„…Eднаш, доаѓам на состанок со првата женска пред ’Ванила‘, сиот во цветен аранжман, накитен од глава до петици. Како росен цвет штотуку набран од ливада. Женската ме гледа и се смее. ’Што си се направил ваков?‘, ’тоа е во мода, реков, не знаеш?‘, ’знам, ама не сакам толку накитени типови‘…”
„Кога првпат фатив женска? Ах, нема да ти се верува. На Руска плажа“, ми пишува деновиве еден фраер кого го замолив да ми ја раскаже својата интимна историја. „Како се случи тоа? Ѝ помогнав да го премине Вардар. Се лизна на камен. Ја задржав. Телата ни се допреа. Видно се возбуди, поцрвени, се засрами. Се возбудив и јас. Додуша, нејзината порака пристигна по еден месец преку нејзината другарка. Си закажавме на кеј. Ја однесов во паркот. Таму падна првиот бакнеж… И толку. Потоа ја однесов во слаткарницата ’Пчела‘, а следниот пат на боза во ’Баш пеливан‘. Сонувавме како летно Скопје е празно, и како е создадено за љубовници“. Добар е овој фраер од Руска плажа со неговата исповед. Искрен. Посебно ми се допаѓа она за летно, сонувано Скопје, создадено за љубовници.
„Да фатиш женска значеше најпрвин да одиш во кино. Да, во кино, ама не да седиш каде било. Најдобро беше со девојката да седнете во последниот ред! Тоа беше место за љубовни парови. Особено во киното Куклен театар. Кога ќе се замрачи салата, каква убавина. Освен што седиштата многу крцкаа, бидејќи беа дрвени. Секој бакнеж, по едно крц-крц! Згора на тоа, расположението ќе ти го расипе некое детиште што седи напред. Цело време се врти, и гледа како се бакнувате. Тоа ми се случи кога ја фатив првата женска. Само што ја бакнав, седиштето крц-крц, а тој се врти, како ние да сме на филмско платно. Тогаш му свикав: ’Не се врти, бе, копил‘. Тој нема гајле. Му ѕвекнав една по тилот, ја грабнав женската за рака, и заминавме во паркот“.
„Ех, женските беа мистерија“, ми пишува понатаму фраерот, „тешко беше да им угодиш, постојано прашуваа: имаш ли грамофон, кои плочи ги слушаш, која група тие е најомилена? Тогаш сѐ се вртеше околу музиката. Ако сето тоа го немаш – ништо. Не тргнува со тебе. Тогаш се стрчав кај другар ми, чиј татко работеше во музичкиот магазин ’Кочо Рацин‘, спроти ’Рекорд‘, и побарав грамофон и плочи. ’Нема‘, вели тој, ’сѐ е распродадено, ако сакаш ќе ти ги дадам моите, некои се од странство‘. Ете, така, се наоружав до заби, и да видиш како падна женската. Ме прашува: ’Имаш грамофон?‘, ‘да‘, ѝ реков, ’и тоа два‘. ’Два? Која марка?‘, ’Едниот е ’супрафон‘, а другиот е ’лингафон‘, јачина три вати со звучник‘. ‘А плочи? Ги имаш ’Битлс‘?‘, ’ги имам, и ’Ху‘, ’Ролинг стоунс‘, ’Кингс‘, ’Холис‘, ‘Дорс‘, ’Енималс‘ и Џими Хендрикс го имам‘, набројував задишано. ’Имам и постари синглови, од Чаби Чекер‘. ,Од Чаби Чекер?‘, се зачуди таа. ’Да, тој, со, Твист…‘ Се воодушеви женската, дури и се согласи сите тие скапоцени нешта нагледно да ѝ ги покажам, кај мене дома“.
„Што да ти кажувам, брат, знаеш ли што значеа тогаш групата ’Мамас енд Папас‘ и Џон Филипс? И неговата песна ’Сан Франциско‘ што ја пееше Скот Мекензи? Таа беше химна на хипиците, на хипи-движењето, врв на хипи-попот. Сѐ беше во знакот на цвеќето. Еднаш, доаѓам на состанок со првата женска пред ’Ванила‘, сиот во цветен аранжман, накитен од глава до петици. Како росен цвет штотуку набран од ливада.
Женската ме гледа и се смее. ’Што си се направил ваков?‘, ’тоа е во мода, реков, не знаеш?‘, ’знам, ама не сакам толку накитени типови‘. За среќа, следниот пат се коригирав и врската траеше цела година. Ех, какви маки имавме со модата. Најпрвин ’Битлси‘ нѐ заразија со тесни панталони, како ќунци. Трчав кај тетка ми кројачка во Кисела Вода да ми ги стесни сите панталони што ги имав. Наеднаш, во седумдесеттите години, обратно, во мода влегоа – ѕвонарки. Ајде, широките ќе ги стесниш, ама како тесните панталони ќе ги прошириш? Никако. Трчав да купам нови. Подоцна трчав и по фармерки во Трст. Имав и мотоцикл со кој дигав чалами на улицата Маршал Тито, денешна Македонија“.
„Ние бевме првата диско-генерација во Скопје. Еј, ама беше забавно и откачено тоа со диското. Верувале или не, имаше, клуб на дискофили. Така сѐ започна, во Работничкиот универзитет, денешен КИЦ. Се собиравме во една канцеларија, пуштавме музика со плочи донесени од дома, потоа ја користевме терасата, па киносалата, која беше на местото на денешен ’Салон 19,19‘. И на крајот, ’вистинско‘ диско направивме во подрумот. Сами фарбавме и префарбувавме, имаше бифенце, подиум, светилки во боја. Таму фатив женска, а знаете зошто? Ги носев најдобрите сопствени плочи, кои се наоѓаа на врвот на светските топ-листи. Свирките во ’Пролеќе‘ и во ’Треска‘ не се забораваат, и тие беа,кул`. Еден тип од Тафталиџе, започна да прави диско во гаража. А слаткарниците? Тоа беа нашите најголеми сврталишта во тинејџерските денови. На улицата Никола Вапцаров се наоѓаше ’Ванила‘ пред земјотресот, тука некогаш била и станицата на релито ’Монте Карло‘. ’Ванила‘ постоеше и по земјотресот, а многу подоцна и во Трговскиот центар. Не знам, брат, денес ми се чини дека е полесно да фатиш женска отколку порано. Можеби денешниве фраери се поспособни од нас, или тоа, сепак, беа други времиња?“