Кучињата скитници напаѓаат и туристи Фото: Игор Бансколиев

Веста за смртта на девојчето во Гостивар, кое завчеравечер се удави во водите на реката, бегајќи од куче-скитник ја растревожи целата македонска јавност и уште еднаш го притисна алармот дека проблемот со бездомните животни е многу сериозен. Иако за случајот на младата седумнаесетгодишна Џејха Меџити од Здуње и вчера немаше официјална верзија, останува горкото чувство дека згасна млад живот.
Како што и нагласуваа здруженијата за заштита на животните, проблемот со кучињата е системски и бара државата сериозно да се зафати со неговото решавање, бидејќи кучињата станаа проблем на речиси секој град во земјава и особено на Скопје.

Можеби сѐ уште многумина се сеќаваат на случајот од пред две години кога, исто така, во западниот дел на Македонија, мајката го пушти своето дете да претрча од соседството до својот дом, а беше нападнато од кучиња, а само ден-два потоа беше нападната и жена во истото село. Во Скопје, пак, речиси препознатливи станаа оние слики за градскиот плоштад на кои се гледа како некој поминува со велосипед и го бркаат кучиња. Бездомните животни честопати напаѓаат и се појавуваат насекаде, на кејот на Вардар, во Градскиот парк, по урбаните скопски населби. Неодамна на социјалните мрежи се огласи еден туристички водич, кој јавно сакаше да ги сподели своите искуства за таа како веќе не може да ги пренесе туристичките групи преку центарот на Скопје. Тој напиша дека се случило во неколку наврати кучињата во глутница да трчаат кон туристите, а тие преплашени да бегаат и потоа да коментираат како е можно некој град сѐ уште да има таков проблем, бидејќи како што кажаа и од здруженијата за заштита на животните, многу од европските земји овој проблем го имаат решено уште пред 50 години. Бездомните животни станаа голем проблем на овој град, бидејќи имаше многу жртви нападнати од кучињата, луѓе што имаа угризи по своето тело и трајни психички трауми по страшната средба со кучињата. Некои од жртвите на ваквите напади бараа од градот да ги обесштети за здравствените последици што ги претрпеа, за нанесениот страв и болка. Но кој ќе им ја надомести болката на родителите на девојчето од Гостивар.

Здруженијата за заштита на животните токму поради овој проблем во неделата излегоа на протестен марш и уште еднаш побараа хуман третман на бездомните животни и трајно решавање на проблемот.
– Речиси девет години бараме решавање на проблемот со бездомните кучиња, а државата е незаинтересирана. Решение има, а тоа е спроведување строги контроли. Она што крајно ќе го реши проблемот е одговорното сопствеништво, да се контролира кој купува, кој продава кучиња, а кој има одгледувачници, бидејќи парењето кучиња стана сива зона на преголема понуда, а мала побарувачка. Ние имаме адреси на луѓе што парат кучиња за борби и им ги доставуваме на полицијата. Сега кога се случи да има жртва од кучињата-скитници се впери прстот во животните, а виновни се луѓето.

Една од мерките што ќе го решат проблемот е кастрација на секој миленик и да напоменам дека многу од овие работи се предвидени во Законот за благосостојба на животните, но тој не се применува. Точно знаеме дека гостиварските села се познати по одгледувањето кучиња за борба, каде што се вртат огромни пари, а потоа оние што се неподобни се фрлаат на улица, бидејќи се неупотребливи. Можеби јавноста не знае, но застрашувачки е податокот дека од една здрава кучешка единка за шест до седум години се размножуваат 60 илјади нови кучиња. Тоа е огромна прогресија поради што проблемот со кучињата-скитници ескалира и тој нѐ засега и нас бидејќи и ние шетаме и ние имаме деца. А не сакавме да се случи токму ова да има жртва и затоа предупредувавме. Политиката на елиминација на кучињата во Скопје е само циклично трошење пари, бидејќи само се создава терен за нови кучиња, кои ќе дојдат од периферијата да го заземат теренот на оние што претходно биле тргнати – вели Радмила Пешева, потпретседателка на здружението за заштита на животните „Анима мунди“.

Таа додава дека заложбите на здруженијата за заштита на животните се токму во правец да се подобри животот на човечката заедница и додава дека отворањето стационари е неиздржано решение, бидејќи би чинело бескрајно многу пари и токму затоа решение на проблемот се одговорно сопствеништво и хуман третман на животните.

Од општина Гостивар вчера ни рекоа дека имаат стационар за третман на кучињата-скитници и тој од неодамна функционира во старите бараки од касарната. Со него раководи тетовската фирма „Доќнест“, односно четворица вработени, а двајца со комбиња ги собираат уличните кучиња.

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, вчера изрази жалење за случката во која животот го загуби Џејха Меџити од Здуње, но рече дека има и разбирање за тагата на родителите, бидејќи во исти околности и тој во своето детство самиот на ваков начин изгубил член од семејството. Кажа дека чувствува целосна одговорност за случајот, кој уште немаше службена верзија, но е наклонет да им верува на гостиварци. Напомена дека во неговиот мандат наследил 400 кучиња, кои биле изброени само во Гостивар, а сигурен е дека нивниот број е многу поголем. Тој самиот ѝ се придружил на ветеринарната екипа да помага и вчера побара да ја остават екипата да работи без политички притисоци бидејќи невозможно е да се стабилизира состојба со по едно куче на квадратен метар.

– Ако се откажеме покажуваме нула одговорност, ако продолжиме да ја водиме битката со кучињата-скитници значи имаме сила и дигнитет. Ценета Џејха почивај во мир – рече вчера Таравари.


Има ли доволно вакцини за тетанус?

Покрај тоа што социјалните мрежи се преполни со информации за граѓани што се жалат дека се соочуваат со недостиг од серум за тетанус, кој се дава во случај кога некој од граѓаните ќе биде каснат од улично куче, надлежните смируваат дека место за паника нема.
Од Здравствениот дом – Скопје информираат дека вакцини и серум има и дека ноќната служба, каде што се даваат серуми во случај да побара некој помош при напад од куче, им излегува во пресрет на пациентите.
– Антитетаничен имуно глобулин – серум се дава во сите ноќни служби што се под Здравствен дом. И во однос на редовната вакцинација на децата, вакцините ги има и се достапни – информира докторката Шпреса Хасани, портпаролка на Здравствен дом – Скопје и советничка за примарна здравствена заштита.
Од Клиниката за инфективни болести велат дека се соочуваат со мал недостиг од овие вакцини, но смируваат дека место за паника нема.
– Граѓаните што имаат потреба од вакцина истата таа ќе ја добијат, така што место за паника нема. Клиниката работи на решавање на овој проблем – информира директорката на Клиниката за инфективни болести, Милена Стевановиќ.
Во неколку аптеки каде што ние се јавивме, нема ниту вакцини ниту серум. Во една од најголемите аптеки, информираа дека во помалите градови има, меѓутоа во аптеките во метрополата неа ја нема. Велат дека не знаат во што е проблемот и зошто не можат да им ги понудат на граѓаните. Д.Т.З.


Премиерот најави законски измени за проблемот со кучињата

Премиерот Зоран Заев најави законски измени за решавањето на проблемот со кучињата по трагичната смрт на младата гостиварка. Истакна дека, како поранешен градоначалник, имал лично искуство во справувањето со бездомните кучиња.
– Законите што ги имаме се комплицирани и со европски стандарди како се обезбедува згрижување на бездомните кучиња што многу тешко може да го постигнат општините. Размислуваме за промена на легислативата за пофлексибилен начин, кој ќе ги почитува меѓународните стандарди за заштита на животот на животните, а Република Македонија ќе може да го спроведе – изјави Заев во одговор на новинарско прашање по денешното потпишување на договорите за модернизација на преносната мрежа меѓу МЕПСО и пет компании во Владата.
Премиерот кажа дека општината Струмица им плаќала огромни суми на компании од Богданци и од Битола, бидејќи во Струмица додека тој бил градоначалник немало центар за згрижување на кучињата-скитници во согласност со стандардите, односно со почитување на правото во согласност со Законот за заштита на животните. Вакви згрижувачки центри има ретко низ градовите во Македонија.
– Овој во Скопје, треба да го подобриме. Мораме да создадеме начин како да се организираме, да ги заловуваме кучињата, кои растат во огромен број. Надлежноста е кај општините, но државата мора да поведе грижа, бидејќи тие немаат капацитети. Еден од начините е преку промена на законодавството за да можат да го реализираат тоа општините во согласност со нивните капацитети, а неопходно е и повнимателно слушање на ветеринарите и експертите и спроведување на нивните укажувања – рече Заев.