Се чекаат резервни делови за мониторинг-станиците за воздух
Од Министерството за животна средина велат дека во мониторинг-станиците има инструменти што во моментов не се во функција и за нив се чекаат резервни делови. Тврдат дека интензивно работат на решавање на проблемот, односно вршат замена на застарените мерни инструменти со нови. Во моментов работат на набавка на два нови мерни инструменти за ПМ 10 честички, наменети за станиците во Гази Баба и во Лисиче
Мерните станици за квалитетот на воздух сѐ уште се во очајна состојба. Но од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) велат дека работат сите мерни станици, освен мониторинг-станицата во Карпош. За неа акцентираат дека е во тек процедура за поправка на софтверот за прибирање податоци и комуникација со централната база на податоци. За мониторинг-станиците велат дека има инструменти што во моментов не се во функција и за нив се чекаат резервни делови, кои треба да пристигнат овој месец. Од друга страна, пак, надлежните оттаму тврдат дека интензивно работат на решавање на проблемот, односно вршат замена на застарените мерни инструменти со нови. Кажуваат дека во моментот се одвива набавка на два нови мерни инструменти за ПМ 10 честички, наменети за станиците во Гази Баба и во Лисиче. Набавка на нови мерни инструменти е планирана и во рамките на проектните активности, кои се спроведуваат во министерството.
Од друга страна, пак, не смее да се заборави дека во јавноста беше истакнато дека целата опрема на станиците за мерење на квалитетот на воздухот е стара и дека веќе има нови серии, па затоа за нашите нема веќе делови и дека на самите производители не им е јасно како сѐ уште работат овие мерни станици, кои се користат веќе 14 до 16 години. Надлежните навистина треба да направат многу летово за да не ни се повторат минатогодишните искуства со загадувањето на воздухот, кога македонските градови беа на врвот на најзагадени градови во светот. Деновиве извештајот од Обединетите нации „Загаденоста на воздухот и здравјето на луѓето: случајот Западен Балкан“, покажа дека македoнскиот воздух е пет пати позагаден од европскиот. Исто така, се вели дека загадувањето на воздухот е причина за едно од пет предвремени умирања во 19 града во Западен Балкан, меѓу кои се опфатени Скопје, Тетово, Битола и Велес. Ако сакаме да бидеме изземени од ваквите извештаи наредната година, тогаш треба да се направи многу повеќе за почист воздух, од само поправка на мерните инструменти.
Од градот Скопје велат дека тие располагаат со една мерна станица „аирпоинтер“, која е поставена на улицата Македонија. Оттаму додаваат дека во моментов таа се сервисира и се планираат да биде поставена на нова локација. Другите мерни станици велат дека не се во надлежност на градот туку на Министерството за животна средина и просторно планирање.
– Во моментот работат сите мерни станици освен мониторинг-станицата во Карпош за која е во тек процедура за поправка на софтверот за прибирање податоци и комуникација со централната база на податоци. Во мониторинг-станиците има инструменти што во моментов не се во функција и за нив се чекаат резервни делови. Во моментот има набавка на резервни делови, кои треба да пристигнат овој месец, со што дел од инструментите, кои се надвор од функција, ќе се сервисираат и калибрираат и повторно ќе бидат вклучени во системот. Со оваа набавка не можат да се сервисираат сите мерни инструменти. Мерните инструменти за ПМ10/ПМ2,5 од мерните станици во Битола 2, Куманово, Тетово и од мобилната станица лоцирана моментално во Бутел, се во процедура за испраќање во акредитирана лабораторија во Австрија за нивна калибрација – велат од МЖСПП.
Ако се провери апликацијата „Мој воздух“, ќе се заклучи дека станиците во Гази Баба и во Лисиче, кои во грејната сезона не работеа и сега не покажуваат никакви податоци за квалитетот на воздухот. Дали ќе може да се поправат мерните станици и дали повторно ќе бидат ставени во функција останува да видиме, бидејќи песимисти во однос на ова беа и познавачи на состојбите со мерните станици.
Целата опрема на мерните станици е стара
На минатогодишната конференцијата „Како до почист воздух во градовите“, која се одржа во организација на НВО „Зелен институт“ од Скопје, а со поддршка на „Биро де хелинг“ од Холандија, Светлана Ѓеорѓиева од Државниот автоматски систем за мониторинг на квалитетот на воздухот (ДАСМКВ) рече дека целата опрема на станиците за мерење на квалитетот на воздухот е стара и дека веќе има нови серии, па затоа за нашите нема веќе делови.
– Нашите станици се користат 14 до 16 години. Калибрациската станица ни е потребна за проверка на инструментите и досега оние што работат се во добра состојба. Делови за старите и дотраени мерни станици тешко се наоѓаат, скоро и да не произведуваат вакви делови. На самите производителите не им е јасно како мерните станици сѐ уште работат – рече тогаш Светлана Ѓорѓева од ДАСМКВ.
Но од Министерството за животна средина уверуваат дека интензивно работат на решавање на проблемот на замена на застарените мерни инструменти со нови.
– Во моментот се одвива набавка на два нови мерни инструменти за ПМ 10 честички, наменети за станиците во Гази Баба и во Лисиче, која треба да се реализира во наредниве три месеци. Набавка на нови мерни инструменти е планирана и во рамките на проектните активности што се спроведуваат. Набавка на една нова мониторинг-станица и замена на мерните инструменти од веќе постојната мониторинг-станица, се планирани активности во рамките на проект финансиран од ИПА-програмата за прекугранична соработка со Грција во текот на 2019 и 2020 година. Исто така, замена на голем број застарени инструменти од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на воздухот со нови, е планирана во рамките на проект што се спроведува со финансиска поддршка на Шведската меѓународна агенција за развој и соработка. Замена на мерни инструменти од постојните мониторинг-станици е планирана и со ИПА2-програмата, финансирана од ЕУ, со реализација од 2020 до 2022 година – велат од МЖСПП.