За иднината на Универзалната сала ќе се одлучува преку референдум ако не се постигне консензус кај граѓаните, најави градоначалникот Петре Шилегов на денешниот брифинг со новинарите.
Според него, следен чекор на Град Скопје ќе бидат посебни конкурси за реставрација и за парк.
– Конкурсните решенија треба да бидат предмет на расправа – истакна Шилегов, кој додаде дека сите опции ќе бидат разработени пред да биде распишан референдум.
Градоначалникот го изнесе и сопственото мислење за Универзалната сала, по бурните реакции во јавноста.
– Би сакал Универзална сала да се реставрира и да изградиме концертна сала – посочи Шилегов, кој додаде дека објектот е руиниран.
Реконструкцијата и градењето на нова концертна сала би ја чинело државата околу 20 милиони евра, според Шилегов.