Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, ја разреши директорката на гимназијата „Никола Карев“, Горица Илиовска, по објавената снимка каде таа на насобраните ученици во холот на гимназијата се заканува со последици врз учениците ако излезат на протест против загадувањето и глобалното затоплување.
-Градот Скопје им укажува на сите раководители на своите институции дека во својата секојдневна работа треба да ги исполнуваат принципите според кои се избрани како почитувањето на правото на слободно мислење, правото на протест и демократскиот натпревар на идеи. Оваа градска администрација стои зад сечие право на протест и слободно мислење и во неа нема место за закани кон средношколците и нивното демократско право на собир и протест – вели Шилегов.
Тој додава дека правото на здрава животна средина е неприкосновено право, исто како и правото да се протестира за истото.
Битката против климатските промени и за чистиот воздух, додава Шилегов, мора да биде заедничка, на институциите, но и на граѓаните, и не само декларативна, туку и конкретна.
-Институциите да предначат, а граѓаните со свој пример да учествуваат во неа. Само така таа битка може да ја добиеме. Сите заедно. Токму заради иднината на нашите млади – рече Шилегов.