Иако граѓаните се жалат на загадениот воздух, мал дел од нив користи природен гас како поеколошка и поевтина варијанта на гориво за своите возила. Според податоците на Макстат за 2017 година, Македонија има голем број стари автомобили, со просечна старост од 18,6 години. Повеќето од автомобилите, 84,1 отсто, се постари од десет години. Половина од регистрираните возила користат дизел-гориво, додека од 218.544 возила со бензински погон, пренаменети на гас и на метан се само 12 илјади возила, или само 2,6 проценти од возилата. Само во Скопје се регистрирани 91.623 возила што користат дизел-гориво, 72.839 се возила што користат нафта и 2.317 возила што се на гас. Податоците укажуваат дека граѓаните користат постари автомобили и сепак претпочитаат дизел и бензин како гориво за своите автомобили.
За да се намали загадувањето на воздухот предизвикано од возилата, Владата предвидува мерки како субвенционирање за електрични автомобили, субвенционирање за гасни уреди во возилата и со новите законски измени во законот за автомобили, воведување еколошки налeпници кај возилата. Со Програмата за субвенционирање при купување нови хибридни и електрични возила, се предвидуваат субвенции од 5.000 евра за набавка на електрични возила, а 3.000 евра за набавка на хибридно возило. Според заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, со новите законски измени дел од субвенциите е наменет за течениот нафтен гас или метан. Субвенциите за вградување уреди на гас ќе изнесуваат до 300 евра за 1.200 возила годишно.
– Би требало да се очекува дека ќе се намалат сите емисии од возилата со бензински мотор, независно дали е тоа еуро 1, 2, 3 или 4. Очекуваме дека емисијата на цврсти честички при согорување пропан-бутан или метан ќе биде речиси нула – вели Даме Димитровски, професор на Машинскиот факултет и раководител на Лабораторијата за мотори и горива.
Со воведувањето еколошки налепници, кои ќе се издаваат во зависност од европските емисиони стандарди, возилата ќе бидат поделени во три категории. Автомобилите со вграден уред на течен нафтен гас или компримиран земјен гас, хибридни возила и електрични возила ќе бидат означени со еколошка налепница во зелена боја. Тие ќе може слободно да се движат во заштитените еколошки зони. За автомобилите од 1996 до 2005 година на кои им е вграден уред за погон на течен нафтен гас или погон на компримиран земјен гас, ќе се залепи еколошка налепница во жолта боја. За нив ќе има ограничено движење во сообраќајот. За автомобилите пред 1996 година како и за возилата за кои производителот нема дефинирано емисија на издувните гасови, ќе има налепница во црвена боја и за овие возила ќе се воведе забрана за движење во општините во период кога има загадување на воздухот.
Професор д-р Милан Ќосевски, од Машинскиот факултет во Скопје, вели дека ќе се намали емисијата на штетни гасови кај возилата, но дека овие мерки немаат толкаво значење кај поновите автомобили. Дека современите возила за разлика од оние што користат од другите горива имаат релативно мала емисија на штетни гасови отколку возилата што користат гас.
– Уредите на гас можат да придонесат за намалување на емисијата на штетни гасови кај возилата. Но, кај возилата што имаат помало ниво на емисија како на еуро 5 или 6, не доведуваат до значајно намалување на штетните гасови. Додека, пак, кај постарите автомобили од еуро 1 и 2 штетните гасови драстично се намалуваат. Квалитетот на горивото е многу значаен. Како кај бензинот и дизелот така и кај гасот. Гасот може да е помалку рафиниран и повеќе рафиниран. Емисионите својства можат да се влошат доколку не е рафиниран. Затоа е важно поставување нови уреди на гас во новите автомобили. Со поставување на постар уред емисијата може да се влоши. На владината мерка претпоставувам дека цел ѝ се постарите возила, апсолутно сметам дека емисијата ќе се намали со поставување вакви уреди на возилата – вели професорот Милан Ќосевски.
За поставување ваков уред потребно да се изврши атестирање на возилото за да се утврди дека ги има поминато сите технички барања и дали е одобрено за безбедно користење. Атестирањето чини само 3.000 денари.