Изведбата на стриптизерката ја гледавме со подзината уста, и сето она што го подразбираше тој вид еротски настап. Главниот дел, откривањето и покажувањето на градите, се одвиваше толку брзо и молскавично, што завршуваше пред и да бидеме подготвени за тоа. И толку. Нема повеќе, крај
Во 60-тите и 70-тите години од минатиот век, во Скопје сѐ повеќе се отвораа ноќни клубови, кафеани што работат до доцна во ноќта, со специјални забавни програми, музика и пејачи. Тогаш се појавуваат и првите ноќни барови, од кои најпознат беше оној во „Гранд хотел“, („Холидеј ин“) со толку привлечното име – стриптиз-бар. А тој се отвори „токму навреме“, на крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите години, во периодот на нашите „луди млади години“, времето на студентските денови, првите љубови и еротските фантазии, барањето простор за ноќни лудории и забави, кои ги немаше многу. И денес во Скопје има малку или воопшто нема пристојни простори во кои се изведуваат стриптиз-точки со придружна и издржана уметничка програма. А што да речеме за тоа време преполно со табуа и предрасуди? Деновиве (2019) пријателите во неврзан разговор ми велат дека стриптиз-настапите во градот како полека да исчезнаа, за разлика од годините кога беа хит-забава. Тие не исчезнаа, но настапите се видоизменети, како и публиката и просторите каде што се настапува. Сепак, да се вратиме уште еднаш на почетокот, на возбудливите ноќи, кога првпат во Скопје гледавме стриптиз-точки. Каде? Се разбира, во популарниот „Гранд хотел“, денешен „Холидеј ин“, кој беше центар на многу збиднувања.
Треба да се каже дека тогашниот „Гранд хотел“ имаше високо угостителско реноме, во тој контекст исто такво реноме имаше и самиот стриптиз-бар, а ќе видиме и зошто. „Гранд хотел“ беше и остана легенда, како и повеќето луѓе што придонесоа за неговото реноме. Хотелот е почнат со изградба во годините пред земјотресот, а дефинитивно е завршен во 1964 година. Тој е дело на архитектот Славко Леви. Во горните раскошни сали имаше разни забави (повремено се одржуваше, верувале или не, бал на новинарите). Во подрумските простории беше популарното „Огниште“, ресторан во народен стил, а постоеше и голема летна тераса што гледаше кон кејот. Сепак, нашето љубопитство го привлекуваше стриптиз-барот, во кој се влегуваше од просторот кај денешниот трговски центар, во близината на Ирскиот паб. „Македонија турист“, како АД, и денес држи голем синџир од реномирани угостителски објекти, „Холидеј ин“, „Бест вестерн“, „Арапска куќа“ и др.
Кога стасавме во годините кога можеа да нѐ пуштат да влеземе во ноќниот бар, возбудата беше голема. Програмата почнуваше во доцните часови, а завршуваше околу три и пол часот наутро. Стриптиз-точката беше во средниот дел од програмата.
Најпрвин се слушаше тивка сентиш-музика од оркестарот, во продолжение имаше еден вид кабаретско-забавна програма, а потоа доаѓаше главниот настап на младата стриптизерка. На крајот беше настапот на еден или неколку познати пејачи од нашата забавна музика. Кружниот подиум беше во средината на салата, наоколу беа масите за гостите, а еден дел од просторот заземаше и оркестарот. Изведбата на стриптизерката ја гледавме со подзината уста, и сето она што го подразбираше тој вид еротски настап.
Главниот дел, откривањето и покажувањето на градите, се одвиваше толку брзо и молскавично, што завршуваше пред и да бидеме подготвени за тоа. И толку. Нема повеќе, крај. Ама чаламот дека сме гледале стриптиз во скопскиот бар беше голем.
Во барот доаѓаа познати уметници, посетители од разни професии, скопските боеми.
Не отсуствуваше ниту дискретното присуство на дамите на ноќта, кои главно седеа на маса со легендарниот Ром, познат по прекарот Џемс. Тој беше маскота на барот, популарен во Скопје. За жал, за него досега ништо не е пишувано, а легендите не смеат да се забораваат. Дали тој беше дел од скопското подземје, ниту денес со сигурност не може да се тврди. Сепак, според однесувањето, личеше на фраер со американски имиџ, а според убавината потсетуваше на тогаш сѐ уште популарниот Клерк Гебл. Постојано беше опкружен со убави дами, кои го обожаваа. Ништо необично за амбиентот на еден ноќен бар. Според моите досегашни сознанија, очигледно дека станувало збор и за елитна проституција во која биле вмешани повеќе личности, особено странците во градот, со кои Џемс, велат упатените, имал контакти.
Ете, така, животот пишува романи.
Во секој случај, во барот настапуваа елитни музичари, кои тогаш беа популарни и останаа незаборавни. За таа славна историја, своевремено ми раскажуваше легендата на македонската забавна музика и естрада, денес починат, Зоран Милосављевиќ. Според него, оркестарот го сочинувале еминентни имиња: Ладислав Палфи, Чешларов, Драги Мачкица, Петар Лукиќ, Мирче Панев (Поп Дудов), Миле Малининов, а повремено на клавир настапувал и легендарниот Бранѓолица. Милосављевиќ се јавувал во тројна улога – како конферансие, како бас-гитарист и како пејач.
Интересен е податокот дека постоело здружение на стриптизерки на Југославија, наречено „Вариете“, со седиште во Загреб. Тие настапувале и во скопскиот стриптиз-бар, во траење од еден месец, а потоа заминувале во други градови. Ете, поранешните југословенски републики имале соработка и на тој план. Многу подоцна, благодарение на секси-шопот „Валијант“, се организираа стриптиз-настапи и во кафулиња во центарот на градот. Особено беше популарна Црна Мачка, а подоцна и Црна Мамба, која повремено настапуваше во кафуле на кат во Беверли Хилс. А за да не бидеме поназад од преостанатиот свет, наскоро започнаа и сеансите на машки стриптиз, кој беше во тренд, со големо присуство на женската популација.