Фото: Маја Јаневска-Илиева

Изминативе месеци на нозе се кренаа и граѓаните, излегувајќи на мирни протести за почист воздух. Тие реагираа револтирано, истакнувајќи јасно и гласно дека властите не прават доволно за да најдат решение за загадувањето

Скопје повторно се најде помеѓу најзагадените градови во светот. Според страницата „Ер вижуал“, тој вчера беше на осмото место помеѓу градовите од Индија, Пакистан, Бангладеш и од Кувајт. По овие поразителни информации, како и по европскиот извештај, властите како да се глуви кога станува збор за справување со загадувањето. Невладините организации велат дека индустриите се неистражени, граѓаните, од друга страна, пак, сметаат дека со загадувањето најдобро може да се справат само дождот и ветрот.

Податоците од страницата „Ер вижуал“ покажуваат дека во земјава со најголема загаденост се соочуваат градовите Куманово, Кавадарци и Битола. Во Скопје, пак, најзагадени општини се Карпош, Бутел и околината на Ректоратот. За Скопје, просекот на дневниот индекс на квалитет на воздухот од 9 до 15 часот изнесува околу 150, што е трипати повеќе од дозволеното. Највисоките измерени концентрации за ПМ 2,5 честиците изнесувале 133,2, а за ПМ 10 честиците 299,4 микрограми на кубен метар.

Инаку дозволените нивоа на загадување изнесуваат околу 25 за ПМ 2,5 и 50 микрограми на кубен метар за ПМ 10 честиците. Овие вредности претставуваат многу високо ниво на загаденост, тоа значи дека во овој временски период Скопје имал екстремна загаденост на воздухот. Според податоците од „Ер вижуал“, записите за загадувањето во Скопје покажуваат дека и претходната недела поголемиот дел од неа во градот имало високо ниво на загаденост.

Изминативе месеци на нозе се кренаа и граѓаните, излегувајќи на мирни протести за почист воздух. Но поради повторното зголемено загадување некои од граѓаните и револтирано реагираа, истакнувајќи јасно и гласно дека властите не прават доволно за да најдат решение за загадувањето.

– Предлог-мерките на метар ладата за забрана за возење постари автомобили во време на високо загадување не се соодветни. Што ако се издвојат пари за да се ставаат налепници по кои ќе се знае кој автомобил колку загадува? Еве и јас имам постар автомобил, а сакам да не загадува. Да имав пари ќе издвоев и ќе имав автомобил што не загадува. Сите мерки што ги гледаме не се мерки за борба со загадувањето туку се мерки што се применуваат кога тоа е алармантно.

Нашите власти тука се справуваат со ефектите од загадувањето не со самото загадување. Еве ќе се гасифицира Скопје, во ред и јас велам дека треба. Прочитав дека цената за користење на гасот ќе зависи од тоа колку ќе бидат приклучени. Па до кога така? И што ќе ми е гасификација ако не можам да си дозволам да ја користам. Треба да имаме евтини услуги што ќе можат сите да ги користат, пропорционални на нашите плати. Според тоа, треба да имаме пофреквентен, попристапен и поевтин јавен транспорт, поевтино парно, сѐ треба да е поевтино. Затоа сметам дека само се чека на дождот и ветрот, тие можат успешно да се справат со загадувањето – вели изреволтиран граѓанин.

Иако најновиот извештај на ЕУРОСАИ покажа дека најголеми загадувачи претставуваат индустријата и домаќинствата, властите велат дека податоците што се користени за ова истражување се од 2014 година, но и дека биле анализирани само ПМ 10 честичките.

Но повторно останува прашањето, како може да се спроведува некаква сериозна национална стратегија за справување со загадувањето кога не постои истражување во кое се вклучува и индустријата како загадувач? Сите досегашни истражувања не ја третираат индустријата како загадувач. Нема истражување во кое таа се истражува и колку таа загадува. Од невладиното здружение „Екосвест“ велат дека добивањето информации и мерења за индустриите се скоро невозможни. Тоа значи дека моменталната стратегија врз која се води справувањето со загадувањето на воздухот е нецелосна и со несоодветен пристап. Решавањето на загадувањето може да се овозможи само преку систематски пристап и кога се пристапува кон сите видови загадувачи. Ова го тврдат невладините организации, експертите за заштита на животната средина, но и самите власти.


Додека Скопје се задушува, Гостивар промовира слободни пешачки зони

Гостивар од неодамна поведе иницијатива „Ден без автомобили“. Локалната самоуправа за време на акцијата најави дека централното градско подрачје ќе биде забрането за сообраќај. Целта на акцијата е издигање на свеста кај граѓаните за намалување на загадувањето на воздухот. Иницијативата ја поведе градоначалникот Арбен Таравари, а ќе се спроведува со полициската станица и невладини организации.
Вчера во Гостивар беа забранети за сообраќај повеќе сообраќајници во централното градско подрачје. Реализацијата на акцијата беше потпомогната и од полициски службеници. Општинската власт побара од граѓаните да покажат разбирање и упатија апел за нивно вклучување во оваа чувствителна активност со тоа што нема да ги користат моторните возила без поголема потреба, тој ден и воопшто.


Куманово најзагаден град во Македонија

Ако Скопје вчера се најде на осмото место на најзагадени градови во светот, Куманово беше најзагаден град во Македонија. Нивото на ПМ 10 честичките изнесуваше 242 милиграми на кубен метар. Ноќта, пак, во неделата ПМ-честичките беа осум пати повеќе над дозволеното и се движеа помеѓу 411 и 380 микрограми на кубен метар. Кумановци се жалат на мирис од чад и на специфичен продорен мирис што се шири, па поради тоа бараат од надлежните засилени инспекциски контроли. Претходно во неколку наврати во годината, општината изврши аеросолизација, применувајќи еден од методите со кои се намалува загадувањето на воздухот. Во изминатите денови ЈП „Чистота и зеленило“ ги миеше улиците во ноќните часови, што е исто така дел од мерките за намалување на загадувањето. Садење садници и засилени инспекциски контроли се меѓу итните и вонредни мерки на општината Куманово, за што се заложија советниците на една од одржаните седници, а често беа и барања на граѓаните. Овие краткорочни и среднорочни мерки не помогнаа многу за намалување на загадувањето во Куманово, па, така, тој сепак вчера беше најзагаден град во Македонија. Стручни лица, но и граѓаните сметаат дека гасификацијата на домаќинствата и големите потрошувачи е клучна за да се намали загадувањето на воздухот во овој град.
Општината Куманово субвенционира 10.000 денари за секое домаќинство што ќе се приклучи на гасоводната мрежа. Неодамна, пак, Министерството за здравство најави дека болницата каде што е лоцирана мерната станица ќе се гасифицира.