Како изгледале просторите на Водно некогаш многу пластично опишал англискиот хирург д-р Абрахам Џонстон, кој за време на Првата светска војна (1914 година) работел во Скопје, во болниците што се наоѓале блиску до Зеленото пазарче и Старата железничка станица
На една од фотографиите што ги објавуваме се отвора еден куриозитетен поглед кон планината Водно. Од времето кога Водно е чисто, недопрено и кога токму таквата негова природа овозможувала бескраен духовен мир и спокојство. Фотографијата потекнува од почетокот на 20 век и отвора поглед кон падините во пределот на Тасино Чешмиче, но и кон погорните простори на планината. Во десниот агол се наѕираат куќите на селото Долно Водно, а таму каде што завршува последната редица на објектите од градот, се гледа полјаната каде што подоцна ќе бидат изградени Тропскиот институт и Клиничкиот центар. Во левиот дел на фотографијата денес се наоѓа густо населената улица Партение Зографски, со урбанизираниот простор на населбата Црниче. На другиот десен дел од фотографијата се наѕира мал и тесен прашлив пат, кој води угоре кон планината. Тоа е истиот предел каде што ќе биде оформена улицата Водњанска, односно денешна Мајка Тереза, во правец на основното училиште „Кочо Рацин“.
Како изгледале тие простори на Водно некогаш многу пластично опишал англискиот хирург д-р Абрахам Џонстон, кој за време на Првата светска војна (1914 година) работел во Скопје, во болниците што се наоѓале блиску до Зеленото пазарче и Старата железничка станица. Љубител на природата, тој според можностите и времето со кое располагал се искачувал на Водно со своите пријатели, воодушевувајќи се од неговата чистота и убавина. Во своите подоцнежни мемоари, д-р Абрахам ќе запише: „Попладнето нѐ затекна слободни, па така, бидејќи беше прекрасно ведар ден, конзулот, Стив и јас одлучивме да се искачиме на Горно Водно, планината во чие подножје лежи Скопје. Освен нас, планината речиси беше пуста. Понекое мало стадо овци, што го води стар брав со клопотарец на вратот, минуваше пред нас. Одвреме-навреме овчарче со кожув и со шубара им довикнуваше пискливо. На падините имаше две села, и додека се доближувавме до подолното, до нас допре рескиот пискот на гајди. ’Гајдата е национален музички инструмент кај овие горштаци’, рече конзулот. ’Веројатно играат на оро… Во турско време различни конзули за време на летната горештина изнајмувале куќи овде. Имаме еден до двајца пријатели што можеме да ги посетиме овде’, рече конзулот“. (Според книгата на д-р Џонстон „Мојот балкански дневник“, во превод на проф. В. Цветковски, Скопје, 2009).
На втората фотографија е прикажан еден навистина необичен и егзотичен предел на реката Вардар. Тоа се два дрвени чарка или две ѓермиња со чија помош се зафаќала вода од реката, која служела за различни потреби. Со специјални механизми водата била црпена и спроведувана до објектите. Во постаро време, чарковите биле придвижувани со помош на човечка сила. На кое место на реката Вардар се наоѓале овие направи, кои биле неопходни за користењето на водата? Овие два чарка се наоѓале по текот на реката Вардар под Ќерамидница, на просторите каде што подоцна била изградена кожарницата. Пред тоа постоеле дрвени бараки сушилници, во рамките на помали капацитети за обработка на кожа, за што била неопходна вода спроведувана од реката. Но чарковите имале голема улога и за наводнување на обработливите површини, кои на тој простор ги имало во изобилство. Сличен начин за црпење на водата, но за друга намена, се користел и за водениците. Постои податок дека само во централното подрачје на Скопје некогаш имало најмалку пет воденици. И уште еден куриозитет за ваквиот начин за експлоатирање на водата од реката. Имено, помалку е познат податокот дека на паркинг-плацот наспроти денешен „Холидеј ин“ некогаш постоел амам, под името „Вардар бања“. Водата до амамот исто така била спроведувана со помошта на чарк, кој бил инсталиран во близината на брегот на Вардар, во Ново Маало.
На третата фотографија се гледа една Ромка со своите две деца како полни вода од чешма во Топаана. Чешмите во Скопје имаат голема традиција и нивниот број во минатото не може точно да се утврди. Но имало значајни и монументални чешми што му давале белег на Скопје. Во горниот дел на фотографијата на која е прикажана чешмата од Топаана, се гледа една арка изѕидана од тули од некој стар световен објект. Поради богатата историја на градот, во обликување на чешмите и нивните корита биле користени стари археолошки артефакти. Така, на пример, постои податок дека еден стар римски саркофаг бил вграден во една од чешмите во Скопје. Да споменеме некои од славните чешми според истражувачите на османлискиот период. На нив и ден-денес се сеќаваат некои од постарите жители на скопските маала: „Алти Ајак чешма во Топаана, Кури-чешма и чешмата Хаџи Ине-бег во чаршија, Саук-чешма во Чаир, Лонџа-чешма на Бит-пазар, Дуќанџик-чешма, чешмата во Гази Ментеш Маало (од десната страна на Вардар), Тасиното чешмиче, потоа Оруч-паша и Хатунџик-чешма… На Хаџи Ине-бег чешмата стоел ваков интересен натпис: „Станува тоа што сака Господ. Сѐ живо е создадено од вода“.