Најавената одлука на скопскиот градоначалник Петре Шилегов за регулирање на паркирањето за моторите предизвика многу дебати помеѓу граѓаните, но, секако, и помеѓу моторџиите и градоначалникот. Заедницата на моторџии најпрво викендов оствари средба со градоначалникот, а потоа нивни претставници вчера вторпат се сретнаа со него, за да ги спротивстават аргументите и ставовите, со цел да се најде прифатливо решение и за едните и за другите и воопшто за граѓаните. Многуте средби и дискусии во градското собрание веројатно ќе донесат и квалитетна одлука, која ќе биде прифатлива за двете страни.
Моторџиите се децидни дека не се растревожени од давачката од 5 до 7 денари, колку што се исплашени дека моторите, нивните скапи миленици, од по 40 илјади евра, ќе им биле на „шведска маса“ на крадците. И сега тие се лесен плен за нив, а крадците, иако се познати, најчесто не се најдени. „Нова Македонија“ги спротивстави аргументите на моторџиите со оние на градоначалникот Шилегов.
Моторџиите сметаат дека градоначалникот Шилегов ги доведува во позиција шах-мат и додаваат дека тие секогаш внимаваат каде паркираат и тоа навистина не е проблем. Децидни се дека проблем е што нивните прескапи мотори ќе им бидат далеку од очите, а преблиску до крадците. Доколку градоначалникот не отстапи од намерата, во знак на протест и револт ќе ги блокираат скопските сообраќајници.