Душко Весковски, Фото: Маја Јаневска-Илиева

ИНТЕРВЈУ СО ГЕНЕРАЛНИОТ ДИРЕКТОР НА ЈП „ВОДОВОД И КАНАЛИЗАЦИЈА“ – СКОПЈЕ, ДУШКО ВЕСКОВСКИ

Иако исполнета со неизвесност и големи предизвици, 2020-та беше навистина успешна година на професионално поле. Во текот на оваа година не само што ги видовме резултатите од вложениот труд во изминатите години туку успеавме, и покрај сѐ, да отвориме и нови поглавја, да ги изреализираме започнатите проекти, но и да започнеме нови

Во интервју за „Нова Македонија“, генералниот директор на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ раскажува за сите предизвици во изминатава 2020 година, како и за проектите што ја обележија годината. Исто така, разговаравме и за работата и организацијата на истата таа во услови на пандемијата што оваа година донесе нови, поинакви услови за работа.

Кој проект ќе го издвоите како најзначаен за 2020 година?
Проект што дефинитивно ја обележи 2020 година е проектот за изградба на Пречистителната станица за отпадни води – Скопје. Почнувањето на реализацијата на овој проект е од есенцијално и суштинско значење за градот Скопје и за скопјани. Тоа е инвестиција во животната средина, но и во идните генерации. Пречистителната станица за отпадни води – Скопје, проект што по 15 години станува реалност за градот Скопје, е еколошки капитален проект со капацитет од еквивалент на 500.000 жители, чија вредност е процената на околу 136 милиони евра, кој ќе овозможи третман на урбаните отпадни води во согласност со ЕУ-стандардите, а ќе влијае и на намалување на загадувањето на реката Вардар, подобрување на условите во животната средина, а наедно и на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните на Скопје. Со изградбата на пречистителната станица нашата држава ќе има над 90 отсто прочистени води, што е еден од критериумите што треба да се исполнат при отворање на преговорите со ЕУ. Проектот како таков е препознаен тука, но и во Европа, а доказ за тоа се неговото вклучување во Акцискиот план за зелен град од страна на Град Скопје и поддршката добиена од Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за финансии, Град Скопје, ЕБОР, ЕИБ и ЕУ-делегацијата. Потврда за големото значење на овој проект е и освоената втора награда во категоријата климатска обнова и одржливост, во конкуренција со 47 номинации, од кои вкупно 16 компании од 11 земји од светот беа избрани за добитници на наградите за одржливост за 2020, во организација на Европската банка за обнова и развој.

На професионално поле како ќе ја оцените 2020 година?
Иако исполнета со неизвесност и големи предизвици, 2020-та беше навистина успешна година на професионално поле. Во текот на оваа година не само што ги видовме резултатите од вложениот труд во изминатите години туку успеавме, и покрај сѐ, да отвориме и нови поглавја, да ги изреализираме започнатите проекти, но и да започнеме нови. Особено ме радува фактот што успеавме да ја промениме перцепцијата на јавноста за оперативноста и дејствувањето на јавните претпријатија во однос на основната дејност, но и во однос на примена на позитивните практики за општествено одговорни цели. Имено, во изминатиот период стратегиски и плански пристапивме кон реализација на инвестиции во сите сектори на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. Само во 2020 година инвестиравме во реконструкција и изградба на нова водоводна мрежа во должина од над 20 км и канализациска мрежа во должина од над седум километри, за подобрување и обнова на водоводната и канализациската мрежа и создавање услови за непречено водоснабдување и одведување на урбаните отпадни води за сите корисници. Во согласност со потребите за зголемена мобилност, ефективност и ефикасност во изведувањето на работните активности се обновија возниот парк и механизацијата со машини, специјализираните возила и опрема. Една од основните дејности на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје е обезбедување чиста и здрава вода за пиење до секој корисник, а тука клучна улога има Секторот за санитарна контрола, чии лаборатории први во државата ја акредитираа својата работа во согласност со стандардот ИСО 17025. За потребите на Секторот за санитарна контрола беше набавена и нова опрема со што се унапредија процесите за изведување на хемиските и микробиолошките анализи за испитување на квалитетот на водата за пиење. Живеејќи во време на дигитализација и следејќи ги трендовите на новото време, како и потребите на корисниците станавме и првото јавно претпријатие од оваа дејност, кое лансираше и мобилна апликација што е достапна за Андроид и иОС. Освен тоа, тука се и електронските услуги што се достапни за граѓаните на веб-страницата на претпријатието. Со дигитализација на услугите, овозможивме поголема достапност и олеснет пристап за граѓаните. Водејќи грижа за сите категории корисници се поставија и киосци за наплата на неколку локации во градот, а секако тука се и наплатните пунктови и дежурно-информативниот кориснички центар. Со намера за доближување на претпријатието до европските претпријатија во континуитет се спроведува стандардизација на работните активности. Досега е потврдена сертификацијата и акредитацијата на ИСО 9001, ХАСАП, ИСО 14001, ИСО 17020 и ИСО 17025.

Ја споменавте општествената одговорност, а неодамна ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје доби и награда од „СОС детското село“ за поттикнување на индивидуалната филантропија. Кои се вашите искуства и впечатоци?
Да. Примената на позитивните практики за општествено одговорни цели е исто така една од активностите што се во фокусот на работењето на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. Сите имаме одговорност во креирањето на едно општество во кое сакаме да живееме ние и идните генерации. Искуството покажува дека со нашата работа навистина дејствуваме во промена на перцепцијата за дејствувањето на јавните претпријатија во поглед на примена на општествено одговорни практики. Имено, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје е првото претпријатие што целосно употребува еколошка биоразградлива рециклирана хартија за печатење на сметките, на кои во текот на минатата година корисниците можеа да забележат и пораки за заштита на животната средина. Тоа е кампања што заеднички ја спроведуваме во соработка со „Пакомак“, со намера за издигнување на свеста на граѓаните за заштита на животната средина. Освен тоа, во изминатиот период спроведовме и неколку кампањи за издигнување на свеста за заштита на водоснабдувачкиот и канализацискиот систем и на животната средина воопшто. Секојдневно сме сведоци на последиците од климатските промени во светот, но и кај нас. Имајќи го предвид фактот дека ние користиме и пиеме вода од природен извор, Рашче, како и потребата за негова заштита, во соработка со водоводот „Будимпешта“ пристапивме кон изработка на заеднички проект за намалување на загубите на вода и за справување со климатските промени. Овој проект е во фаза на имплементација и истиот тој е финансиран со грант од ВБГЦ. А соработката со „СОС детското село“, е соработка за која сме навистина и горди и емотивно поврзани. Признанието за поттикнување на индивидуалната филантропија во 2020 г., кое го добивме од „СОС детското село“, по повод одбележување на Меѓународниот ден на човечката солидарност, е потврда за нашата несебична поддршка како прво јавно претпријатие што се вклучува во поддршка на мисијата на „СОС детското село“, кое згрижува деца и младинци без родители и родителска грижа. Оваа соработка започна непосредно пред самиот почеток на пандемијата на коронавирусот, но за краток период успеавме да реализираме повеќе активности и преку повици испратени со сметките во печатена и електронска форма да влијаеме на ширењето и поттикнувањето на индивидуалната филантропија.

Со оглед на пандемијата на ковид-19, како се одвиваше работата на водоводното претпријатие во однос на намален кадар и сл.?
За жал, се соочивме со пандемијата предизвикана од ковид-19. Како и целиот свет, така и ние, бевме затекнати од случувањата, но пристапивме кон преземање мерки за заштита и организирање на работата во согласност со условите. Успеавме да не го запреме работниот процес и успешно се справивме и се справуваме со ситуацијата, со работа од дома, онаму каде што имаше можност за истото тоа, со организирање ротации на тимовите и со работа во смени. Во овој период, покрај вработените, имавме задача да ги заштитиме и корисниците и да ги задоволиме нивните потреби. Водоснабдувањето беше и е непрекинато, а во согласност со препораките на РКЕ, за време на ковид-кризата не се исклучуваат должници. Исто така спроведовме и акции за наплата на долговите без камата за задоцнето плаќање и можност за исплата на долговите на рати. Секако, голема улога во овој период имаше и достапноста на електронските услуги. Се надевам дека пандемијата ќе заврши и набрзо ќе се вратиме во „старата нормала“.

На што ќе се фокусирате во 2021 година?
Во 2021 година ќе се фокусираме на завршување на започнатите активности, реализација на започнатите проекти, но и на нови проекти и инвестиции мотивирани од досегашните успеси. Ќе продолжиме во насока на развивање и подобрување буквално на сите сегменти од нашето работење. Посебен акцент ставаме на постапката за изградба на Пречистителната станица за отпадни води – Скопје и на намалување на загубите на вода до 10 отсто, како дел од приоритетните активности. Следуваат нови инвестиции за изградба и реконструкција на водоводна и канализациската мрежа, но и за механизација без која не би можеле да се извршуваат секојдневните активности на нашето претпријатие. Продолжуваме со модернизација на нашите лаборатории, со процесот на поставување водомери со далечинско отчитување, како и со имплементација на СКАДА-системот, кој се однесува на дигитален мониторинг во реално време на самата мрежа.

Што ќе си посакате себеси како директор во наредната година?
Како човек, ќе посакам крај на пандемијата, многу здравје за сите, излез од кризата што ни го промени секојдневието. Ќе посакам нова енергија што ќе донесе нови почетоци, нови перспективи и можности за секој од нас. Ќе посакам многу насмеани и задоволни лица од сите генерации. Како директор ќе посакам успешна година, која ќе биде од корист за нашите корисници, претпријатието, сите колеги и за сите граѓани на градот Скопје. Подобра и посигурна иднина за сите генерации.

[email protected]