Реално повеќето производи што се продаваат на зелените пазари сѐ уште се скапи, па граѓаните во помали количества купуваат речиси само основни производи како пипер, домат, грав, ориз и компир. Сметам дека голем дел од пазарџиите ги користат овие неприлики што нѐ снајдоа со коронавирусот и самите ги качуваат цените, вели Екрем Долек претседател на здружението на пазарџиите „Просперитети“ и претседател на Комората на трговците
Ако минатите години во ова време беше незамисливо купувачите да не појдат на пазар и да не испазарат на големо, годинава, за жал, не е така. Нивните торби сега се попразни, поради сѐ уште високите цени на повеќето земјоделски производи. Најголем број ги купуваат основните и сезонските производи, кои сѐ уште имаат високи цени, иако се произведени на нашево поднебје. Пазарџиите потврдуваат дека најмногу им се трошат пиперки, црвени домати, компири, ориз и грав., но дека и тие се продаваат во помали количества затоа што потрошувачите сметаат дека цените се превисоки. Затоа многу повеќе прашуваат за цена, одошто да бараат квалитет.
Оние што не можат да си дозволат да потрошат повеќе пари, купуваат од гравот што се продава по цена од 100 денари, додека, пак, оние со подебели паричници можат да издвојат и по 250 денари. Интересно е што речиси сите продавачи гравот го декларираат како тетовски, иако се знае дека евтиниот грав е од увоз. Пиперките сѐ уште се мошне скапи и во зависност од квалитетот достигнуваат цена и до 70 денари за килограм.
Оние што малку повеќе ги истражуваат цените на зелените пазари велат дека на Бит-пазар може да се најдат пиперки можеби малку со полош квалитет, но по цена од 40 денари за килограм или по 30 денари на Зеленото пазарче. И црвените домати таму се поевтини, а нивната цена, исто така во зависност од квалитетот, се движи од 40 до 60 денари за килограм. Висококвалитетните домати на пазарчето во Буњаковец имаат цена од 100 до 140 денари за килограм.
Младиот компир до скоро беше мошне скап, но сега малку му падна цената и може да се најде по цена од 20 до 30 денари, исто како стариот. Долго време продавачите држеа висока цена и за стариот кромид и го продаваа по 40 и по 50 денари, а сега го нудат од 25 до 40 денари за еден килограм. За килограм боранија на зелените пазари треба да издвојат од 80 до 100 денари, за разлика од почетната цена, која беше 150 денари. Лукчињата, кромитчињата имаат стандардна цена по китка – 10, 15 или 20 денари. Кинески лук со големи главици се продава по 10 денари парче, а нашиот домашно произведен се продава по 20 денари за една главица и мириса на лук.
Брокулата зависно од големината на една главица се нуди за 40 до 60 денари или од 100 до 150 денари за килограм. Можеби еден од најценетите производи во ова време на корона и настинки е ѓумбирот, кој е мошне скап и може да се најде по цена од 150 до 200 денари за килограм.
– Јас го користам ѓумбирот како лек и затоа го купувам често на зелените пазари и сега овој период некогаш на некои пазари не можам да го најдам. Имам хроничен бронхитис и имам специјален рецепт според кој го правам за да го консумирам. Го користам и за подготовка на супи и чаеви за семејството, бидејќи и коронавирусот најмногу ги напаѓа белите дробови – вели еден повозрасен купувач.
Она што е евидентно годинава на зелените пазари, а споредено со истиов период од лани, е дека останаа високи и цените на овошјето.
Особено јагодите сѐ уште се продаваат по цена од 100 денари за килограм, додека минатата година ова време се нудеа по цена и од 40 денари. Лимонот може да се купи од 90 до 120 денари, а портокалот од 40 до 65 денари. Килограм банани подолго време се нудат по некоја стандардна цена од 60 денари. На пазарските тезги веќе се продаваат и дињи, за кои треба да се издвојат 70 денари за килограм, додека, пак, лубениците чинат од 20 до 35 денари за килограм. Килограм кајсии чинат од 60 до 100 денари, а праските се нудат по три килограми за 100 денари.
– Реално повеќето производи што се продаваат на зелените пазари сѐ уште се скапи, па граѓаните во помали количества купуваат речиси само основни производи како пипер, домат, грав, ориз и компир. Сметам дека голем дел од пазарџиите ги користат овие неприлики што нѐ снајдоа со коронавирусот и самите ги качуваат цените, во зависност од тоа кој по која цена ги набавил производите.
Државата не интервенира со укори, казни, оставени се на самоволието на доставувачите. Не може нешто што еден доставувач го набавил по цена од 10 денари да го продава по цена од 70 денари, а потоа оној на тезга да го нуди дури и повеќе од тоа. Токму затоа се потребни контроли на зелените пазари, на Кванташкиот пазар, по магацините – вели Екрем Долек претседател на здружението на пазарџиите „Просперитети“ и претседател на Комората на трговците.