Од ден на ден и од година на година сѐ повеќе граѓани се откажуваат од јавниот градски превоз од различни причини, а за пет години ЈСП изгубило осум милиони патници. Некои избегнуваат јавен превоз поради доцнењето на автобусите, други поради турканиците, а некои поради неквалитетните автобуси и немањето билет за едно возење
Иако надлежните од градот апелираат граѓаните повеќе да го користат јавниот превоз за да се намали загадувањето на воздухот, се чини дека тие сѐ повеќе избегнуваат да влезат во автобус. Од ден на ден и од година на година сѐ повеќе граѓани се откажуваат од јавниот транспорт од различни причини. За некои тоа е доцнењето на автобусите по автобуските станици, за други турканиците во утринските часови, особено во деновите на бесплатен превоз за одредени категории граѓани. Трети велат дека станува проблематично возењето со автобус, особено кога има протести, а тие заглавуваат во метежот и никаде не може навреме да стигнат. Корисниците на јавен превоз ги иритира и тоа што автобусите се расипуваат и често ги оставаат патниците на половина пат. Не е непознато дека многумина се откажуваат од возењето со автобус на ЈСП откако се укина можноста да се купи билет само за едно возење.
За ЈСП „Скопје“ намалениот број на патниците е релативна работа и резултат на развојните политики на градот за користење алтернативен транспорт. Но затоа, пак, извештаите на претпријатието за превезени патници со бројки потврдуваат дека низ годините бројот на патниците се намалува. Тоа го покажа и неодамнешниот извештај за работењето на претпријатието, во кој за периодот јануари – јуни 2019 година се презентирани податоци за превозните капацитети, физичкиот обем на услуги, инвестициите во основни средства, вработените и остварените финансиски резултати од работењето. Според овој документ, бројот на превезените патници е намален за 1,3 отсто. Искажано во бројки, во првите шест месеци од 2018 година биле превезени 22.556.530 патници, додека за шесте месеци од годинава имало 22.271.180 патници или 285.350 патници помалку од лани. Автобусите на ЈСП „Скопје“ во првото полугодие од 2019 година во линиски превоз на патници имаат поминато вкупно 8.848.850 километри, што е за 2,1 отсто помалку во однос на истиот период минатата година. Во анализите низ бројки ќе видиме дека во 2008 година ЈСП имало 48.302.000 превезени патници, додека во 2018 година 32.022.326 патници, што значи дека само за пет години се изгубени осум милиони патници или за десет години двојно повеќе. Зошто опаѓа интересот за јавниот превоз, ЈСП „Скопје“ веројатно има свои анализи.
– Она што најмногу ме иритира е доцнењето или редуцирањето на автобусите на одредени линии особено во викендите, потоа немањето врска помеѓу одредени населби и општини, бидејќи со години линиите се непроменети. Да не зборувам за турканиците, за нефункционирањето на клима-уредите во лето, за пешачењето да ги дополниме картичките, за ограничувањето на билетот за десет возења на 15 дена, а особено за расипувањето на автобусите. Даваме пари однапред за потоа да добиеме неквалитетна или лоша услуга. Ете, минатиот петок, после работа, ми се случи автобусот на линијата со бројот 57 да се расипе на Бит-пазар, па сите останавме пред поликлиниката со надеж, како што ни рече возачот, дека ќе нѐ земе неговиот колега од автобусот што сообраќаше по него. Но тој дојде полн и нѐ остави да се снаоѓаме кој како знае – вели револтирана скопјанка.
Доколку продолжи трендот на намалување на бројот на патниците, многу веројатно е дека скопскиот јавен превоз ќе ја заврши 2019 година со најмал број превезени патници во последниве шест години.
– Во случајов, ЈСП „Скопје“ смета дека тоа веројатно се должи на развојните политики на градот Скопје за користење алтернативен вид превоз (велосипеди, тротинети и слично). Ви напоменуваме дека податоците за бројот на превезени патници не ја отсликуваат реалната состојба со оглед на начинот на кој се добива бројката на корисници на јавниот превоз. Имено, од јануари 2017 година, бројот на превезени патници се утврдува со АВЛ-системот (со валидирање на патниците со електронска картичка), додека претходно, бројот на превезени патници се утврдуваше според статистички методи т.е според количеството продадени билети и утврдениот просечен број патувања. Што значи и во двете ситуации, бројот на превезени патници не е реален (точен), сигурно е поголем, имајќи предвид дека има значителен број патници што се возат без билет, односно не се валидираат, како и патници што поседуваат билет, но од ним познати причини не се валидираат. Доказ за тоа се стотиците регистрирани такви престапи од страна на линиската контрола – велат од ЈСП.
Но какви и да се анализите на претпријатието, корисниците имаат свои причини зошто не користат јавен превоз, а особено тој е недостапен за сите што доаѓаат од внатрешноста, како и за туристите, бидејќи ЈСП многу доцни со билетот за едно возење, како што доцни и со дополнувањето на електронските картички преку сопствените сметки на корисниците од својот мобилен или домашен компјутер. Одењето пеш до билетарници и трафики, особено барањето дежурни билетарници во викендите, ги замори граѓаните што поседуваат картички „скопска“.