Градоначалникот Петре Шилегов на прес-конференција ги соопшти плановите на Град Скопје за реконструкција на објектот на Универзалната сала.
– По усвојувањето на ребалансот на буџетот за 2020 година од страна на парламентарното мнозинство по предлог на Владата, се отвори можноста за финансирање на 19 капитални инвестиции во повеќе општини низ државата. Три од нив се однесуваат на капитални инвестиции на Град Скопје. За реконструкција на Универзалната сала се предвидени 120 милиони денари буџетски средства. Верувам дека сите сме согласни дека Универзалната сала е омилената културна институција на многу скопјани, а за многу деца, тоа е местото на првиот концерт или културен настан, што ја прави нејзината реконструкција повеќе од неопходна. Со обезбедувањето на буџетските средства конечно се создадени услови за почнување на целосна реконструкција на објектот на Универзалната сала, во постојниот облик и габарит, задржувајќи го својот автентичен изглед како симбол на обновата на постземјотресно Скопје – рече Шилегов.
Тој објасни дека Град Скопје на овој чекор се одлучил по широката поддршка од јавноста за идејата Универзалната сала да се зачува во постојната форма, на постојната локација, што не значи дека Градот се откажува од идејата за нова концертна сала со придружни конгресни капацитети, на друга соодветна локација, во согласност со потребните стандарди за непречена организација на големи културни и друг вид настани.
– Реконструкцијата на Универзалната сала по проект што ќе ги задржи постојната големина и облик е оптимално и единствено разумно решение за повторно ставање во функција на овој објект. Со оваа реконструкција ја исполнуваме и спроведуваме на дело волјата на граѓаните во однос на Универзалната сала, но истовремено мора да нагласиме дека оваа реконструкција не ги задоволува среднорочните и долгорочните потреби за културата во градот. Изградбата на нова концертна сала со придружни конгресни капацитети, со обезбеден паркинг и соодветно сообраќајно решение за пристап до салата, и ред други просторни и технички стандарди за ваков тип објекти е нешто што мора да му се случи на Скопје што поскоро. Убеден сум дека наскоро и за тоа ќе успееме да обезбедиме средства и дека изградбата на ваква нова сала, по реконструкцијата на Универзална, ќе биде наш влог во проектот Европска престолнина на културата во 2028 г. – нагласи Шилегов.