Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, побара од Државната комисија за спречување на корупцијата да ги испита наводните сомнежи за постоење корупција и судир на интереси во набавката на специјализираното возило – противпожарна скала, за Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.
Шилегов вели дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на Фејсбук ширел невистинити информации за начинот и висината на цената на набавката на противпожарната скала.
– Со цел спречување на ширењето лажни вести и дезинформирање на јавноста, побаравме од ДКСК, преку своите механизми, да спроведе постапка за утврдување на наводните нерегуларности и на тој начин да ги информираме граѓаните на Скопје за уредноста на постапката при набавката на ваквата противпожарна скала – рече Шилегов.
Тој наведе дека ова е првпат Бригадата за противпожарна заштита во Скопје да набави ваква софистицирана опрема со која можат да интервенираат на објекти кои имаат повеќе од пет ката.
– Станува збор за набавка спроведена низ високо транспарентна постапка на меѓународен тендер кој траеше шет месеци и чија вредност изнесување 1,7 милиони евра со ДДВ – вели Шилегов.