Фото: Маја Јаневска-Илиева

За еден месец во Скопје почнува грејната сезона, а граѓаните се прашуваат кои конкретните мерки ќе ги преземат надлежните за справување со загадувањето. Лошото искуство од минатата година, кога се труеја од загаден воздух, сега го наметнува прашањето дали годинава ќе биде поинаку. Градот минатата година често беше еден од најзагадените во Европа. Освен во Европа, Скопје во зимскиот период беше во топ листата на најзагадените градови во светот, а во јануари, според листата на „Ер вижуал“, го достигна и првото место. Но во земјава на листата на градови што имаа енормно загадување беа Тетово, Куманово, Битола и Струмица. Загаденоста на воздухот беше огромна низ цела Македонија, а штетните честички во воздухот достигнуваа и до 16 пати над дозволеното ниво. Во одреден период и Струмица беше еден од најзагадените градови во Македонија, иако тој е првиот гасифициран град во државата.

Според анализите што ги има направено Министерството за животна средина и просторно планирање во 2017 година, дозволениот број за надминување на загаденоста на воздухот беше 35 дена, а кај нас имаше 185 дена во годината надминување на загадувањето со штетните ПМ10 честички. Според анализите на „Мој воздух“ за 2018 година, надминувањето на средната вредност за ПМ10 честичките над 50 микрограми на кубен метар во Скопје изнесуваше нешто над 200 дена во годината. Овие податоци покажуваат дека загадувањето било присутно речиси преку целата година.

Надлежните лани ветуваа дека ќе го решаваат проблемот со загадувањето преку систематски пристап. Но поразителните резултати и ланските искуства не им влеваат многу надеж на граѓаните, кои сега се прашуваат што ќе преземат локалните власти оваа година за да се намали загадувањето и дали властите гарантираат дека оваа сезона граѓаните ќе дишат почист воздух.

Од Министерство за животна средина и просторно планирање и овој пат, како и претходно, наместо образложение и давање конкретни одговори, нѐ упатија на линкот на „Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година“.
Во оваа програма приоритет му се дава на субвенционирањето прочистувачи за воздух во високообразовните установи, средните и основните училишта и во градинките – субвенционирање на енергетската ефикасност во градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти и субвенционирање на уредување на урбаните зелени површини на градинки, основни и средни училишта и здравствени објекти во општините на територија на градот Скопје. Сумирано, Министерството за животна средина и просторно планирање планира да се справи со загадувањето преку уредување на зеленилото и преку обезбедување парична помош за оние што ќе поставуваат енергетски ефикасни фасади и прочистувачи за воздухот.
Од градот Скопје велат дека периодов се фокусираат на три фундаментални проекти: топловодната мрежа, гасоводот и новиот систем на јавен транспорт. Овие три мерки се среднорочно решение на проблемот на загадениот воздух. За градот Скопје е важно што ја доби топловодната мрежа, бидејќи е заокружен гасоводниот прстен околу градот Скопје и стратегијата за секундарната и терцијарната гасификација се утврдуваат на државно ниво. Со сето ова градот инфраструктурно е подготвен да влезе во тие циклуси.

– На наредната седница на Советот на градот Скопје на дневен ред е одлуката за градски енергетски системи, со што ќе се отвори формална можност за аплицирање пред Регулаторната комисија за добивање лиценца за дистрибуција, а по Нова година за снабдување. Очекувањата се дека некаде кон крајот на оваа или почетокот на идната година, градот Скопје ќе преземе целосната контрола врз топловодната мрежа. Тоа ќе овозможи градот да креира социјални програми што ќе може да им ги понуди на граѓаните, за централното затоплување да биде еден од најеколошките и најевтините начини на затоплување на домовите. Градот Скопје е во финални преговори со Владата за финансирање на новиот систем на јавен транспорт во Скопје. Покрај овие фундаментални мерки, важен аспект во справувањето со аерозагадувањето се значително подобрените перформанси на градската инспекција. Проблемот со аерозагадувањето треба да се разгледува во контекст на Скопската котлина, а не само на ниво на градот Скопје. Анализите покажуваат дека од околните општини Чучер-Сандево, Сопиште, Петровец, Илинден и Арачиново има сериозен инпут на загадување, а досега тие биле надвор од фокусот на јавноста и стручните лица. Градот Скопје ќе инсистира во разговорите со Владата за вложување средства да бидат опфатени и тие општини за да може да се зборува за сеопфатност – велат од градот Скопје.

Но останува да видиме колку сеопфатни мерки ќе бидат преземени и колку успешно Владата и градот ќе се справат со загадувањето преку досега планираното.


Градските дрвја не го решаваат загадувањето?

Бројноста на засадените дрвја во градските средини носи разни предности, како што се ублажувањето на бучавата и прочистувањето на воздухот. Но дрвјата, освен што можат да го прочистат воздухот, можат и да ги запираат штетните ПМ-честички, тврди универзитетскиот професор за урбана дендрологија, доцент доктор Бојан Симовски.
– Колегите од Универзитетот во Ланкастер, Велика Британија уште во 2013 година истражуваа за честичките со различна големина (помал пречник од 1 микрометар, па до 10 микрометри) од согорувањето на горивата од возилата: ПМ1, ПМ2,5 и ПМ10 покрај булеварско зеленило. Според нив, дури до 50 отсто ПМ-честички просечно се задржуваат на лисната маса на широколисните растенија, во овој случај брезите. Меѓутоа, ова врзување на честичките околу лисните влакненца и микрорелјефот на листовите е во голема мера механичко – објаснува Симовски.
Тој исто така смета дека големиот број зимзелени дрвја во град како нашиот може да создадат други проблеми што би оделе во полза на загадувањето.
– Големиот број на дрвја може да биде меч со две сечила, бидејќи засадување дрвореди од зимзелени дрвја со евентуално несоодветно растојание од стебло до стебло, во зависност од дрвниот вид и големината на крошната, може да доведе до попречување на воздушното струење и да направи застој на воздухот преку целата година – зиме да ја задржува студената воздушна маса, а лете да нема свежо проветрување. Последните години тоа делумно ни се случува, веројатно поради изградбата на објекти за колективно домување на многу блиско растојание, но и на сметка на постојното урбано зеленило. А и за нас претставува проблем, затоа што нема доволно проветрување во поширок појас по должината на речното корито и сме сведоци на енормно загадување на главниот котлински град, особено во зимските месеци – појаснува Симовски.