Вработување на 50 нови пожарникари вети денеска скопскиот градоначалник Петре Шилегов во Противпожарната станица во Автокоманда, за време на одбележувањето на 20 мај-Денот на пожарникарите.
– Согласно со европските стандарди пропорцијата е еден пожарникар на 1.500 жители, додека моменталната состојбата во Скопје е еден пожарникар на 3.500 жители. Со овие вработувања ќе се зголеми капацитетот на бригадата за справување со предизвиците при извршувањето на работните задачи, а истовремено ќе е чекор поблиску до исполнување на европските стандарди. Заштитата од пожари и безбедноста на граѓаните е од исклучително значење за Градот Скопје. Секој спасен живот на наш сограѓанин е бесценет, и без вас оваа хумана мисија би била невозможна – потенцираше Шилегов.
Нагласи и дека Градот Скопје вложува во опремување и во модернизација на Противпожарната бригада.
– Оваа година од буџетот на Град Скопје за Бригадата за противпожарна заштита одвоивме вкупно околу 134 милиони денари. Во овие средства предвидена е набавка на нова ПП автомеханичка скала минимум 75 метри и набавка на две возила автоцистерни. Испорачан е нов симулатор за пламени удари што се користи за вежби преку симулација на реални услови на пожар. Набавен е нов разгласен систем и во целост се заменети гаражните врати. Ова се само дел од тековните потреби на една модерна Бригадата за противпожарна заштита – истакна Шилегов.