Документите велат дека зградата на „Идадија“ била преуредена во вистински султанов дворец за време на неговиот престој во Скопје. Таа и надворешно и внатрешно била сосема реновирана. Одделението специјално наменето за султанот се наоѓало на првиот кат
Ретки се фотографиите и податоците за престојот на султанот Мехмед Решад Петти во Скопје 1911 година. Тоа е Скопје пред Балканските војни: какви биле тогашната топонимија и архитектурата на градот, како бил пречекан и каде отседнал, што е направено во чест на доаѓањето на една така висока личност. Читателот на Скопски легенди ќе има можност во овој број да прочита повеќе куриозитети за тоа каде и како биле сместени во Скопје султанот и двајцата принцови (неговите синови), како и целата царска придружба. Тоа се податоци што првпат се објавуваат по повеќе од сто години. Султанот отседнал во скопска „Идадија“, во монументалниот објект на турската гимназија, подоцна кај скопјани позната како Учителска школа. Документите велат дека зградата на „Идадија“ била преуредена во вистински султанов дворец за време на неговиот престој во Скопје. Таа и надворешно и внатрешно била сосема реновирана.
Одделението специјално наменето за султанот се наоѓало на првиот кат. Кога ќе се влезело во огромниот ходник, од левата страна, како прва, се наоѓала собата на султановиот личен секретар, а до неа собата на маршалот на султановиот двор. Веднаш до просторијата на маршалот се наоѓала султановата просторија за прием. Салонот за прием бил раскошно наместен и послан со скапоцени персиски килими. Од овој голем салон, се влегувало во друг помал, а од него во султановата спална соба. На едната страна од спалната соба се наоѓал прекрасен кревет со балдахин, од бела свила и свилена постелнина. До спалната соба се наоѓала голема бања обложена со сив мермер.
Во другиот ходник се наоѓале собите за султановите аѓутанти, големиот везир и другите министри. Самото присуство на султанот и на големиот везир во тоа време за Скопје претставувало голем настан. На вториот кат во „Идадија“, при влезот од десната страна, „се наоѓале две впечатливо наместени спални соби за принцовите“. За сево ова да се подготви и добро да се организира заслугата му припаѓала на уредувачкиот одбор или одборот за пречек. Но тоа не е сѐ во врска со пречекот. Има и други интересни детали.
Скопскиот валија, Халил-бег, потоа воениот командант Џавид-паша и претседателот на општината, во петокот вечерта отпатувале за Солун да го пречекаат султанот и да го придружуваат на патот до Скопје. Биле пропишани строги правила за тоа кој и како ќе се однесува за време на престојот и пречекот на султанот. Откако султанот ќе стапнел во салонот на Железничката станица во Скопје и откако претседателот на општината ќе го поздравел, дури тогаш, службениците, учениците и народот можеле да му искажат почит на падишахот. Исто така, додека султанот не стигнал до местото на престојот („Идадија“), присутната публика не смеела да ги напушта своите места за да не се создава неред. Разните клубови, еснафите и здруженијата ги заземале местата што ќе им ги одредел одборот за пречек. Пред ресторанот на станицата биле новинарите и странците, а страничниот хол бил одреден за верските поглавари, конзули, народните пратеници. Пред станицата бил поставен и специјален одред од коњица и пешадија.
Утредента, султанот ја посетил Турската чаршија. Со својата свечена придружба тој поминал низ триумфална порта, која специјално по тој повод била поставена пред Камени мост. Тоа може убаво да се види на фотографијата што ја објавуваме во овој број. Но тогашните топоними во Скопје не биле она што се денес. На пример, малку се знае дека плоштадот во тоа време не постоел, барем не во онаа форма каква што ја знаеме денес. Таквиот облик и значење тој го добил дури по Првата светска војна. Помалку е познато дека градот организирал многу активности и реставрирање објекти во чест на доаѓањето на султанот, особено оние во Старата чаршија. Исто така, помилувани биле затворениците од затворот, освен оние што биле осудени за убиство.
Издадена е специјална поштенска марка на која било втиснато името на градот Скопје, „Ускуб“. Но тоа е само еден дел од активностите. Камени мост бил реновиран, и тогаш, во 1911 год., првпат била поставена железната ограда што постоеше до почетокот на 21 век, кога повторно беше поставена камената. На мостот, исто така, била вградена специјална плоча за посетата на султанот. Во чаршијата биле реновирани повеќе објекти. Меѓу нив, специјална реставрација била направена на познатата света вода, чиј извор бил изѕидан со тули, кои ја канализирале водата да истекува во течението на реката Серава. Во чест на посетата на султанот, изворот на светата вода бил наречен Решадије. Во таа 1911 година била отворена и денешната улица Македонија (тогашна Јени џаде), по која првпат минал султанот отпоздравуван од граѓаните, кои седеле на специјални трибини за кои се плаќале влезници. Султанот ја посетил и најголемата џамија „Султан-Мурат“ во Скопје. По тој повод, бил отворен и специјален влез од источната страна на џамијата, кој директно водел кон турбето и гробницата на принцезата Бејхан-султан, сестрата на Сулејман Величествениот. Над влезот бил поставен натпис, кој постои и денес, датиран од 1911 година.
Ќе пренесеме и едно оригинално сведоштво на очевидец на тие настани, кој присуствувал на минувањето на поворката на султанот: „Помина прво еден ескадрон коњаница во зелени парадни униформи и со зелени калпаци на глава. Со срмени еполети и колани. Султанот седеше сам во кочијата, од страните покрај кочијата одеа по тројца гардисти. Сета поворка се упати кон ’Идадија‘, каде што султанот отседна во една од двете згради што се наоѓаа таму. Приближно каде што денес се наоѓаат бараките на општината Центар и старата Учителска школа, која веќе не постои“.