција, како што се вели во дневникот.
Денес во Скопје нема амами. Сите ги претворивме во галерии. Сепак, секоја генерација си има своја сексуална револуција. Го сакале ние тоа или не. Само што тој термин денес е доста вулгаризиран, било да станува збор за некои од списанијата, филмовите или за социјалните мрежи. Добриот и лошиот вкус во голема мера, за жал, си ги измешаа местата.