До крајот на јуни се очекува да биде обезбеден простор од 5.000 квадратни метри во општината Кисела Вода, кој ќе биде користен како депо за хаварисани возила и паркиралиштата ќе бидат исчистени од нив, велат од „Паркинзи Центар“
Паркиралиштата на ЈП „Паркинзи на општината Центар“ целосно ќе бидат исчистени од хаварисаните возила доколку до крајот на летото започне да функционира планираниот простор за депо, кој очекуваат да го добијат во Кисела Вода. Центарци, инаку, имаат и друг проблем со хаварисаните возила, кои узурпираат паркиралишта, за кои нивните сопственици си платиле повластен годишен билет, како за возило во исправна состојба. На овој начин тие оправдано цела година имаат паркинг-простор, наспроти фактот дека нивниот сосед нема каде да се паркира. За добивање повластена паркинг-карта се потребни само лична карта и сообраќајна дозвола, а од претпријатието не бараат документ за регистрација на возилото. Инаку, на територијата на градот Скопје одговорни за паркинзите се јавното претпријатие „Паркинзи на општината Центар“ и „Градски паркинг“.
– Од 2013 година, сите жители што според лична карта се од општината Центар имаат бесплатен паркинг на комерцијалните паркиралишта со кои стопанисува ПОЦ. На секој жител со возило ако сака да има обезбедено паркинг-место му се издава повластена паркинг-карта, за која се плаќа 350 денари еднократен надоместок за склучување годишен договор – велат од ЈП „Паркинзи на општината Центар“.
На веб-страницата на ПОЦ може да се види дека постојат повеќе видови повластени карти за центарци. Повластена паркинг-карта за жител, за второ, трето или повеќе возила, повластена карта за жител со сопствен паркинг, за станари, повластена паркинг-карта за деловен субјект – вработени, карта за деловен субјект и повластена паркинг-карта за инвалиди.
За повластена паркинг-карта (второ, трето или повеќе возила), за второ возило треба да се плати плус 250 денари, а за трето возило плус 1.200 денари. Повластената привремена паркинг-карта за станари со сопствен паркинг, кои исто така мора да склучат договор, чини 350 денари. Притоа, за прво возило е 250 денари, за второ 500 денари, додека за трето возило се плаќа 1.500 денари. Тоа значи дека доколку се обезбеди повластената карта и се плаќаат предвидените такси на годишно ниво, каков било автомобил може да се остави на паркинг-просторите, вклучувајќи ги и хаварисаните.
– Доколку сопственикот на хаварисаното возило има извадено повластена паркинг-карта, има право да се паркира во зоната каде што е жител сѐ додека договорот има важност. Имајќи предвид дека поголемиот дел хаварисани возила немаат повластени паркинг-карти, тие треба да бидат отстранети од паркиралиштата со кои стопанисува ПОЦ. Но поради малиот простор за депо со кој располага претпријатието не сме во можност да отстрануваме хаварисани возила. До крајот на јуни очекуваме да ни биде доделен простор од 5.000 квадратни метри во општината Кисела Вода, кој ќе биде користен како депо за хаварисани возила. Доколку процедурата за доделување простор заврши според планираното, ова депо ќе почне да функционира до крајот на летото и нашите паркиралишта ќе бидат исчистени од хаварисани возила – велат од ПОЦ.
За жал од „Градски паркинг – Скопје“, по неколкудневна комуникација, не добивме одговор поврзан со хаварисаните возила што се оставаат на нивните паркинг-простори. Според нивниот правилник, и за нив се битни само важечки лична карта и сообраќајна дозвола. Затоа може да се претпостави дека и кај нив важат истите услови. Поточно, сите што плаќаат можат да го остават возилото на нивните паркинг-простори. За станарите во поголемиот број од зоните за прво, второ и трето возило, цената за услугите изнесува нула денари. Цената на услугата паркирање за категорија „станари“ на паркиралиштата на зоните А, Б и Ц со кои стопанисува ЈП „Градски паркинг- Скопје“ за прво возило изнесува 0 денари, а за второ возило се плаќа 300 денари. За станарите на зона Д (Аеродром), за прво, второ и трето возило изнесува нула денари, додека, пак, за службено возило што се користи како станарско се наплаќа износ од 300 денари.