Во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во општината Аеродром е пуштен во употреба лифт за лица со физичка попреченост, со што им е овозможена и подобра пристапност до оваа образовна установа. Инаку, лифтот е донација од американскиот народ и чини 60.000 долари. Надлежните од општината велат дека сега, со неговата изградба, учениците со попреченост ќе можат полесно да се движат низ училиштето и ќе бидат самостојни во извршувањето на своите задачи. Општината Аеродром со свеченото пуштање на лифтот истовремено го одбележа 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби. Лифтот свечено го предадоа во употреба градоначалникот на општината Аеродром, Златко Марин, и американската заменик-амбасадорка во земјава, Џенифер Р. Литлџон
– Искрено ја поздравувам и сум инспирирана од напорната работа што се одвива во ова училиште за едуцирање и подготовка на иднината на Северна Македонија, во која се опфатени сите потреби и способности. На сите деца треба да им биде обезбедено правото на рамноправно и лесно достапно образование – рече заменик-амбасадорката Џенифер Р. Литлџон.
Градоначалникот Марин, пак, истакна дека денот на пуштањето на лифтот во употреба е добар повод да се потсетиме на потребите и проблемите што ги имаат и со кои се соочуваат лицата со посебни потреби.
– Но, сепак, не е доволно само еден ден во годината за да им се посвети внимание на овие лица и на нивните права за еднаквост со другите – изјави градоначалникот Марин, кој истовремено му се заблагодари на американскиот народ за оваа значајна донација.
Тој додаде дека општината Аеродром ќе продолжи со решенија за достапност и за полесно вклучување на сите припадници на ранливата категорија во социјалната средина и полесно извршување на сите активности.