„Кога во амамот дошла да се капе султановата ханума Хума шах Султана, таа почнала да пее. Нејзиниот глас бил толку убав што дури и животните застанувале да ја слушаат нејзината песна. Така, по убавината на нејзиниот глас и песна голема змија се вовлекла во амамот и ја слушала нејзината песна, а кога певицата престанала да пее, тогаш змијата се устремила на султановата ханума“. Таа била сама во шеснаесетте простории на амамот, а по каснувањето од змијата, султанијата била во претсмртен грч. „Тоа бил последниот знак на живот од убавицата Хума шах Султан… Потоа долги години никој не се осмелувал да влезе во ’Даутпашиниот амам‘ во Скопје“
Некои од скопските легенди зборуваат дека близината на двата објекта, „Даутпашиниот амам“ и црквата „Св. Димитрија“ не е случајна. Тие се наоѓаат еден наспроти друг, а еве зошто. Денешната црква не се наоѓала на тоа место, туку на просторот каде што сега се наоѓа „Даутпашиниот амам“. Во втората половина на 15 век, Даут-паша за да го изгради амамот ја урнал црквата. Вложил пашата многу пари, а по завршувањето на амамот очекувал голема материјална корист од таа своја инвестиција и, се разбира, големи признанија. Но сето тоа изостанало. Зошто? Едноставно, интересот за капењето во овој амам во градот бил многу мал, речиси никаков. Огромните простории, главно зјаеле празни. И не само тоа, тогаш почнале и озборувањата. Зошто напразно се фрлени толку пари, сето тоа било неумно и некорисно. Така, не само што не добил признанија, туку сега Даут-паша морал да се снаоѓа за да си ги зачува своето име и образ. Како?
Мислел, пашата, мислел и – смислил. Едно утро, кога ретките капачи дошле пред амамот, биле вратени од чуварите. Амамот бил целосно затворен. „Зошто?“, прашале тие изненадени. „Затоа“, добиле одговор, „заради змиите!“ „Какви змии?“, прашале повторно граѓаните. „Се појавија змии во амамот и каснаа едно момче. Пашата се налути и затоа го затвори амамот“. Така, Даут-паша повторно почнал да добива пофалби од своите сограѓани, како е хуман и како се грижи за нивните животи. Важни се луѓето, а не парите и амамот. А пашата всушност ги измислил змиите. Тоа е едната од легендите. Другата легенда вели дека во амамот, уште од почетокот на неговата употреба, навистина се појавиле змии. Тоа за пашата бил лош знак. Го сметал како еден вид закана, затоа што претходно ја урнал црквата на тоа место. Така, според легендата, била изградена денешната црква „Св. Димитрија“.
„Даутпашиниот амам“ е една од најмонументалните такви градби, не само кај нас, туку и во Османлиското Царство. Импресивен е податокот дека амамот имал петнаесетина простории, четири влеза, и ни помалку ни повеќе туку – 13 кубиња. Две големи на влезот од западната страна, и единаесет помали, наизменично распоредени. Се разбира, сиот тој простор се видоизменувал со големиот број реконструкции, при што, богатата внатрешна декорација и денес е присутна. Но постои уште една легенда за „Даутпашиниот амам“, која ја раскажува Апостол Поп-Јовановски, која е посебно интересна бидејќи зборува за султановата жена Хума шах Султан, која се капела во амамот што бил граден специјално за неа. Во легендата се вели: „Во едно предание се говори дека Даут-паша амамот го изградил за султановата ханума (жена) Хума шах Султан, и затоа настојувал амамот да биде најголем и најубав во Отоманската Империја…
Но според легендата, во амамот кога дошла да се капе султановата ханума Хума шах Султана, таа почнала да пее. Нејзиниот глас бил толку убав што дури и животните застанувале да ја слушаат нејзината песна. Така, по убавината на нејзиниот глас и песна голема змија се вовлекла во амамот и ја слушала нејзината песна, а кога певицата престанала да пее тогаш змијата се устремила на султановата ханума“. Таа била сама во шеснаесетте простории на амамот, а по каснувањето од змијата, султанијата била во претсмртен грч. „Тоа било последниот знак на живот од убавицата Хума шах Султан… Потоа долги години никој не се осмелувал да влезе во ’Даутпашиниот амам‘ во Скопје“.
Во оваа легенда се вмешува и една историска личност. Тоа е Хума шах Султан, која овде е претставена поинаку отколку во историските податоци што ги истражувале нашите историчари на уметноста и историчарите на османлискиот период воопшто. Се разбира, во легендите тоа е дозволено, а историските податоци се нешто сосема друго. Имено, во Скопје, на самиот плоштад, до 1925 година кога е урнато, постоело турбе во кое се смета дека била погребена Хума Шах Султан. Тоа турбе може да се види и на фотографиите од меѓувоениот период. Некои од истражувачите сметаат дека Хума шах Султан не била анама на султанот, туку жена на познатиот Мустафа-паша, чија џамија и денес постои во Скопје. Се смета дека анамата по потекло била од царски род. Поседувала богати имоти во околината на Скопје, особено во Сарај, кои ги наследил нејзиниот син Хусеин шах. Тоа е и поранешното име на селото. И денес во Сарај постои џамијата „Хусеин шах“, која добро е зачувана.
Низ историјата, „Даутпашиниот амам“ доживувал разни пренамени, дури е неверојатно колку бил запоставуван, иако станува збор за исклучителен историски споменик. Еден историски факт звучи како легенда иако не е тоа, бидејќи станува збор за вистински податок. На крајот од 19 и почетокот на 20 век, амамот служел како складиште за петролеј, и навистина е голема среќа што тој бил зачуван. Во еден период во неговите простории биле сместени занаетчиски дуќани. Во неговата близина се наоѓала и позната ковачница за пари, а тој секогаш бил еден вид центар околу кој биле градени објекти со најразлични намени: продавници, анови, работилници. Ете, така, во богатата историја на Скопје, се мешаат легендите и историските факти.