Малку улици низ Скопје се означени со соодветни табли со нивните имиња, а куќни броеви на видливи места како да нема. Од градот порачуваат дека состојбата ќе се подобри
Скопјани, не само поради честата промена на имињата на улиците, имаат големи проблеми со наоѓање на адресите на местата на живеење на нивните сограѓани. Многупати имале искуство да појдат во друг дел од Скопје за да завршат некоја службена или приватна работа, а да не можат на бараната улица да го прочитаат нејзиното име. Да не ги спомнуваме оние од други места што во градот доаѓаат по некоја потреба, како гости или туристи. Сосема е мал бројот на улиците на кои на нивниот почеток или на крајот може да се видат табли на кои е испишано нивното име. Уште потешко е ако бараат некоја улица на која ѝ било променето името, а на почетокот на уличката сѐ уште се наоѓа табла со старото име.
И не е проблем само со таблите на улиците, ист таков проблем е и тоа што на многу места низ скопските населби не можат да се забележат ниту броевите на куќите. Многупати, велат скопјани, им се случувало дури и во нивната населба, таму каде што живеат, да ги праша некој за бројот на некоја куќа, зграда или можеби за името на една улица подолу, а да не можат да му помогнат иако постојано се движат низ населбата. Зошто ги нема официјалните сини табли и зошто нема броеви на секоја куќа и дали ќе бидат поставени таму каде што ги нема, не е прашање што се поставува само сега, тој проблем постои од порано.
– Многупати ми се случило да дојде некој пеш или со автомобил на мојата улица и да ме праша која од новите згради на улицата е со бројот 1A, а која е 3А. И навистина не можам да му помогнам освен да му речам да праша таму лично некој од станарите во првата зграда на почетокот на улицата или во последната на крајот. Кога би ги забележувала броевите на зградите секој ден кога поминувам покрај нив, сигурно ќе знаев која зграда кој број е. Вака, и сега да ме прашаат, навистина не знам – вели жителка од улицата Боро Менков во општината Бутел.
Комунален инспектор со долгогодишно искуство во работата вели дека најголем проблем се новите градби. Наместо метални табли на влезовите, се обележуваат со обични налепници, кои не се трајни и за кратко време се уништуваат, а нема кој да го контролира тоа. Општините имаат премногу ингеренции за да стигнат до оваа проблематика и немаат ниту капацитет ниту човечки ресурси. Според него, за нумерацијата секако е одговорен градот.
Поставувањето и одржувањето на таблата со име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект го врши општината, а на подрачјето на градот Скопје го врши градот Скопје. Општината, односно градот Скопје врши контрола на поставените табли со имиња на улиците на секои три месеца во текот на календарската година, а доколку таблите се оштетени, уништени и исчезнати, должни се веднаш или најдоцна во рок од еден месец од денот на извршената контрола да обезбедат нивно обновување. Така вели законот и објаснува дека секој објект се нумерира со број, со поставување табличка на објектот. Нумерирањето на објектите со броеви на подрачјето го врши општината, а на подрачјето на градот Скопје го врши градот Скопје.
– Градот Скопје во континуитет работи на нумерација на објектите, како и на поставување табли со имиња на улиците на објектите. Станува збор за постојана активност, поточно се поставуваат табли таму каде што немало, а и се врши замена на старите оштетени табли. Изминативе неколку години оваа постапка одеше побавно, поради тоа што тендерот беше неуспешен, а годинава по изборот на компанија за оваа услуга ќе се интензивираат активностите на ова поле. Тендерот за избор на компанија за изработка и поставување на таблите е во завршна фаза. Во буџетот на градот Скопје за 2019 година за набавка на табли со имиња на улици се предвидени 4 милиони денари, додека за нумерација на објекти се предвидени 1,8 милион денари – објаснуваат од градот Скопје.
Развојот на поштата го забрзува нумерирањето на куќите и на улиците
Куќните броеви во овој дел на Европа своето службено постоење го почнуваат во Австрија во 1770 година, со указот од Марија Терезија, кралица на Унгарија и Хрватска, во периодот од 1740 до 1780 година. Броевите со црна и црвена боја се испишувале директно на фасадите од куќите. На крајот на 18 век овој систем е раширен во Германија, Холандија, Франција и низ Австро-Унгарија и се користат емајлирани плочки со различни облици и големини. Развојот на поштата и потребата за точна адреса ја забрзува постапката на нумерирање на куќите, но и на улиците. Улиците се именуваат по владетели, по локални успешни луѓе, по реки и други географски маркери, но и едноставно со броеви како во Њујорк. Во Париз во 1805 година е решено броевите да бидат од центарот кон периферијата, парните од десната страна, а непарните да бидат од левата страна на улицата. Со тоа се олеснуваат снаоѓањето и ориентацијата низ градот. Имало и обиди во некои германски градови улиците да се означуваат во однос на страните на светот, но таа практика не заживеала.