Иднината на земјиштето кај „Треска” и поматаму е заглавена во административни лавиринти. Советниците на советот на општина Центар, на денешната седница водеа расправа околу административните детали за водењето на седницата, а не за деталниот урбанистички план наречен „Буњаковец 2”, во чиј дел е земјиштето кај „Треска”.
Градоначалникот Саша Богдановиќ предложил вонредна седница, но Јана Белчева, која е претседателка на советот, не го прифатила неговото барање и сакаше да го отвори продолжението на 41-та седница.
Советникот Ѓошо Вангелов бараше предлогот на градоначалникот за вонредна седница да се усвои, бидејќи во спротивно според него ќе се создадел административен хаос.
Советникот Томислав Лазаров расправата ја нарече беспредметна. Советникот Вангелов ја напушти салата за седници и ги повика и останатите советници да излезат на пауза, а тие веднаш го послушаа.
Во салата за седници присуствуваа околу дваесетина граѓани од општината кои со часови трпеливо чекаа да започне седницата.