Основно е да обезбедиме стабилно финансирање на општините, што подразбира дека процесот на децентрализација на власта мора да продолжи, и во делот на преземање ингеренции, но многу повеќе и во делот на фискалната децентрализација. Владата ќе мора да се откаже од централизирање на парите исклучиво во буџетот на државата и ќе мора да ги распредели на општините.
Ова денеска го изјави скопскиот градоначалник и претседател на ЗЕЛС Петре Шилегов по обраќањето на конференцијата „Градовите како двигатели на економскиот раст – Визија 2030“, што е дел од вториот ден од 14. Генерално собрание на НАЛАС (Мрежата на здруженија на локалните власти од Југоисточна Европа).
– Во моментот кога ги преземавме општините тие беа со сериозни долгови. Кон крајот на минатата година Владата партиципраше во долговите на општините, анулирајќи околу 48 милиони евра. Тоа на еден начин даде можност општините да можат да преземат развојни компоненти и очекувам оваа година тие да бидат видливи за граѓаните. Дел од општините останаа несубвенционирани од Владата, или не побараа или немале толкав број долгови. Очекувам дека она што беше ветено од Владата дека тие општини во поинаков процес ќе бидат поттикнати, рече Шилегов, одговарајќи на новинарско прашање.
Шилегов рече дека целта е градовите да се направат одржливи, да се поттикне процесот на дигитализација, да се разменат искуства и да се дојде до поквалитетен живот. Според него, поквалитетен живот меѓу другото подразбира дека треба да има профит и за секој граѓанин. Организацијата на градовите, како што рече, треба да биде насочена кон овозможување економски развој на градот и на граѓаните, а се разбира дека во тој процес ќе учествуваат фирми, правни лица.
– За мене како градоначалник на Скопје, примарно е да ги подигнеме нивоата на услугите и на инфраструктурата во градот, а тие потоа сами по себе ќе ги генерираат другите економски процеси, додаде Шилегов.
Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу истакна дека Владата со својата активна политика за решавање на споровите и воспоставување односи на пријателство и соработка на земјите од регионот, ги поддржува регионалните иницијативи за заедничко делување во процесите на интегрирање во ЕУ.
На учесниците преку видео порака им се обрати и комесарот за проширување и соседска политика Хан на ЕУ Јоханес Хан. Се обратија и министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија Зоран Шапуриќ и заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски.
Според статистичките податоци, во градовите живее половина од населението во светот, а до 2050 година се прогнозира дека градовите ќе бидат дом на две третини од вкупното население. Брзото ширење на населението претставува голем предизвик за градовите и за властите, но и за бизнисот и за граѓаните.