Во време кога коронавирусот лесно се шири и посегнува по човечки животи, ние се возиме во преполни автобуси, во кои патниците, наместо на оддалеченост од два метри, се наоѓаат збиени еден до друг. Речиси си дишат в лице или во врат еден на друг. Оние што можат да ја избегнат ваквата ситуација во автобусите, користат такси-превоз, но тие што не можат да се вклучат во работниот процес од дома и немаат друг превоз до работа принудени се да користат јавен превоз.
А од јавното сообраќајно претпријатие си играат топло-ладно – де пуштаат редуциран број автобуси, де по реакција на граѓаните, било во претпријатието, било да е тоа јавно или по социјалните мрежи, пуштаат повеќе автобуси. Она што зачудува во актуелнава состојба е зошто не ги вклучат своите луѓе што го мерат бројот на патници на одредени линии, па тие да донесат вистинска процена на кои линии се потребни повеќе автобуси, а на кои има доволно и возилата нема да се преполнат. Дури да направат и процена по денови или интервали во текот на секој ден. На многумина јавниот превоз сѐ уште им е потребен, но не ваков со редуциран возен ред и преполни возила. Па, барем сега цените на горивата паднаа како никогаш претходно, а паднат е и бројот на патници, па автобуси треба и мора да има доволно.