Невидената трагедија што му се случи на Скопје во земјотресот од 26 јули 1963 сѐ уште се раскажува низ многубројни драматични приказни, кои некои запишувачи ги нарекуваат и „скопски вистинити легенди“. По повод 55-годишнината од земјотресот, ќе потсетиме на некои од нив.
На аголот каде што се сечат улиците 11 Октомври и Ѓуро Салај, во близината на зеленото пазарче, една старица секое утро одела да купи млеко и леб за домашните. Во куќата живеела заедно со синот и снаата и двете внучиња. Станувала многу рано, затоа се искрадувала од креветот многу тивко, без да ги разбуди домашните, особено внимавајќи на внуците. Но тоа утро, на 26 јули, се случило нешто необично. Кога старицата станала од креветот, ја забележале внучињата и сакале и тие да заминат со неа на пазар. Старицата се противела, но, сепак, на крајот се согласила да ги поведе и нив со себе. Излегле од куќата, во тоа мирно летно скопско утро и пред продавницата се задржале, чекајќи во редицата. Потоа тргнале назад, а кога стигнале точно пред куќата, се случил кобниот настан – земјотресот. Со ужасен татнеж и потрес, куќата пред нив се урнала до темел. Сите загинале во неа. По игра на случајот, старицата ги спасила своите внуци, кои тоа утро инсистирале да тргнат со неа. Таа трагична слика што ја пренеле весниците, хроничарот вака ја опишал: „И еве како старицата клечи до урнатата куќа, а внуците седат на голата земја, до нејзините нозе“.
Куќата на улицата Водњанска бр. 40, наспроти Клиничкиот центар, е една од оние во кои трагичното утро повeќе луѓе ги загубија своите животи. И со неа е поврзана една драматична и необична приказна, каква што само животот и случајот можат да напишат. Во Скопје, пред земјотресот, млекото се продаваше во големи стаклени шишиња, кои во метални гајби се разнесуваа по продавниците. Голема редица имало тоа утро на 26 јули пред самопослугата, од најраните утрински часови. Кога пристигнале шефот на самопослугата и благајничката, во исто време пристигнало и млекото. Но, за чудо, имало само една мала гајба со 12 шишиња. И тие малку шишиња што ги имало, шефот одлучил да ги достави во болницата, за нејзините потреби. Настанала караница, при што одговорното лице морало да ги избрка граѓаните надвор во дворот. Во тој миг се случил земјотресот и додека оние избрканите од продавницата ја избегнале смртта, шефот и благајничката загинале. Куќата се урнала до темел. Жалејќи за караницата и за она што се случило, граѓаните се обиделе нешто да сторат за да ги спасат, но веќе било доцна. Тоа е уште една трагична игра меѓу животот и смртта во големата скопска трагедија.
Познато е дека животните имаат некое посебно сетило за да предвидат земјотрес или поплави. Една таква необична приказна со животните е поврзана и со скопскиот земјотрес. Во хотелот „Македонија“, во центарот на градот, каде што загинаа многу луѓе, главно странски туристи и гости, одржувачот на инсталациите во подземните простории на хотелот, се спасил од смртта на еден чуден начин. Еве, како се случило тоа. Откако цела ноќ дежурал во подрумите од хотелот, утрото на 26 јули бил буден. Наеднаш се слушнала врева од голем број глувци што излегувале од своите скривалишта и бегале угоре, кон излезот. Сакајќи да види каде бега глутницата, тој тргнал по неа. Глувците излегле право на улица и се разбегале. Бидејќи се почувствувал пријатно на утринското сонце и чистиот воздух, тој се задржал надвор уште некое време. Кога сакал да се врати назад, се случил првиот удар на земјотресот. Свртувајќи се, ја видел ужасната слика на хотелот во урнатини. Не можел ни самиот да поверува како на необичен начин си го спасил животот.
Според некои новинарски истражувања, тој фатален ден во градот имало околу 150 гости, странски државјани. Меѓу нив се посочува случајот со двајцата Швајцарци што избезумено барале брачна двојка што исчезнала под урнатините. Нивните деца биле пронајдени, но родителите никаде ги немало. Или друг пример. По земјотресот, во октомври, на делот од хотелот „Македонија“ што останал зачуван, можело да се видат букет со цвеќе и парче хартија на кое на германски јазик пишувало: „Од твојата мајка“. Никогаш не се дознало името на жртвата што загинала во хотелот, ниту името на мајката што дошла од Германија и го поставила букетот цвеќе со писмото. Во Скопје престојувал и Брајан Калверт, новинар на „Асошиејтед прес“, кој за трагедијата напишал: „Сум видел многу ужасни работи и стравотни човечки трагедии, но никогаш не сум видел нешто што би потсетувало на Скопје. Луѓето овде? Ви се кине срцето кога ќе ги видите, кога ќе ја видите скопската трагедија“. И нашите новинари имаат голема заслуга за известувањата и пишувањата за трагедијата, особено доајенот на нашето новинарство Јован Поповски, но и повеќето други афирмирани автори и известувачи, од кај нас и од светот.