Граѓаните може да аплицираат за субвенции за чистење оџаци 
 
Град Скопје повторно ќе доделува субвенции на домаќинствата и на други објекти за чистење оџаци, како една од мерките за намалување на последиците од загадувањето на воздухот. Надлежните велат дека јавниот повик е во тек и дека граѓаните и правните субјекти веќе можат да аплицираат.
– Со оваа мерка Град Скопје ќе надомести дел од трошоците на домаќинства и на други субјекти за чистење на оџаците, во нето-износ најмногу до 1.200 денари, а за субвенции можат да достават барање физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Град Скопје. Изминатите години субвенцијата беше во износ најмногу до 1.000 денари. Досега за субвенции за чистење на оџаците се доставени 56 барања од граѓаните, а јавниот повик ќе биде отворен до 30.11.2020 година, по принципот прв дојден прв услужен, односно до реализирање на средствата предвидени за оваа намена со буџетот на Град Скопје за 2020 година – информираат од Градот.
Исплатата на средствата ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати пријави, по донесување на решенијата за усвојување на барањата од градоначалникот на Град Скопје. 
 
Ќе се реконструира плочникот во Порта Влае
 
Во завршна фаза е подготовката на основниот проект за партерно уредување, односно реконструкција на пешачка зона на станбено-деловниот комплекс Порта Влае. Надлежните од Карпош информираат дека по повеќе децении, конечно ќе започне обновата на плочникот, кој се простира на површина од околу 13.500 квадратни метри.
– Реконструкцијата ќе се одвива во неколку фази, а по почетокот градежните активности ќе се изведуваат во континуитет. Покрај замената на горниот дел (плочникот), ќе се направи и целосна обнова на хидроизолацијата, за да се спречи протекување на вода во подрумските или гаражните делови. Овој плочник со години е руиниран, иако претставува центар за движење и комуникација на повеќето граѓани што живеат во Порта Влае, но и во околните населби. Постоењето на повеќе угостителски објекти и мали бизниси придонесува за зголемена фреквенција на плочникот, со што потребата за негова обнова е повеќе од потребна – коментираат од Општина Карпош.
Оттаму велат дека очекуваат градежните активности на овој потег да започнат на почетокот на есента.