Почнува теристично прскање против комарци
Прскањето против комарци од земја почнува денеска, а ќе трае до петок, 12 јуни 2020 година. Град Скопје ги известува граѓаните дека теристичната дезинсекција ќе се врши во периодот од 22 до 3 часот наредниот ден. Надлежните истакнуваат дека доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, таа ќе се реализира во истиот термин првиот нареден ден, кога условите ќе бидат поволни. Од Град Скопје ги известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Пробно се возеа новите екоавтобуси
Новите екоавтобуси на ЈСП „Скопје“ почнаа пробно да се возат низ градските улици и, како што најавуваат надлежните од градот, наскоро ќе станат дел од јавниот транспорт на Скопје.
За време на продолжениот карантински викенд се вршеше обука на возачите и секојдневно се обучуваа по пет возачи, така што, заклучно со вчерашниот ден, беа обучени вкупно 25 возачи. Како што најавија од градот, обуките на возачите на новите автобуси што пристигнаа од Хрватска ќе продолжат и во наредниот период.
-Досега во Скопје се стигнати 13 нови екоавтобуси, десет единечни и три зглобни, а во текот на наредната недела ќе пристигнат уште три нови автобуси, два зглобни и еден единечен. Единечните автобуси се со капацитет за 81 патник, а зглобните за 149 патници. Набавката на новите екоавтобуси чини 10 милиони евра, а парите се обезбедени преку кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) – информираат од Град Скопје.
Се изврши дезинфекција на кејот на реката Вардар
За да се заштити здравјето на граѓаните од ширењето на коронавирусот и да се издигне нивото на јавната хигиена, екипите на Град Скопје и екипите на Противпожарната бригада на Скопје повторно спроведоа голема акција за миење и дезинфекција на кејот на реката Вардар. Миењето се реализира со цистерни со специјално средство за дезинфекција на јавните површини на кејот на Вардар, а се дезинфицира и урбаната опрема.
– Град Скопје континуирано реализира активностите за чистење и дезинфекција на јавните површини во градот за да се издигне нивото за јавната хигиена и да се заштити здравјето на граѓаните од ширењето на коронавирусот. А во текот на изминатиов период ЈП „Комунална хигиена“ секојдневно спроведува машинско миење со автоцистерни и дезинфекција на поголемите улици и булевари во сите скопски општини, како и рачно миење и дезинфекција на најфреквентните јавни површини во централното градско подрачје. Постојано се дезинфицираат и садовите за собирање отпад поставени на територијата на градот Скопје – подземните и надземните контејнери и нивната микролокација-информираа од градот.