Во тесните скопски сокаци и куќи се случувале најразлични љубовни драми. Без оглед дали актери на тие настани биле необразовани луѓе или интелектуалци. Симпатичната госпоѓица Љубинка, која живеела сама на улицата Пашиќева бр. 51 во Скопје, имала слободни сфаќања за љубовта и не сакала со никого да се врзува подолго време. Ги сакала задоволствата и слободниот живот. Да, но наеднаш во нејзиниот живот се појавило нешто непредвидливо
Во старо Скопје, особено во периодот меѓу двете војни, имало толку многу љубовни драми и приказни што тие постојано биле тема на денот. Нив, се разбира, ги имало отсекогаш, но нивната необичност од тој период придонесува тие и денес да се прераскажуваат, добивајќи димензија на легенди. Приказните честопати не биле само драматични туку и трагични. Ќе раскажеме овде неколку такви драми од кои особено е интересна онаа со харемот. Едно грабнување девојка се случило во 1920-тите години во Скопско, а тоа зборува за интересен податок дека во тоа време постоеле хареми и во приватните куќи. Значи, такви хареми имало во Скопје и тие не се поврзувале со имињата на големите бегови и паши како што тоа е вообичаено, ниту со големи, специјални објекти за таа намена. За таквите хареми се знаело, но честопати се држеле во тајност. Тие помали хареми ја поддржувале старата харемска традиција, но со други специфики што ги диктирало времето. А еве што вели за еден таков харем љубовната приказна, која и писмено е забележена.
Богатиот Рамиз Ајредин од селото Студеничани се загледал во убавата селска мома по име Љубица. Таа не потекнувала од истото село, туку била од Орешани. Дали станувало збор за љубов на прв поглед или не, сеедно, но драмата се одиграла на следниов начин. Грабнувачот не размислувал долго време како да го изврши тој чин.
Најпрвин се договорил со еден свој пријател околу деталите за грабнувањето на селската убавица. Но двајца грабнувачи биле – премалку. „Операцијата харем“ барала повеќе луѓе за да се изврши тој чин. Откако заклучиле дека само двајца грабнувачи ќе бидат премалку, побарале помош од уште неколку другари, најверојатно од селото, и така станале шестмина. Вечерта, откако претходно ги проучиле и се осигуриле од сите можни опасности, заминале за селото Орешани од каде што ја грабнале девојката во ноќните часови. Грабнувачот Рамиз Ајредин веднаш ја скрил Љубица во својот харем.
Но, за секој случај, ја преоблекол во турска носија, за да не се разликува од другите жени во харемот и трагачите по неа да не можат да ја препознаат. Тоа било еден вид заштита, ако гонителите евентуално брзо ги откријат. Вечерта грабнувачот спиел со девојката, а утредента на повидок била голема трагедија. Кога селото дознало за грабнувањето на девојката, вооружено се кренало на нозе. Сепак, крвопролевањето било спречено бидејќи некој ја известил жандармеријата, која утредента интервенирила. Девојката поминала една ноќ во харемот, а потоа била вратена во селото Орешани.
Но приказните и легендите не се однесуваат само на грабнувањата, туку и на љубовните драми и трагедии, кои во основа се вистинити. Во 1930-тите години една љубовна приказна со трагичен крај се случила во Градскиот парк, над Зоолошката градина. Според раскажувањето на дебармаалците, тука поминувал еден од големите јазови на реката Вардар. На тој простор била сместена коњичката дивизија на бившата југословенска армија. Просторот бил опремен со штали среде полјана, и сето она што било потребно за одржување на коњицата. На истото место се наоѓала и семејната куќа на капетанот. Имено, ќерката на капетанот, убавица од скопското корзо, се вљубила во еден згоден, сиромашен скопски фраер, за кого нејзиниот татко, коњичкиот капетан, не сакал ниту да слушне. По многуте перипетии, момчето не можело да најде друг излез: една вечер покрај самиот јаз, во близината на куќата, ја застрелал и девојката и себеси.
Во тесните скопски сокаци и куќи се случувале најразлични љубовни драми. Без оглед дали актери на тие настани биле необразовани луѓе или интелектуалци. Симпатичната госпоѓица Љубинка, која живеела сама на улицата Пашиќева бр. 51 во Скопје, имала слободни сфаќања за љубовта и не сакала со никого да се врзува подолго време. Ги сакала задоволствата и слободниот живот. Да, но наеднаш во нејзиниот живот се појавило нешто непредвидливо. Од некаде се појавил господинот Игнацио Жагор, кој ни помалку ни повеќе, туку смртно се вљубил во неа. Или Љубинка или ниту една друга, велел вљубениот Жагор. А тоа значело – да се ожени со неа. За таа намера му напишал писмо на својот брат, дури и му испратил фотографија од саканата. Тоа писмо до братот ѝ го прочитал на Љубинка, која била стаписана. Бракот бил на повидок и таа сакала да избега. Настанале караници, мачни сцени. Не се предавал толку лесно господинот Игнацио. На крајот, кога биле сами и кога тој видел дека нема излез, го зел револверот и пукал во неа, а потоа и во себеси. Утредента кога еден негов другар дошол во посета, Љубинка лежела почината на креветот, а Игнацио сѐ уште давал знаци на живот. Успеал само да проговори: „Ја убив затоа што ја сакав“.
Така, и оваа скопска љубов, за жал, се претворила во Шекспирова трагедија.
Ќе раскажеме уште една приказна во која главен јунак е еден Русин, поточно двајца Руси и убавата госпоѓица Драга. Русинот Иван Михаило Маљцев се вљубил во Драга, но таа љубов траела само две години. Драга сакала да ја прекине врската, зашто се вљубила во еден друг Русин, исто така од Скопје. Во таа руско-скопска двојна љубовна врска, за жал, заиграл ножот на Маљцев. Драга била убиена, а Маљцев самиот се ранил со ножот за да ги скрие трагите. Подоцна, истрагата открила дека тој сам се повредил за да го камуфлира извршеното убиство со умисла. Чудни се патиштата на љубовта и љубомората, на омразата и трагедијата. Народот подоцна додавал разни детали, кои тие приказни ги прават уште понеобични и неизбришливи во меморијата на сограѓаните.