Во текот на изминатите 24 часа, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје собраа и транспортираа речиси 1.000 тони комунален отпад од подземните и надземните контејнери на територијата на градот Скопје. Контејнерите се празнеа во текот на целата ноќ, по што посебни екипи поминуваа да го отстранат и транспортираат отпадот што беше расфрлен во околината на садовите, соопштија од претпријатието.
Контејнерите во Скопје беа преполнети изминатиов викенд за време на полицискиот час. По реакциите во јавноста, Министерството за информатичко општество и администрација појасни дека на „Комунална хигиена“ не му е потребна дозвола за да може да функционира за време на полициски час.
– Изминатата недела, оперативата на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје дејствуваше само во првата смена, но состојбата на терен покажа дека со активности во една смена не е возможно секојдневно да се подигне и транспортира отпадот од речиси 6.000 контејнери поставени во сите скопски општини. Од овие причини, ЈП ‘Комунална хигиена’ – Скопје продолжува да го собира и транспортира комуналниот отпад во градот Скопје со вообичаената динамика – во три смени, секој ден во неделата, а со оваа динамика екипите на Претпријатието ќе работат и во текот на претстојниот празничен викенд – соопштија од таму.
И отпадот од индивидуалните домаќинства ќе продолжи да се собира со стандардната динамика – два пати во неделата.
„Комунална хигиена“ апелира во овој период граѓаните да се воздржат од одлагање кабаст, градежен и градинарски отпад во садовите, како и во нивната околина.
Во текот на денешниот ден, ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје најави дека во целост ќе ги расчисти и претоварните станици во Вардариште и во Карпош, каде што во текот на изминатата недела беше привремено одлаган комуналниот отпад што поради временскиот лимит Претпријатието не беше во можност веднаш да го транспортира на депонијата Дрисла.